Били Кристал, Парис Хилтон и други останаа без покрив над главата во пожарите во Лос Анџелес

 Бројни познати личности се огласија за пожарите што зафатија делови од Лос Анџелес и ги погодиле нивните домови.

Повеќе од 130.000 луѓе беа принудени да се евакуираат поради пожарот, додека ветровите дополнително придонесуваат за ширење на пожарот. Најтешка е ситуацијатао во една од најбогатите населби во САД, Пацифик Палисадес.

Актерот Били Кристал и неговата сопруга Џенис за Еј-Би-Си Њуз изјавиле дека ја изгубиле куќата во таа населба.

-Зборовите не можат да го опишат обемот на уништувањето. Чувствуваме тага за нашите пријатели и соседи кои исто така ги загубија своите домови и бизниси во оваа трагедија. Џенис и јас живееме во таа куќа од 1979 година. Ги одгледавме нашите деца и внуци таму. Секој дел на нашата куќа беше исполнета со љубов, рече тој.

Во пожарот домот го загуби и американската актерка и пејачка Парис Хилтон. Нејзиниот претставник потврди дека нејзината куќа е уништена.

Актерката Џејми Ли Кертис рече дека нејзиниот дом е безбеден, но дека целата населба ја нема.

-Толку многу луѓе изгубија сè. Помогнете каде можете. Ви благодариме на спасувачките тимови и пожарникарите, напиша Кертис на Инстаграм.

Синот на актерската двојка Том Хенкс и Рита Вилсон, Чет Хенкс, на Инстаграм напиша дека населбата во која пораснал гори до темел.

Актерката Менди Мур се соочува со пожарот во Итон, каде на 52.000 луѓе им е наредено да се евакуираат. Нејзиниот дом се наоѓа во населбата Алтадина, а актерката им се заблагодарила на пријателите кои на нејзиното семејство му обезбедиле сместување за време на евакуацијата.

Фокус на културниот туризам, развој на креативните индустрии и одлуката за снимање филм за Тоше

Фокус на културниот туризам, развој на креативните индустрии и одлуката за снимање филм за Тоше оставија белег на културната сцена.

Спојување на културата со туризмот и мапирање на креативните индустрии, ја одбележаа изминатата година во полето на културата. Фокусот беше ставен и на донесување на измените на Законот за култура, којшто се однесува на изградбата на Универзалната сала и со кој се решава работниот статус на вработените.

Министерството за култура за првпат го презеде секторот туризам од Министерството за економија, а програмските активности во овој дел треба да почнат од годинава. Целта е да се развиваат програми што ќе придонесат за подобрување и презентација на културното наследство, екологијата, но и за зголемување на туристичките капацитети.

Според министерот за култура и туризам Зоран Љутков, културниот туризам може да биде еден од најплодните и најинтересните средства со кои би се изразил дијалогот меѓу културите и цивилизациите.

Следствено на ова, се јавува и потребата од развој на креативните индустрии, поради што минатата година беше потпишан меморандум за соработка со Британскиот совет, а објавен е и конкурсот за поддршка на проекти од областа на креативните индустрии.

Во декември минатата година, беа донесени и измените на Законот за култура. Согласно овие законски измени, покрај националните, ќе бидат опфатени и локалните установи во областа на културата во годишната програма за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните. Ова најмногу се однесува на изградбата на Универзална сала, при што со оваа измена ингеренциите ги презема Министерството. Од Министерството велат дека остануваат уште одредени делови да се решат во однос на Универзалната сала и ќе може да се распише тендерот за да продолжи изградбата.

Она што останува актуелно во доменот на културата во нашата држава, е титулата Скопје - Европска престолнина на културата за 2028 година.

Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, важно е со титулата Европска престолнина на културата за 2028 година да се врати сјајот и идентитетот на Скопје. Тој на брифингот со новинарите информираше дека веќе стигнуваат интересни иницијативи во однос на програмите.

- Се обидувам колку е можно да одржиме некоја нормална комуникација со градот да ја задржиме таа титула. Се појавуваат некакви иницијативи и стравови дека можеме да ја загубиме титулата, тоа би било погубно, бидејќи никогаш не се случило во историјата на Европа да се одземе оваа титула од одреден град, потенцираше Љутков.

Како што посочи, важно е со титулата Европска престолнина да се врати сјајот и идентитетот на Скопје.

Според најавите, се очекуваат повеќе програми, културни и туристички политики, во тек се и одредени интересни иницијативи од културните институции во однос на програмите.

Од Мистерството за култура и туризам брифираа дека согласно измените на Законот за култура, се овозможува на повеќе од 170 уметници кои беа на определено работно време, трајно да им се реши работниот статус, кој го основале во установата на определено време од пет години.

Во меѓувреме, во тек е изработка на новиот Закон за заштита на културното наследство, кој се очекува да биде ставен на јавна расправа во март 2025 година.

Изминатата година продолжија и капитални инвестиции во одредени национални установи, а надлежните планираат овие активности да продолжат и во текот на 2025 година. Поточно, продолжуваат активностите на изградбата на Турскиот театар, при што се планира до крајот на оваа или почетокот на 2026 година истиот да биде во завршна фаза. Продолжува и изградбата на Театарот и Библиотеката во Тетово, а во текот на оваа година ќе продолжи и изградбата на Струмичкиот театар. Исто така, ќе продолжи и реконструкцијата на Театарот во Куманово, а во однос на Универзитетската библиотека во Скопје, ќе се реновираат блоковите три и пет кои се останати за реновирање. Потоа, ќе следува реализација на втората фаза од проектот и на Музејот на Македонија.

Во делот на филмот, во моментов е назначен нов в.д. директор на Агенцијата за филм, а потпишан е и договорот за соработка на копродукции со „Еуримаж“.

Изминатата година во полето на филмот ја одбележа златната гала премиера на филмот „Пред дождот“, што се одржа во Филхармонија, по повод 30 години од премиерата.

„Пред дождот“ е најуспешниот македонски филм на сите времиња, кој е добитник на повеќе од 30 меѓународни награди, меѓу кои и престижната „Златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција. Исто така, добитник е на уште четири номинации, меѓу кои е номинацијата за Оскар. Режисер на филмот е Милчо Манчевски, а главните улоги ги толкуваат Кетрин Картлиџ, Раде Шербеџија, Лабина Митевска, Грегоар Колен.

На златната гала премиера што се одржа на 9 декември, присуствуваа повеќе амбасадори во земјава и личности од политичкиот и јавен живот.

Изминатата година ја одбележа и отворањето на нашата изложба „Темната страна на Римската историја“ во Археолошкиот музеј во Франкфурт за што екслузивно известуваше МИА.

Изложбата дава уникатна видливост на масовната гробница на обезглавените римски војници во Скупи во римскиот период и претставува поттик за понатамошното истражување на ова место. Оваа изложбата беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи. На отворањето на изложбата присуствуваа околу 60 посетители и истата ќе биде отворена до јуни оваа година.

Исто така, на отворањето на изложбата во Франкфурт присуствуваше делегацијата од Министерството за култура и туризам на Македонија предводена од државниот секретар Марија Ѓоргова, заедно со државниот советник за правни работи Весна Илиевска и Давча Спасова од Одделението за недвижно културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра, како и директорот на Музејот на Град Скопје, Панче Велков. На отворањето на изложбата присуствуваше и амбасадорот на Македонија во Германија, Илбер Села.

Се очекува до јуни изложбата во Франкфурт да ја видат над илјада посетители.

Ова доаѓа откако на 26 ноември, шестмина специјалисти предводени од заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер го посетија Скопје, каде беше потпишан и меморандум за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје.

Изложбата „Темната страна на Римската историја“ премиерно беше прикажана во Музејот на Град Скопје во 2017 година, потоа во Подгорица во Црна Гора, во Требиње во Босна и Херцеговина, како и во Белград, во Србија.

Лајчак разговарал со Гутереш за Западен Балкан и проширувањето на ЕУ

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак денеска соопшти дека разговарал со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за Западен Балкан и проширувањето на ЕУ.

„За мене е голема чест да се сретнам со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Уживав во нашиот разговор за Западен Балкан и проширувањето на ЕУ и ги ценам неговите согледувања и проценки“, напиша Лајчак на социјалната мрежа Икс.

Тој претходно во Њујорк разговараше со заменик-генералниот секретар на ОН за политички и мировни прашања Розмари Ди Карло за Западен Балкан, регионалните случувања и дијалогот Белград-Приштина.

притисни ентер