Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Мицкоски дециден: Повеќе ултиматуми не прифаќам

„Ако има желба од ЕУ да сме дел од европското семејство, тогаш има и начин, повеќе ултиматуми не прифаќам.“

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, во врска со работната посета на Брисел, средбите со челниците од Европската Унија и за тоа како поминаа средбите, изјави:

„Вчера имав навистина динамична агенда, убава агенда, каде што можевме да ги презентираме позициите коишто ги имаме како македонска Влада. Во делегацијата покрај мене беа и двајцата министри, министерот за европски прашања и министерот за надворешни работи, надворешна трговија, Муцунски и Муртезани.

Мислам дека имавме корисна посета во Брисел, многу од работите, нашите соговорници за првпат ги слушнаа. Жалам што изминативе седум години освен свитката кичма, коленичење, друго не биле во можност да слушнат ниту да видат од претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, но ние таму отидовме подготвени со озбилни аргументи и факти.

Имавме добар корисен и содржаен ручек којшто го приреди старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула Фон Де Лајен заедно со останатите лидери на регионот на Западен Балкан. Потоа имавме состанок со претседателот на Европскиот совет господинот Шарл Мишел, потоа имавме состанок и со сѐ уште актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика исто така со генералниот директор на Директоратот за преговори и соседство господинот Герт Јан Компан.

Можам да кажам дека со соговорниците се согласивме дека иднината на Македонија како држава е во рамките на европското семејство. Се согласивме дека и како држава и како граѓани направивме многу т.е. да бидам попрецизен како ниту еден народ и како ниту една држава што тоа го направила во процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија. Повеќе од две и половина децении бевме во некакви групи и секогаш од нас се бараше нешто коешто е резултат на билатерални спорови, а не копенхагенски критериуми и нешто што се темели на исполнување на цели и политики, туку тоа повеќе беа национални отстапки. Еден од соговорниците на ручекот кажа, а тоа беше еден од лидерите од земјите од Западен Балкан дека е потребно да се жртвуваме. Јас би рекол дека тоа што го направија македонските граѓани и Македонија не е жртва, ние направивме многу жртви, туку е понижување, тоа што ни се случуваше изминативе две и пол децении. За жал, некој под жртва подразбираат ако сменат закон или два. За нас жртва претставуваше промена на национални симболи, идентитетски обележја, нешто коешто за жал корумпираните политички елити во минатото, не можејќи да се носат со фактите и аргументите го правеа додека го ограбуваа сопствениот народ и не им беше срам да го понижуваат. Од голтари влегуваа во политиката, милионери излегуваа и тоа е нешто коешто оваа генерација во оваа македонска Влада има за задача да го исправи“ и додаде:

„Ќе Ве потсетам на почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од таа група, па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе од таа група, па потоа со Србите и Црна Гора, за да и таа група не претрка, па со Албанија, па сега и Албанија ќе не претрка“.

Премиерот истакна, додека тој е на чело на македонската Влада нема да прифати ултиматуми за нашата држава да стане дел од европското семејство.

„Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна. Ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство тогаш има начин. Ако има желба, има и начин. Повеќе ултиматуми немаме намера да прифатиме, барем јас додека ја водам македонската Влада. Ултиматуми нема да прифаќам, ниту има цена што може да ме убеди да прифатам ултиматум.

Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од тоа семејство врз основа на мерит-системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки. Тоа нема да го дозволиме!

Ако тие навистина сакаат да напредуваме, врз основа на мерит-системот, тогаш преговорите ќе ги почнеме уште веднаш, уште утре. Но, очигледно дека дозволуваат една земја членка да го билатеризира целиот овој процес, нешто коешто не е став на останатите 26 земји членки. Ние немаме што да правиме, ние мораме да се бориме за својот став, ние мораме да се бориме за својата позиција.

И, на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди. Ако важи принципот pacta sunt servanda за Преспа, тогаш треба да важи принципот pacta sunt servanda и за Договорот за добрососедство.

Нека ми каже еден во Брисел, каде во тој pacta стои дека ние мора да го промениме Уставот. Нека не ми споменуваат предлози, друго е францускиот предлог, тоа е предлог, не е pacta, не е договор. Како може да важи за нас и за оваа Влада и за сите влади, претпоставувам во иднина додека не се вратат работите во нормала еден ден и ние не треба да престанеме да сонуваме. Pacta sunt servanda тоа е Преспанскиот договор тогаш ќе мора да важи за Договорот за добрососедство. А таму значи дека, нашиот источен сосед ќе не поддржува и нема да не кочи во евроинтегративниот процес.

Тоа е pacta, тоа е договор, не е договор францускиот предлог. Треба сите да знаеме и македонската јавност и бриселската и цела Европа. Не смееме повеќе со двојни стандарди да водиме политика. Политиката треба да ја водиме врз основа на принципи и вредности коишто се поврзани со Копенхагенските критериуми и коишто се темелат на меритократија, а не на билатерални спорови и опструкции, и национализми и идентитетски прашања. Тоа е мојата порака, и таа беше мојата порака во Брисел“, нагласи премиерот Мицкоски.

Дополнителен ангажман на унијата за намалување на евроскептицизмот кај земјите од З.Балкан

Новоназначената еврокомесарка за проширување Марта Кос е свесна за порастот на евроскептицизмот во Македонија, но како што вели, директно ќе се ангажира да ја увери земјата дека Европската Унија останува најдобрата алтернатива.

Новоназначената еврокомесарка за проширување Марта Кос е свесна за порастот на евроскептицизмот во Македонија, но како што вели, директно ќе се ангажира да ја увери земјата и другите држави од Западен Балкан дека Европската Унија останува најдобрата алтернатива. Наследничката на Оливер Вархеји, чиј мандат наскоро треба да ѝ биде потврден од Европскиот Парламент во интервју за Словенечката национална телевизија немаше прецизен одговор дали и што може да направи околу предолгото чекање на Македонија, соочена со блокади на соседите.

-Постои голем скептицизам кај граѓаните на овие земји. Некои веќе не сакаат да влезат во ЕУ. Тука е и примерот со Македонија, која го смени името за да влезе, но се уште го прави тоа, зашто нејзините соседи, членки на ЕУ се противат. Како ќе се справите со тоа? , ја праша новинарката на Радио телевизија Словенија, Тања Стариќ.

-Покренавте исклучително важна тема. Една од исклучително важните точки што досега ја немаше е да се воспостави систем на прикажување на придобивките од проширувањето на Европската унија и во земјите членки и во земјите кандидати. Никогаш порано не сме имале комуникациска кампања за подигнување на свеста. Уште една работа ми изгледа важна. Проширувањето не значи влез во Европската Унија само од економски аспект. Проширувањето значи и прифаќање вредности, родова еднаквост, дигитализација... , изјави Марта Кос, номинирана еврокомесарка за проширување на ЕУ за РТВ Словенија.

Кос избегна да одговори на прашањето дали навистина за неа е реално недофатлива 2030-та како императив за членство на Западен Балкан, изјава што наводно ја дала пред два дена во Брисел. А, од Софија и натаму дуваат старите ветришта, особено по последните остри тонови упатени од двете страни. Техничкиот премиер Главчев порачува - со Македонија направивме доволно компромиси.

-Во однос на Македонија, не мислам дека тонот што го користат во последно време ќе им помогне да станат членка на ЕУ. Не станува збор за какви било нови преговори, мислам дека направивме доволно компромиси со нашиот национален идентитет и тие треба да ги испочитуваат барањата на ЕУ за да станат земја членка. , изјави Димитар Главчев, технички премиер на Бугарија.

Чекор подалеку денеска отиде бугарскиот пратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој за бугарските медиуми, најави дека како сестринска партија ќе побараат исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од Европската Народна Партија, изјава што иронично беше прокоментирана од македонскиот премиер Мицкоски.

-Не е април, но тоа би била добра првоаприлска шега, одговори Мицкоски.

Ѓорѓиевски на одбележување на Денот на пензионерите

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, заедно со Здружението на пензионери од Кисела Вода го одбележа денот на пензионерите.

Тој им се заблагодари за нивната жртва и истрајност во градењето на татковината и им порача дека тој и Владата на Република Македонија секогаш ќе бидат нивни партнер, а тоа го докажуваат и со дела.

- Нека е честит Денот на оние на кои им должиме сѐ - нашите родители, баби и дедовци, нека е среќен денот на пензионерите!

На 20 септември се одбележува Светскиот ден на пензионерите, а на мое задоволство, присуствував на пригодната прослава на З.П. од Кисела Вода.

Помеѓу нив се чувствувам најпријатно.

Се чувствувам како дома и секоја мајчинска прегратка, секоја силно стисната рака за поддршка за мене е највозвишено чувство.

На овој ден, сакам од срце да ви се заблагодарам за вашата пожртвуваност, истрајна желба и посветеност во градењето на нашата Република Македонија.

Со вашата мудрост и знаење кое ни го пренесувате на нас помладите генерации, вие сте трајно врежани во темелите на татковината.

Велат, во младите е силата но во повозрасните е мудроста и искуството и затоа јас ви се поклонувам.

Мојата поддршка пак, драги пензионери, ќе ја имате постојано бидејќи вие го заслужувате тоа.

Така беше изминатиот период преку воведување мерки за директна помош и олеснување на секојдневието, така ќе е и понатаму.

Ваш искрен партнер и рака за поддршка е и новата влада предводена од Премиерот Христијан Мицкоски која на дело покажува вистинска грижа и почит за вас.

До следното видување кое ќе биде за скоро,

да сте ми живи и здрави! – рече Ѓорѓиевски.

притисни ентер