„Петгодишно девојче почина во болница по примена инфузија“, „Не преживеа новороденчето на родилката која пред да се породи добила терапија и била пуштена дома “.... „Седумдесет и седумгодишен пациент по направена биопсија почина од сепса“, „Не преживеа 26 годишникот што по посетата на стоматолог добил сепса“ ....Ова е само кратка низа на насловите кои се нижат низ годините, а ја пресликуваат состојбата на македонското здравство. Досега во ниту еден сомнителен случај нема констатирано лекарска грешка....
Биопсијата успешна - пациентот мртов... вака може да се појасни случајот и со 77 годишниот пациент што почина лани, а дури сега стручната комисија го достави мислењето. Претходниот извештај на ДСЗИ за истиот случај сепак, нотираше посериозни забелешки за работата на Клиниката за урологија. Немало напишано ни кој ја направил биопсијата, а не се пријавиле ни интрахоспитални инфекции. Сепак, Директорот Сашо Дохчев вели дека грешките во работата се поправени, ама лекарски пропуст немало, пациентот починал поради компликации. Ова се наведува и во финалниот исход од стручниот надзор.
Д-р Дохчев признава дека случаите со смрт поради сепса не изостануваат во македонските болници. Починат од сепса на Урологија имало и пред неполн месец.
Во однос на лекарските грешки Претседателката на Лекарската комора вели дека во јавноста „се мешаат лончињата“, па не е јасно дека Комисиите формирани од Комората може да нотираат само пропусти. Дека станува збор за лекарска грешка може да напише и „пресуди“ само судски вештак, вели Д-р Калина Гривчева- Старделова.
За последниот сомнителен случај за лекарска грешка со новороденчето кое почина во битолската болница само по околу два часа откако се роди, за кој се прибираат докази, засега нема обвинителска одлука. Конечен исход нема ниту за случајот со малата Јана која почина по примање на инфузија. Според последните официјални информации Обвинителството побара, а судска медицина утврдува и треба да каже дали има причинско последична врска помеѓу дадената терапија и настанатата смрт.