Видео: Кристијано Роналдо доби статуа во музејот во Ријад: „На прв поглед повеќе личи на Меси “

Кристијано Роналдо доби статуа во Саудиска Арабија помалку од една година по неговиот трансфер во Ал-Наср, но многу фанови ја посочија фризурата која наликува на онаа на Лионел Меси.

Имено, во Ријад беше отворен музеј на Роналдо, а во чест на Португалецот беше направена восочна статуа која свечено беше откриена.

Присуствувајќи на откривањето заедно со неговиот постар брат, Роналдо направи неколку фотографии со статуата, но еден детал предизвика фотографиите од статуата да предизвикаат многу контроверзии на социјалните мрежи. Имено, фризурата на статуата повеќе наликува на онаа што претходно ја носеше Лионел Меси, па следуваше лавина од коментари.

„На прв поглед повеќе личи на Меси отколку на него“, „Статуата изгледа пола Меси, а половина Роналдо“ – ова се само дел од коментарите.

Сепак, без разлика колку статуи се направени во чест на португалската суперѕвезда, слободно може да се каже дека ниту една нема да привлече толку критики како онаа што беше откриена на аеродромот во Мадеира во 2017 година.

Бистата не личеше на Роналдо, а 15 месеци подоцна беше заменета.

Македонската дива Калиопи најави јубилеен спектакуларен концерт в сабота во „Борис Трајковски“

Летово Калиопи одржа концерти на Хераклеа во Битола и на Антички театар во Охрид.

Македонската поп-рок ѕвезда Калиопи за во сабота најави јубилеен спектакл во салата „Борис Трајковски“ со којшто ќе одбележи 40 години на сцената. Нејзиниот концерт во Скопје доаѓа по речиси 7 години, а како гости ги најави Слаткаристика, Жељко Самарџиќ и Ромео Грил.

Таа денеска на прес-конференција, во поинаков вид, на кој беше послужен и појадок, кажа дека концертот ќе биде тричасовен спектакл на која ќе ја даде целата своја енергија на публиката, бидејќи, како што кажа, тој флуид и и е најважен.

-Не сум мегаломан, не ми е битен просторот, мене отсекогаш ми била битна публиката. Дали се 100, илјада, 200.000 луѓе во публика, за мене концертот има еднаква важност. Но, го гледам ова в сабота како една арена што ќе биде исполнета со луѓе и емоции и мислам дека ќе прашти од емоции и љубов. Имам малку, не страв, туку респект кон целото случување, затоа што се надевам дека нема да согорам во тие емоции и ќе можам да ви се дадам онака како што ви се давам со години, рече Калиопи.

Калиопи исто така кажа дека имала специјален режим на исхрана како подготовка за овој концерт, при што ја практикувала липосукциската диета и ослабела осум килограми.

Летово Калиопи одржа концерти на Хераклеа во Битола и на Антички театар во Охрид. Концертот во Скопје ќе се одржи во „Борис Трајковски“ в сабота, на 19 октомври, за прв пат во оваа сала, во организација на „Прагма продукција“, со што ги заокружува настапите во земјава и продолжува во регионот. /МИА

За осум отсто зголемено насилството против германските полицајци во 2023 година

Агенцијата за криминалистички истраги со седиште во Визбаден истакнува дека биле регистрирани 46.200 случаи на насилство, при што биле погодени повеќе од 105.000 полицајци.

Германија забележа значителен пораст на насилството врз полицајци во 2023 година, се наведува во денеска објавен извештај на Федералната канцеларија за криминалистичка полиција (БКА), која посочува дека најновите годишни бројки покажуваат раст од осум отсто на физичките напади.

Агенцијата за криминалистички истраги со седиште во Визбаден истакнува дека биле регистрирани 46.200 случаи на насилство, при што биле погодени повеќе од 105.000 полицајци.

„Од 2017 година, бројот на случаи во оваа област континуирано расте“, се наведува во извештајот.

Случаите на опасни и сериозни телесни повреди се намалени за 13 отсто на 1.260.

Полицајците не беа единствените служби за итни случаи кои беа нападнати. Пожарникарите и екипите на брзата помош беа вклучени во повеќе од 2.500 инциденти на насилство, се вели во извештајот. /МИА

Средба на претставници од УСС - УКИМ со министерот Андоновски за повисок студентски стандард

Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ денеска оствари средба со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

На средбата беа дискутирани неколку важни точки, поврзани со подигнување на студентскиот стандард, преку процесот на дигитализација во високото образование, информираат попладнево од УСС - УКИМ.

- Се фокусиравме на следново: дигитализирање на статистички обрасци што ги пополнуваат студентите, во соработка со Државниот завод за статистика и Министерството за дигитална трансформација, со цел побрза и поефикасна размена на податоци меѓу институциите; електронско аплицирање за ЈСП - студентската картичка, како и електронско аплицирање за здравствено осигурување за студентите, со што ќе се елиминира потребата од физичка апликација и непотребни административни процедури; воведување исклучиво електронски упис на студентите на факултет што ќе ја олесни процедурата за новите генерации; иницијатива за дигитализација на книгите за запишани и дипломирани студенти, обезбедувајќи трајна заштита и лесен пристап до овие документи, се наведува во соопштението.

Со овие иницијативи, како што се додава, се цели да се поедностави и модернизира секојдневната редица од студенти и работата на образовните институции. Се додава дека ова ќе ги намали времето и ресурсите потрошени на бирократски процеси и ќе придонесе кон зголемена транспарентност и ефикасност.

притисни ентер