Обвинителството предложи сведоци кои наводно донирале сопствени средства на партијата со цел, како што рече обвинителката, да објаснат на кој начин го вршеле тоа и под кои околности. Освен овие Ристоска предложи и сведоци кои работеле како благајници,раководители, и лица кои се одговорни за спречување на перење на пари во банките.
Меѓу овие, одбраната предлага да бидат сослушани сведоци преку кои се правеле уплатите на сметката на ВМРО-ДПМНЕ и лица кои го воделе сметоводството на партијата.
Еден од обвинетите во предметот пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на денешното рочиште побара одложување на расправата поради тоа што две од поротничките навршувале 60 години старост и дека тоа е основа за престанок на функцијата со што судењето би почнало отпочеток повикувајќи се на Законот за судови, за што рече дека ќе го информира и претседателот на судот Иван Џолев.
Барањето за одложување не беше прифатено од судијата Осман Шабани кој рече дека овие околности не се во доменот на судечкиот совет поради што нема пречки расправата да биде одложена.
Обвинтиелниот акт за овој предмет беше поднесен во ноември минатата година, а судскиот процес стартуваше во јануари годинава, но предметот се уште не ја почнал главната расправа.
По денеска предложените материјални и вербални докази, на следното рочиште кое е закажано за 23-ти декември се очекува обвинителството и одбраната да ги дадат своите воведни говори.