-Овој викенд Матка и Скопје ќе го соберат врвот на европскиот и светски кајак спорт, кој ќе придонесе за промовирање на природните убавини на Скопје, но и ќе го подигне нивото на кајак спортот и спортот воопшто, изјави директорот на АМС Дарко Каевски.
Тој додаде дека традицијата на одржување на еден од најстарите спортски манифестации во државата секогаш ќе бидат поддржувани од страна на Агенцијата за млади и спорт.
Претседателот на кајак федерацијата Коста Ефтимов зборуваше за се поголемиот квалитет на натпреварувачи на ИКАС, потенцирајќи го планот Матка повторно да ги удостои светската и олимписка кајак елита.
64 натпреварувачи од 10 земји во вкупно 6 категории ќе земат учество на кајак натпреварите, со најава за можност за остварување на добри резултати на македонските кајакари, потенцирајќи ги пред се Ангелче Петрушевски и Христијан Игнатов.
Во натпреварите на Европскиот куп во спуст ќе настапат 44 натпреварувачи од 7 земји, меѓу кои и голем број од водечките имиња во кајак спортот.
Томислав Црнковиќ-претседател на светската спуст асоција имаше само пофални зборови за организацијата и условите кои Матка ги нуди, потенцирајќи дека е Матка една од најстарите патеки во Европа, и една од водечките кајак патеки во светот.
Ме радува фактот за напредок на млади кајакари од државава, кои сериозно грабат на европските кајак листи. Одбележувањето на деценија од првото одржување на тренинг кампот на Матка под водство на врвни инструктори меѓу кои и нашиот Атанас Николовски е новина на кои светската кајак федерација не останува имуна, и остава само простор за пофалба, изјави Црнковиќ.
Квалификациони трки ќе се одржат во сабота од 10 часот, а во 13 часот ќе се стартува европскиот куп во спуст.
Неделата е резервирана за полуфинални и финални трки во слалом .