За да се забрза изборниот процес на избирачките места наместо пет ќе има по седум лица, вели Даштевски во интервју за МИА, со што откако ќе заврши гласањето на 8 мај, според него, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ.
-Ние презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика, обезбедивме таблоиди наместо компјутери некаде за да одат побрзо податоците и сега тоа е втората работа. Морам да кажам дека со оглед дека се двојни избори не може да биде толку ефикасно, меѓутоа секако дека ќе биде прилично ефикасно и во вториот круг,- изјави – Александар Даштевски – Претседател на ДИК.
На денот на двојните избори граѓаните ќе можат на гласачкото место да дојдат само еднаш. Имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори. Упатството за ваквиот начин на гласање кое беше донесено е со цел потранспарентна работа на ИО, ќе се има и јасен увид за излезноста на двата паралелни процеса.
-Кога ќе дојде постапката прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди гласа. Е сега кога ќе дојде и кога ќе го праша овој што е на уредот ќе го праша дали сакате да гласате за едни, односно за првите за претседателските или за парламентарните или сакате да гласате за двата и за претседателските и за парламентарните, бидејќи тоа после нема да можете да го направите,- изјави – Александар Даштевски – Претседател на ДИК.
Инаку вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување болни или изнемоштени гласачи да ги посетат своите домови на 7 мај и да гласаат на парламентарните избори. Пријавувањето се врши во општинските изборни комисии и важи само за парламентарните избори, а прифатените барања на болни и изнемоштени лица да гласаат на претседателските избори на 24 април важат и за вториот круг од претседателските избори.