Вработените во културните институции од утре на протест поради неисплаќање на мартовската плата

Вработените во културните институции од утре почнуваат со протести кои нема да запрат се до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори.

Како што најави на денешната прес-конференција претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска, тужбите за задоцнета исплата на плата во моментот се процесуираат.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот.

-Платата за месец март во културата не е исплатена. Сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата се уште немаат земено плата. Добив повик од кабинетот на министерката за култура каде ми соопштија дека денеска во 13 часот треба да имаме состанок во Министерството за финансии. За што ќе биде точно состанокот не сум информирана, меѓутоа веднаш после тоа од институциите за култура добив повици во коишто кажуваат дека вработени од Министерството за култура им се јавувале во институциите и кажувале платата да се исплати без усогласувањето согласно колективните договори, посочи Атанасовска на прес-конференцијата пред Министерството за култура.

Според Атанасовска, за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.

-И денес на 18 април плата за месец март се уште нема. Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата, додаде Атанасовска.

Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.

-Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана културна работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк, појасни Атановска.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов на прес-конференцијата денеска посочи дека платите треба денеска да се исплатат согласно колективниот договор. Во спротивно, како што рече, од утре почнуваат протестите.

Тој напомена дека од денеска ќе зависи дали тие протести ќе бидат само пред Министерството за култура или и пред Министерството за финансии.

-Пред две недели бевме тука и слушнавме дека министерката за култура дава целосна поддршка и го зборува тоа што го зборува и синдикатот – платите во културата растат за 12 проценти. За жал, две недели подоцна тоа се уште се нема случено и ние сме загрижени дека мерењето на политичката сила на грбот на овие работници е неприфатливо и не смее да се случи во едно демократско општество. Се разбира дека ССМ во изминатиот период покажа дека нема да молчиме и покрај сите притисоци што ги добиваме и ние во ССМ, меѓутоа и синдикатите, рече Трендафилов.

Тој ја повика министерката за култура денеска да направи максимални напори платите до крајот на работното време да легнат на сметките на вработените во култура.

-Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и други ден и така се’ до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата, а платата веќе сме си ја изработиле а ја работиме и новата плата за месецот кој треба да го добиеме во месец мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено 15 дена пред избори. Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не не’ плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне во текот на утрешниот ден започнуваат протестите, додаде Трендафилов.

Ковачевски: Со враќање на ВМРО-ДПМНЕ дозволуваме сигурна блокада на Македонија

Со враќање на ВМРО-ДПМНЕ дозволуваме сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии.

„Враќање на ВМРО ДПМНЕ на власт значи режим во најава, сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии. Ако го дозволиме тоа, ќе ѝ се нанесе огромна штета на државата“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од Првомајскиот пикник што денеска се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тој ги повика граѓаните и сите прогресивни сили во земјата, кога ќе излезат на гласање на 8-ми мај да имаат предвид дека преголема моќ за десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ ќе претставува сериозна закана за иднината на земјата.

„Ако десничарска партија како ВМРО добие таква моќ, со сите државни ресурси на располагање, може да се соочиме со крајот на нашата европска перспектива. ВМРО ќе ја одложува евроинтеграцијата до недоглед како што тоа го правеше Груевски. Затоа, во среда, една недела од денеска, сме исправени пред уште една голема одлука – дали ќе го дадеме нашиот глас за да одиме напред, во европска иднина, или ќе гласаме за да се вратиме назад и да го вратиме режимот кој нѐ гушеше 11 години“, истакна Ковачевски.

Лидерот на СДСМ им порача на граѓаните дека ова се исклучително важни избори за европската иднина на државата.

„Гласот ЗА е глас за сигурна, безбедна и европска иднина на Македонија. Гласот ЗА е глас за инвестиции во иднината на земјата, не за жални врби, стиропор и фонтани. Со гласот ЗА ќе обезбедиме подобри услови за живот тука, во Македонија, за нашите деца, внуци и идните генерации да си останат дома и тука да си ја бараат среќата. Друга татковина ние немаме“, рече Ковачевски.

Кинескиот носач на авиони „Фуџиан“ ги започна своите први поморски испитувања

Третиот кинески носач на авиони „Фуџиан“ утринава ги започна своите први поморски испитувања.

Бродот го напушти бродоградилиштето во Шангај околу 8 часот наутро. Поморските испитувања првенствено ќе ја тестираат доверливоста и стабилноста на погонските и електричните системи на носачот на авиони.

Од неговото лансирање во јуни 2022 година, „Фуџиан“ ги заврши пробите за прицврстување, местење и прилагодувања на опремата. Според кинеската агенција, тој ги исполни техничките услови за почеток на поморски испитувања. /МИА

Поведена истрага против осомничен за трговија со дрога и психотропни супстанции во Скопје

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

-При претрес во домот каде престојувал осомничениот 36-годишник во Скопје била пронајдена и одземена наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од 56,40 грама и 15 семки кои потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род канабис, еден шприц со остатоци од хашиш смола, едно полиетиленско пакување со наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 10,40 грама, пет полиетиленски пакувања со психотропна супстанца – амфетамин со вкупна нето маса од 5,13 грама и едно полиетиленско пакување со психотропна супстанца MDMA со вкупна нето маса од 0,45 грама. Дрогата и психотропните супстанции зедно со три дигитални ваги биле пронајдени и одземени од овластени службени лица, соопшти Јавното обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

притисни ентер