Киев ја забрани употребата на Телеграм од страна на армијата и официјалните лица

„Русите лесно го хакираат“.

Украинскиот Совет за одбрана и национална безбедност објави дека ќе ја забрани употребата на „Telegram“, популарната апликација за пораки основана од Русинот Павел Дуров, на деловните електронски уреди на повеќето нејзини војници и офицери, сомневајќи се дека руските служби имаат пристап до пораките. .

„Донесена е одлука да се забрани инсталирањето и употребата на „Telegram“ на службените уреди на владини претставници, воен персонал, вработени во безбедносниот и одбранбениот сектор, како и на компании кои управуваат со критична инфраструктура“, се вели во соопштението на Советот.

Војската „често го користи за да разговара за доверливи оперативни прашања“, изјави за АФП висок функционер на украинската безбедност, кој сакаше да остане анонимен. „Тоа е голем извор на протекување информации бидејќи Русите многу лесно ја хакираат апликацијата „Telegram“ “, објасни тој.

Вработените од кои се бара да користат „Telegram“ како дел од нивните должности, особено за дистрибуција на официјални соопштенија за печатот, не се опфатени со ова правило, појаснуваат од Советот, бидејќи апликацијата е главниот канал за комуникација помеѓу војската и јавните органи.

Оваа одлука е донесена за време на состанокот за „заканите по националната безбедност“ што ги носи апликацијата, додава Советот, институција под надлежност на украинското претседателство.

Шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов презентираше „потврдени информации“ кои покажуваат дека руските разузнавачки служби „имаат пристап до личната кореспонденција на корисниците на „Telegram“, дури и до избришаните пораки, како и до нивните лични информации“, според Советот.

И претставници на украинските безбедносни служби тврдат дека Москва користи „Telegram“ за сајбер напади или геолокација на корисници.

Хајди Клум блесна во кожени панталони, привлече внимание со чанта од 26.000 евра

Германскиот супермодел Хајди Клум се појави на снимањето на шоуто „America's Got Talent“ во Пасадена, во кое таа е член на жирито.

51-годишната поранешна манекенка и ТВ водителка се појави во црни кожени панталони, бела маица и црна јакна. Комбинацијата ја комплетираше со црни потпетици, ланче и очила за сонце, а вниманието го привлече со раскошна чанта.

Станува збор за чанта „Hermès“, поточно моделот „Birkin Quadrille“, чија цена се движи од 27.500 до 30.000 долари (24.000 до 26.000 евра).

Да потсетиме, Хајди неодамна позираше на црвениот тепих со колешката од шоуто, актерката Софија Вергара, а со своите изданија мамеа воздишки. Инаку, Хајди е позната и како кралица на Ноќта на вештерките поради необичните костими, а неодамна објави видео во кое покажа дел од костимот за овогодинешната прослава.

Остин во разговор со Галант ја истакна потребата за дипломатско решение за заканата од Хезболах

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин претходно денеска разговарал со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, соопшти Пентагон.

Остин ја „повтори својата загриженост“ поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Хезболах, се наведува во соопштението, и ја нагласи вербата на САД во „важноста од постигнување дипломатско решение што ќе им овозможи на жителите безбедно да се вратат во своите домови од двете страни на границата“.

Тој му рекол на Галант дека САД продолжуваат да вршат притисок за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ја потврдил посветеноста на САД за безбедноста на Израел. /МИА

Германија поднесе кандидатура за домаќин на женското ЕП 2029 во фудбал

Германија е кандидат за домаќин на Европското првенство во фудбал за жени во 2029 година, соопшти денеска Германската фудбалска федерација (ДФБ).

Претседателот на ДФБ, Бернд Нојендорф изјави дека германската кандидатура е „главен проект“ на федерацијата и дека ќе му даде „дополнителен поттик“ на женскиот фудбал во Германија.

Противкандидати на Германија за организација на завршниот турнир се Португалија, Данска и Шведска.

Европската фудбалска унија (УЕФА) официјално ќе го објави името на земјата домаќин во 2025 година.

Генералниот секретар на ДФБ, Хајке Улрих, ја смета Германија за „сигурен домаќин со одлична стадионска инфраструктура и одлична соработка меѓу градовите домаќини и локалните власти“.

Германија беше домаќин на Европското првенство за мажи во 2024, а го организираше ЕП за жени во 1988 година, во Западна Германија и во 2001 година. /МИА

притисни ентер