Мицкоски дециден: Повеќе ултиматуми не прифаќам

„Ако има желба од ЕУ да сме дел од европското семејство, тогаш има и начин, повеќе ултиматуми не прифаќам.“

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, во врска со работната посета на Брисел, средбите со челниците од Европската Унија и за тоа како поминаа средбите, изјави:

„Вчера имав навистина динамична агенда, убава агенда, каде што можевме да ги презентираме позициите коишто ги имаме како македонска Влада. Во делегацијата покрај мене беа и двајцата министри, министерот за европски прашања и министерот за надворешни работи, надворешна трговија, Муцунски и Муртезани.

Мислам дека имавме корисна посета во Брисел, многу од работите, нашите соговорници за првпат ги слушнаа. Жалам што изминативе седум години освен свитката кичма, коленичење, друго не биле во можност да слушнат ниту да видат од претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, но ние таму отидовме подготвени со озбилни аргументи и факти.

Имавме добар корисен и содржаен ручек којшто го приреди старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула Фон Де Лајен заедно со останатите лидери на регионот на Западен Балкан. Потоа имавме состанок со претседателот на Европскиот совет господинот Шарл Мишел, потоа имавме состанок и со сѐ уште актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика исто така со генералниот директор на Директоратот за преговори и соседство господинот Герт Јан Компан.

Можам да кажам дека со соговорниците се согласивме дека иднината на Македонија како држава е во рамките на европското семејство. Се согласивме дека и како држава и како граѓани направивме многу т.е. да бидам попрецизен како ниту еден народ и како ниту една држава што тоа го направила во процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија. Повеќе од две и половина децении бевме во некакви групи и секогаш од нас се бараше нешто коешто е резултат на билатерални спорови, а не копенхагенски критериуми и нешто што се темели на исполнување на цели и политики, туку тоа повеќе беа национални отстапки. Еден од соговорниците на ручекот кажа, а тоа беше еден од лидерите од земјите од Западен Балкан дека е потребно да се жртвуваме. Јас би рекол дека тоа што го направија македонските граѓани и Македонија не е жртва, ние направивме многу жртви, туку е понижување, тоа што ни се случуваше изминативе две и пол децении. За жал, некој под жртва подразбираат ако сменат закон или два. За нас жртва претставуваше промена на национални симболи, идентитетски обележја, нешто коешто за жал корумпираните политички елити во минатото, не можејќи да се носат со фактите и аргументите го правеа додека го ограбуваа сопствениот народ и не им беше срам да го понижуваат. Од голтари влегуваа во политиката, милионери излегуваа и тоа е нешто коешто оваа генерација во оваа македонска Влада има за задача да го исправи“ и додаде:

„Ќе Ве потсетам на почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од таа група, па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе од таа група, па потоа со Србите и Црна Гора, за да и таа група не претрка, па со Албанија, па сега и Албанија ќе не претрка“.

Премиерот истакна, додека тој е на чело на македонската Влада нема да прифати ултиматуми за нашата држава да стане дел од европското семејство.

„Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна. Ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство тогаш има начин. Ако има желба, има и начин. Повеќе ултиматуми немаме намера да прифатиме, барем јас додека ја водам македонската Влада. Ултиматуми нема да прифаќам, ниту има цена што може да ме убеди да прифатам ултиматум.

Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од тоа семејство врз основа на мерит-системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки. Тоа нема да го дозволиме!

Ако тие навистина сакаат да напредуваме, врз основа на мерит-системот, тогаш преговорите ќе ги почнеме уште веднаш, уште утре. Но, очигледно дека дозволуваат една земја членка да го билатеризира целиот овој процес, нешто коешто не е став на останатите 26 земји членки. Ние немаме што да правиме, ние мораме да се бориме за својот став, ние мораме да се бориме за својата позиција.

И, на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди. Ако важи принципот pacta sunt servanda за Преспа, тогаш треба да важи принципот pacta sunt servanda и за Договорот за добрососедство.

Нека ми каже еден во Брисел, каде во тој pacta стои дека ние мора да го промениме Уставот. Нека не ми споменуваат предлози, друго е францускиот предлог, тоа е предлог, не е pacta, не е договор. Како може да важи за нас и за оваа Влада и за сите влади, претпоставувам во иднина додека не се вратат работите во нормала еден ден и ние не треба да престанеме да сонуваме. Pacta sunt servanda тоа е Преспанскиот договор тогаш ќе мора да важи за Договорот за добрососедство. А таму значи дека, нашиот источен сосед ќе не поддржува и нема да не кочи во евроинтегративниот процес.

Тоа е pacta, тоа е договор, не е договор францускиот предлог. Треба сите да знаеме и македонската јавност и бриселската и цела Европа. Не смееме повеќе со двојни стандарди да водиме политика. Политиката треба да ја водиме врз основа на принципи и вредности коишто се поврзани со Копенхагенските критериуми и коишто се темелат на меритократија, а не на билатерални спорови и опструкции, и национализми и идентитетски прашања. Тоа е мојата порака, и таа беше мојата порака во Брисел“, нагласи премиерот Мицкоски.

Тошковски: Фокусирани сме на функционален систем за следење на сообраќајот со камери

 Се работи на техничко решение покрај кое ни треба и законско за функционален систем при следењето на сообраќајот со камери, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Тој истакна дека целта е што поскоро ставање во функција на камери со кои ќе се утврдуваат и казнуваат сообраќајните прекршоци, да се налата жртвите во собраќајот и да се зглеми сообраќајната култура.

Поставувањето на камерите треба да покрие и дел од криминалистичката работа на Министерството за внатрешни работи.

- Фокусирани сме на тоа да предвидиме соодветно и техничко, моментално се работи на техничко, но и законско решение кое што ќе ни овозможи функционален систем. И кога е отпочнат проектот никој не размислувал во насока на тоа како навистина да ќе биде ставен во функција целиот тој систем. Колку казни ќе продуцира на дневна основа, дали тие ќе може да се сработат од страна на вработените во рамки на Министерството како ќе се процесираат. Кој ќе води постапката дали треба да се зголеми бројот на вработени во рамки на Министерството коишто ги работел прекршоците од аспект на изрекување на прекршоци. Ќе одат во суд, како ќе постапува судот моментално еден судија за прекршоци во Скопје работи на повеќе од 2 000 предмети на дневна основа закажува повеќе од 45 судење. Кој ќе ги сработи тие предмети?. Целта ни е на крајот да го видиме бенефитот од аспект да се намалат жртвите да се покрене сообраќајната култура, изјави Тошковски при посетата на Јегуновце.

Појасни дека камерите би требало конкретно да утврдат сторен прекршок во три сегменти: погрешно паркирање, преминување на црвено светло и недозволена брзина.

-Еден од клучните проекти ако не сакаме да има по стотина жртви на годишна основа, мораме сообраќајната култура да ја подигнеме не едно скалило, туку три, четири скалила нагоре, рече Тошковски.

На новинсрако прашањето уште колку од граѓаните ги немаат променето личните документи потенцраше дека е останат помал број и оти хаосот е решен пред еден месец.

-Останат е уште помал број. Конкретно не можам да кажам колку. Не е точна информацијата која што беше пренесен во јавноста дека еден милион возачки дозволи ќе треба да се реиздадеме. Мислам дека бројката е негде околу 200 000 кој што треба да се ре-издадат во останатиот период од прилика. Мислам дека имаме капацитет да го направиме тоа. Повторно тука имаме дезинформации ширење на лаги од страна на луѓе кои што не си ја сакаат држава во насока да уплашат или да, дефокусираат или не знам што да направат. МВР ќе работи во интерес на граѓаните, рече Тошковски.

Тој беше во посета на новата канцеларија на управните служби која почна да работи во полицискиото одделение во Јегуновце и општински центар.

ЗНМ за кривичната пријава од Владиката Григориј кон уредникот на „Религија“: Скандалозен случај

Случајот со кривичната пријава на Владиката Григориј против уредникот на Религија.мк, Марјан Николовски е еден од примерите на SLAPP (Стратешките тужби против јавно учество), кои имаат за цел да извршат притисок и закана врз новинарската професија.

Ова е еден од заклучоците од третата регионална онференција во организација на ЗНМ, насловена „Посилни заедно: Новинарите и правосудството ги штитат медиумските слободи„ која се одржа од 18-20 септември 2024 година во Маврово во која земаа учество повеќе од 70 новинари и претставници на правосудството.

-Еден од најголемите предизвици кои го разгледувавме е бробата против SLAPP тужбите кои се злупотребуваат да се замолчат новинарите и да се ограничи слободата на медиумите. Еден од таквите примери е неодамнешната кривична пријава поднесена од владика на МПЦ-ОА против новинар, нашиот колега Марјан Николовски, каде што се бара кривично гонење за ксенофобија, расизам, говор на омраза за јавно изразено мислење, за изречен збор, за новинарски текст. Ова е скандалозен случај кој го гледаме како обид за цензура, притисок и заплашување на медиумите од позиција на моќ. Очекуваме Обвинителството да ја отфрли оваа кривична пријава, меѓу другото и поради тоа што владиката доколку Владиката сметал дека е наклеветен, можел да тужи во грѓанска постапка, а не на овој начин да се обиде да се сокрие зад државата, или да го употреби системот на државата. Тоа е она од што најмногу стравуваме. За да ги демотивираме оние кои се обидуваат да им се закануваат на новинарите преку SLAPP тужби, може да преземеме три клучни чекори: правни реформи, одговорност и доследно постапување од судиите и обвинителите, кои можат да играат клучна улога во спречување на ваквите злоупотреби со тоа што нема да дозволат овие случаи да преминат во инструмент за заплашување на новинарите и гласна јавна осуда и подигнување на свеста за негативното влијание на SLAPP тужбите врз новинарството и демократијата, со што ќе создадеме општествен притисок кој ќе ги демотивира оние кои од позиција на моќ сакаат да ги злоупотребат правните инструменти“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Извор: Религија.мк

Љутков - Вречко: Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи

Македонија и Словенија имаат одлични билатерални односи со акцент на економијата и културата

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во рамките на работната посета на Република Словенија денеска оствариЛ билатерална средба со министерката за култура Аста Вречко, во Љубљана. На средбата министрите се согласиле дека меѓу двете држави има одлични билатерални односи во сите општествени сфери, со акцент на економијата и културата.

Како што информираат од Министерството за култура, Љутков и Вречко го отвориле прашањето за културно-информативни центри во двете држави. Министерот Љутков ја информирал својата колешка за позитивните искуства што нашата држава ги има со културно-информативните центри во другите држави и потенцирал дека отворањето центар во Словенија ќе биде од стратешко значење за промоција на македонската историја, култура и туризам.

На денешната средба, министерот Љутков иницирал потпишување на нова програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства.

Министерството за култура и туризам најави дека во наредниот период ќе изготви нацрт-текст на програма кој ќе биде формално-правна рамка преку која ќе се развиваат културните врски меѓу двете држави. На средбата станало збор и за унапредување на односите во областа на туризмот и придобивките што македонската страна може да ги има со споделените искуства со Словенија во оваа област.

притисни ентер