Четврток, 6/19 декември 2024 лето Господово
Возљубени во Христа браќа и сестри, верници од богочуваната Дебарско-кичевска епархија,
Во овој празнично благословен, но за нас и таговен период на напрегнато молитвословење и бдеење, кога со непрестајни молитви и свештени заупокоени богослужби ја испраќаме во вечните рајски обители душата на нашиот почитуван и сакан досегашен надлежен архиереј, блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, сакаме најнапред да ја изразиме својата длабока благодарност кон сите вас, верните чеда на епархијата кон којашто припаѓаме, кои со љубов, почит и ревност учествувате во молитвите за негов вечен спомен. Секојдневно во нашите манастири
се принесуваат заупокоени Литургии и помени за неговата душа – како наша христијанска посакувана обврска, но и како благодарност на неговите чеда за долгогодишното архипастирско служење.
Во овој контекст, со љубезност и почит сакаме да ви се обратиме по повод информациите што допреа до нас, за некакво самоиницијативно собирање потписи меѓу верниците во насока на поддршка нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, да биде избран за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Со благодарност ги цениме вашата искрена намера, вашиот срдечен одѕив и љубовта кон нашиот Старец кој целиот свој живот самопрегорно и пожртвувано го посвети на служењето на Бога, на Неговата Света Црква и на татковината наша Македонија.
Сепак, со потполно разбирање за вашата побожност, подготвеност и одговорност, почитувани браќа и сестри, според благословот и на молба од нашиот Старец, владиката г. Партениј, ве замолуваме со најдлабока љубов и доверба да го примите нашиот апел и да се престане со оваа иницијатива. Свесни сме дека вашиот чин произлегува од искрени намери и чест и дека како членови на народот Божји и како рамноправни граѓани вие имате загарантирано право за ваков потфат, но во духот на свештеното црковно предание, сметаме дека ваквото дејство не е неопходно. Нашата света помесна Македонска православна црква – Охридска Архиепископија, предводена од нашиот секогаш почитуван Блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан и од Светиот Синод, ја има од Бога доверената одговорност да го избере новиот митрополит на оваа историска и благословена епархија.
Ние, монасите на Свештената Бигорска Обител и монахињите од манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино, воспитани од нашиот Старец и учител во монаштвото г. Партениј во духот на блаженото послушание, љубовта и лојалноста кон нашата Света Црква, секогаш цврсто сме посветени на патот на монашкиот живот и на црковното служење. Како такви, со смирена љубов и преданост, отворено стоиме на располагање за нашата Света Црква во секој час и за секоја потреба. Во ова време на молитвено бдеење за душата на нашиот блаженоупокоен Митрополит Тимотеј, со вера и надеж се молиме за избор на достоен наследник, што ќе биде единствено според волјата на Светиот Дух, а според тоа – единствено за добробитот на овдешната помесна Црква. Познато е кон што се насочени нашите мисли, желби и молитви – всушност нашата надеж. И тоа не е след само на традицијата на Црквата и на потребата на верниот народ, туку е свесно пројавена грижа за понатамошното опстојување и надградувањето на добро поставената духовна и материјална градба, кои се жртвен принос пред Бога за нашата Света Црква на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, чиешто долгодишно служење, духовната грижа, плодоносната работа и непоколебливата лојалност кон Црквата и кон Татковината го прават беспрекорен пример на пастирска посветеност.
Нашата љубов, приврзаност и молитви се секогаш насочени кон доброто на нашата помесна Црква и кон верниците, коишто се, всушност, живата Црква Христова. Ве замолуваме сите вас усрдно да се молите, за накрај да биде волјата Божја, за доброто на нашата света Црква и за спасението на сите верни души.
Нека Божественото Рождество, што ни претстои, ги исполни вашите срца со радост, мир и просветление. Се молиме Спасителот на светот да нè осветли со Својата неискажлива убавина и да ја укрепи нашата Света Црква во Неговото Име.
Ви испраќаме молитвени благопожелби за добри празници и радосен дочек на Христовото Рождество.
Братството на Бигорски манастир