Украинската армија соопшти дека соборила руски борбен авион

Украинските сили објавија дека денеска собориле руски борбен авион, додека Русија тврди дека постигнала напредок во источна Украина.

Руски авион Су-25 бил соборен во близина на градот Константинивка, во областа Доњецк, изјави шефот на воената администрација на градот, Сергиј Горбунов, за украинската јавна телевизија. Објавените фотографии прикажуваат остатоци од авион, откако се урнал врз куќа, предизвикувајќи пожар.

Од своја страна, руските сили објавија дека денеска го зазеле селото Желане Друе, исто така во Доњецката област.

Доколку оваа информација се потврди, тоа значи дека селото паднало под руска контрола само три дена по повлекувањето на украинските сили од градот Угледар, кој се наоѓа на околу 33 километри оддалеченост, каде повеќе од две години се водеа жестоки борби.

Иако загубата на Угледар е малку веројатно дека драстично да го промени текот на војната, таа укажува на влошувањето на позицијата на украинската армија, делумно како резултат на одбивањето на САД да дозволат на Киев да изведува удари длабоко во руската територија, што спречува Украина да ја уништи руската воена моќ, забележуваат американски медиуми. /МИА

Авиокомпанијата „Емирати“ забрани пејџери и воки-токи по нападите во Либан

 Авиокомпанијата „Емирати“ од Дубаи забрани на патниците да носат пејџери и воки-токи на своите летови, откако минатиот месец беа детонирани уреди користени од либанската група Хезболах.

„На сите патници кои патуваат кон, од или преку Дубаи им е забрането да пренесуваат пејџери и воки-токи во пријавениот или рачниот багаж“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата објавено на нејзината веб-страница.

Се додава дека сите забранети предмети ќе бидат запленети од полицијата на Дубаи како дел од засилените безбедносни мерки.

Илјадници пејџери и радио уреди кои ги користеле припадници на Хезболах експлодираа во септември. Се верува дека за нападот е одговарен Израел, иако тој не презеде одговорност.

Најголемата авиокомпанија на Блискиот Исток исто така објави дека летовите за Ирак и Иран остануваат суспендирани до вторник, додека летовите за Јордан ќе бидат обновени утре.

Летовите за Либан ќе останат суспендирани до 15 октомври поради ескалацијата на израелските напади врз Хезболах, вклучувајќи напади во близина на аеродромот во Бејрут.

Неколку други авиокомпании исто така ги суспендираа летовите за Бејрут и други регионални аеродроми поради зголемените тензии. /MИА

Синер ја запроси руската тенисерка Калинскаја

Светскиот рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер ја запроси руската тенисерка Ана Калинскаја, пренесува „Кориере дело спорт“.

Според „Кориере“ 25-годишната спортистка добила предлог за брак на забава во Њујорк. Таа се согласила.

Врската меѓу Синер и Калинскаја стана позната во мај оваа година. Тенисерите присуствуваа на натпревари кога играше едниот партнер неколку пати во текот на сезоната.

Дваесет и тригодишниот Италијанец е победник на два Грен слем турнири (Australian Open 2024 и US Open 2024). Вкупно има 17 АТП титули (од нив 16 во сингл).

Калинскаја освои три ВТА турнири во двојки во текот на нејзината кариера.

Макрон: Приоритет е враќање на политичкото решение за Блискиот Исток

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во интервју емитувано на радио „Франс Интер“ изјави дека „приоритет е враќање на политичкото решение“ за конфликтот на Блискиот Исток.

Францускиот претседател притоа побара прекин на испораките на оружје за Израел, кое се користи во конфликтот во окупираниот Појас Газа, пренесува порталот БФМ ТВ.

- Мислам дека денес приоритет е да се вратиме на политичко решение и да престанеме да испорачуваме оружје за водење борби во Газа, изјави Макрон./МИА

притисни ентер