Ками Тома е возбудлива челистка чија што ведра личност излегува на површина преку музиката што ја изведува. Ками верува дека музиката има моќ да ги спојува луѓето и да ги инспирира независно од нивните културни различности.
Сезоната 2023/2024 за неа е интензивна со концерти на Фестивалот „Шлевиг-Холштајн“, настапи со рецитали во Душники, Биариц и на фестивалот „Кронберг“. Ќе настапува со Националниот оркестар во САД и диригентот Густаво Гимено, а како резидентен артист со Еременскиот државен оркестар ќе има четири настапи под диригентската палка на Сергеј Смбатјан. Ќе биде солист со Симфонискиот оркестар во Портланд, оркестрите во Ахен и Штутгарт, како и со Филхармониајта на Јужна Холандија.
Како ексклузивен уметник на издавачката куќа „Дојче Грамофон“, во март 2023 го издава „Проект Шопен“, трилогија од три компакт-диска посветени на музиката на Шопен, композиторот чиј омилен инструмент било виолончелото.
Ками е родена во 1988 година во Париз и започнува да учи виолончело на четири годишна возраст. Нејзиниот брз напредок во класата на Марсел Бардон резултира со преселба во Берлин каде во 2006 година започнува да студира во класата на Штефан Фрок и Фаранс Халмерсон на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“, а постдипломските студии ги завршува на Високата школа „Франц Лист“ во Вајмар. Има соработувано со диригенти како Пааво Јерви, Мико Франк, Марк Сустро, Дарел Анг, Кент Нагано, Стефан Денев и со оркестри меѓу кои Германската камерна филхармонија во Бремен, Академијата „Санта Чечилија“, „Симфониа Варшовија“, Државиниот оркестар во Хамбург, фестивалскиот гудачки оркестар во Луцерн, Националниот оркестар во Бордо и Бриселската филхармонија.
Ками Тома свири на инструментот Страдивари „Фојерман“ од 1730 година кој ѝ е позајмен на користење од фондацијата „Нипон“.
Францускиот пијанист Жулиен Брокал музичкиот магазин „Би-Би-Си“ го прогласува за откритие на годината во 2018 и тој оттогаш настапува во познати концертни сали низ целиот свет. Има издадено неколку албуми, еден посветен на Шопен и еден на Равел и Момпу, како и трилогијата заедно со виолончелистката Тома.
Оваа сезона го очекува промоција на нов албум со наслов „Тука“ кој содржи негова авторска музика и уште едно издание заедно со Ками Тома со која настапува и на бројни концерти. Покрај неа тој соработува со виолинистот Даниел Хоуп, како и со Розан Филипенс. Традиционалната концертна кариера, Брокал ја комбинира со работата во неговото студио наречено „Музичка градина“ кое е креативен еко-систем и ги рефлектира принципите на перма-култура овозможувајќи простор за изведби во живо, снимања и резиденции.
Концертот ќе се одржува во салата на катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. /МИА