Викендов 45. Галичка свадба, концерт во пресрет на манифестацијата

Во пресрет на 45. Галичка свадба која ќе се одржи викендов, на платото пред чешмата Упија во Галичник вечер од 22 часот ќе се одржи концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“.

Во пресрет на 45. Галичка свадба која ќе се одржи викендов, на платото пред чешмата Упија во Галичник вечер од 22 часот ќе се одржи концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“, со што ќе почне и Галичкото културно лето.

Во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина, утре со поставување на свадбарското знаме ќе почне 45. издание на Галичката свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.

Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа и Златко Димовски, кои се избрани во конкуренција од четири пара. Дваесет и девет годишната Лепческа изјави дека е особено среќна што е избрана за невеста, затоа што и самата учествувала во оваа манифестација од својата петта година и ја смета за најавтентична и најтрадиционална свадба на сите простори. Димовски, пак, вели добро се подготвил и ги научил свадбарските обичаи кои се карактеристични за галичката свадба. Двајцата работат во приватни компании и живеат во Скопје.

Александар Костиќ претседател на Месната заедница „Галичник“, која е организатор на манифестацијата на прес-конференцијата изјави дека се горди што Галичката свадба од Агенцијата за поддршка на туризмот беше прогласена за најуспешна туристичка манифестација за минатата година, а од Њујорк Тајмс и Нешнл Џиографик за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа.

- Овие признанија се само уште една причина Галичка свадба да продолжи да го негува македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет, рече Костиќ, кој годинава најави збогатени содржини за посетителите на манифестацијата со учество на голем број познати уметници.

Покровител на манифестацијата годинава е премиерот Зоран Заев. Во негово име на младоженците среќа, бериќет и незаборавни свадбарски денови им посака министерот без ресор Роберт Поповски.

- Владата во континуитет ја поддржува Галичката свадба и верувам и очекувам дека таа поддршка ќе продолжи да се зголемува затоа што манифестацијата од година во година добива во квалитет, а тоа го потвдуваат и заинтересираноста на светски тв куќи. Галичник е епицентарот на македонската култура, традиција, обичаи, култура, уметност низ вековите, рече Поповски.

Свадбарските обичаи ќе започнат утре наутро со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови.

На манифестцијата учество ќе земат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе. /МИА

Франција, Германија и Италија бараат одложување на одлуката за прием на Косово во СЕ

Франција, Германија и Италија бараат одложување на одлуката за прием на Косово во Советот на Европа, објави Албаниан Пост.

Франција, на која и се приклучија Германија и Италија, бара да се одложи одлуката за кандидатурата на Косово за членство во Советот на Европа на мајскиот состанок на Комитетот на министри, пишува тирански Албаниан Пост, повикувајќи се на дипломатски извори.

Според истите извори, утре во Стразбур се очекува последната средба на амбасадорите на земјите членки пред состанокот на министрите на кој се очекува да биде донесена долгоочекуваната одлука за Косово, пренесува Бета.

Како што дознава Албаниан Пост, се очекува утре на дневен ред на мајскиот министерски состанок амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа да не го вклучат прашањето за членството на Косово.

Според порталот, иако германската позиција досега не беше јасна, сега се чини јасно дека и Германија зазеде став дека владата на премиерот Албин Курти мора да преземе конкретни чекори во однос на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) за да добие членство во Советот на Европа.

Франција, Германија и Италија веќе се на став дека членството на Косово во Советот на Европа треба да се одложи до моментот кога Владата на Косово ќе ја докаже својата посветеност на спроведувањето на ЗСО со испраќањето на нацрт-статутот до Уставниот суд.

Во написот се додава, дека ваквиот пристап не е поддржан од Обединетото Кралство, според кое прашањето за ЗСО како производ на бриселските преговори не треба да се меша со прашањето за членство во Советот на Европа.

Сепак, и покрај политичката реторика на косовската Влада, која постојано го нагласуваше фактот дека Косово ги исполни сите услови потребни за прием во Советот на Европа, дури и според мислењето подготвено од Дора Бакојани, земјите со одлучувачко влијание како Франција и Италија одамна го информираа Курти дека почетокот на значајни чекори кон имплементација на договорот за ЗСО е непремостлив услов за членство на Косово во Советот на Европа.

Во меѓувреме, Германската амбасада во Приштина денеска соопшти дека е време Владата на Косово да ги убеди земјите членки на Советот на Европа дека заслужува прием во таа меѓународна организација, преземајќи конкретни чекори кон создавање ЗСО. Германската амбасада соопшти дека Квинта групата и другите континуирано нагласуваат дека очекуваат Косово да преземе опипливи чекори за формирање на ЗСО, за да се постигне неопходното двотретинско мнозинство во Комитетот на министри на СЕ, пренесоа приштинските медиуми.

Реакција денеска пристигна и од Амбасадата на Франција во Косово, која соопшти дека со испраќање на нацрт-статутот на ЗСО до Уставниот суд, Косово ќе добие поддршка за прием во Советот на Европа. Во одговор на прашање поставено од kohe.net, од амбасадата велат дека овој нацрт-статут е најдобрата основа што се нуди за формирање на ЗСО.

„Испраќањето на нацрт-статутот на ЗСО на евалуација до Уставниот суд се споменува како еден од јасните чекори што Косово мора да ги преземе за да обезбеди поддршка во Советот на Европа, но премиерот Курти изјави дека Косово не го прифаќа тој план како одвоен од целокупниот план (Брисел и Охрид). Испраќањето на нацрт-статутот до Уставниот суд на евалуација би бил добредојден чекор за да се обезбеди поддршка за членството на Косово во Советот на Европа, се наведува во одговорот на амбасадата.

Состанокот на Комитетот на министри за надворешни работи на СЕ, кој ќе се одржи во средината на мај, е последниот чекор кон конечното членство на Косово во оваа организација, што беше препорачано од Парламентарното собрание на СЕ врз основа на усвоениот извештај на известувачката Дора Бакојани.

Засега се уште не е сигурно дали гласањето за препораките на ПССЕ и приемот на Косово ќе се најдат на дневен ред на Комитетот на министри на 16 и 17 мај. /МИА

Македонскиот атлетичар Вандевски собори државен рекорд од 1975

Македонскиот атлетичар Леонид Вандевски го собори националниот рекорд во дисциплината 2.000 метри стиплчес на меѓународен митинг кој изминатиот викенд се одржа во германскиот град Пилхаузен.

Вандевски заврши осмопласиран, истрчувајќи ја патеката со време од 6:00.49 со што го собори претходниот рекорд на Нехат Алуи (6:16.4) од далечната 1975 година.

Нов македонски рекорд изминатиот викенд постигна и Јован Стојоски во дисциплината 400 метри со пречки.

Стојоски на меѓународниот митинг во словенечки Марибор, Словенија ја истрча делницата со време од 53.65. Претходниот рекорд (55.11) датираше од 1980 година и беше во сопственост на Бранко Илиевски. /MИА

Обид за кражба во простории на објект на Општина Чаир каде се чувал изборен материјал

Во Полициската станица Бит Пазар денеска било пријавено дека три машки лица се обиделе да ја отворат предната врата и капијата на објектот на Општина Чаир, каде што се чува изборен материјал.

Во Полициската станица Бит Пазар денеска било пријавено дека три машки лица се обиделе да ја отворат предната врата и капијата на објектот на Општина Чаир, каде што се чува изборен материјал, но откако биле забележани од полицискиот службеник, кој го обезбедува изборниот материјал, лицата го напуштиле местото.

Како што информираат денеска од МВР, не е причинета штета на капијата ни на изборниот материјал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

притисни ентер