Верстапен победи на Големата награда на Катар

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи на денешната трка за Големата награда на Катар.

Дваесет и седумгодишниот Холанѓанец победи на квалификациите во саботата, но стартуваше од втората позиција поради казна.

Второто место на трката го зазеде возачот на Ферари, Шарл Леклер, кој заостана 6.031 секунда зад победникот. Првата тројка ја комплетираше Оскар Пјастри од Мекларен (+6,819).

Следуваа Џорџ Расел (Мерцедес), Пјер Гасли (Алпин) и Карлос Саинц (Ферари). Возачот на Мекларен, Ландо Норис, кој беше втор во поединечниот пласман, заврши десетти за време на трката, тој доби казна од 10 секунди за прекршување на жолтите знамиња.

Верстапен веќе го освои шампионскиот трофеј, четврти последователен за него во Формула 1

Сијарто апелира на меѓународна акција против прогонот на христијаните на Блиски Исток

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто вчера изјави дека меѓународната заедница мора да преземе акција против прогонот на христијаните на Блиски Исток со оглед на влошената ситуација во Либан и во Сирија.

Тој, на прес-конференција по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, истакна дека кризата на Блиски Исток била прва точка на дневниот ред на средбата, со оглед на опасната ситуација во регионот, што претставува закана за безбедноста, не само во Европа, туку и во целиот свет.

- Унгарија продолжува да ги поддржува христијанските заедници во Либан и ги одржуваме нашите програми за обнова на христијанските цркви, помош на христијанските заедници и функционирање на христијанските институции, посочи Сијарто.

Најстудено на Попова Шапка, најмногу снег во Маврови Анови

Најниска темпратура утрово од -2 степена е измерена на Попова Шапка, а највисока во Гевгелија 8 степени.

Како што информира УХМР, во Лазарополе се измерени -1 степен, 0 во Маврови Анови, 1 во Крушево, 2 во Берово, 3 во Крива Паланка, Битола и Дебар, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Тетово, Претор, Прилеп и Охрид, 5 во Скопје-Петровец, Виница и Демир Капија и 6 во Штип, Струмица, Кавадарци и Велес.

Висината на снежната покривка утрово изнесува 48 сантиметри во Маврови Анови, 39 на Попова Шапка, 25 во Крушево и 10 сантиметри во Лазарополе.

За изминатите 24 часа најмногу воден талог од 4 литри на метар квадратен има во Прилеп, 3 на Попова Шапка, 2 во Крушево, Тополчани и Претор и 1 литар на метар квадратен во Битола, Охрид, Дебар и Лазарополе.

Денеска во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со слаб локален дожд, на планините слаб снег. Во ноќните часови во западните делови на повеќе места ќе има врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег. Максималната температура ќе достигне од 6 до 11 степени.

Во Скопје претпладне ќе има појава на слаба магла, а преку денот ќе преовладува променливо облачно и тивко време. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.

Поднесено обвинение за „див“ паркинг во Чаир

По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Узурпација на недвижности од член 225 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 47-годишник, сопственик и управител на обвинетото правно лице, зазел во владение туѓа недвижност – земјиште позади Здравствен дом Скопје – Поликлиника Битпазар. Земјиштето во државна сопственост, а доделено со право на користење на здравствениот дом и предвидено како имот во општа употреба во Деталниот урбанистички план на Општина Чаир, обвинетиот го користел како импровизиран паркинг простор. Во име и за сметка на правното лице поставил рампа и пункт за наплата и ангажирал едно лице да врши наплата по цена од 50 денари за 90 минути користење, со што го ограничил и го контролирал влезот и излезот на земјиштето.

Заедно со обвинението, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и посебен предлог за изрекување мерка на претпазливост – забрана за преземање определени работни активности, односно забрана да го користи предметното земјиште.

притисни ентер