Трамп се враќа на митинг во Батлер на „местото на злосторот“ каде преживеа обид за атентат

Доналд Трамп денеска одржува митинг во истиот град во Пенсилванија каде што за малку ќе беше убиен во обид за атентат во јули. 

Викенд-посетата на Батлер, недалеку од Питсбург, за него е „недовршена работа“, во она што би можело да биде најважната држава за овие избори.

-Тој ден кога ме застрелаа реков, ‘ќе се вратиме, ќе се вратиме.’ И сега го исполнувам тоа ветување,“ рече Трамп во интервју за NewsNation неделава. „Навистина, исполнувам една обврска.“

Иако градот е истиот, сè друго во претседателската трка за 2024 година е целосно променето откако вооружен напаѓач отвори оган врз толпата а куршум го продупчи увото на Трамп, само неколку минути по почетокот на неговиот говор, при што загина еден присутен а ранети беа двајца.

По обидот за атентат во Батлер следеше уште еден инцидент во септември кога Трамп играше голф во Флорида. Тоја нагласи исклучителната нестабилност и непредвидливоста на конечните фази од претседателската трка, која многу набљудувачи ја оценуваат како историска од повеќе аспекти.

Претседателот Џо Бајден, соочен со зголемен притисок од сопствената партија по слабата дебата во јуни, се повлече осум дена по пукањето во Трамп. Подоцнежното доаѓање на потпретседателката Камала Харис на врвот на демократската листа ја смени динамиката на изборите и го принуди Трамп да се приспособи на многу поинаков предизвик отколку што беше очекуваниот реванш од 2020 година за кој се подготвуваа двете партии.

Сега, со еден месец до 5 ноември, предвременото гласање и гласањето по пошта веќе се започнати во неколку држави, рекламни кампањи скапи милиони долари се во тек, а картата на „battleground states” се оцртува.

Пет дена по пукањето, додека Трамп ги привлече републиканците со својот говор на конвенцијата во Милвоки, поранешниот претседател вети дека никогаш повеќе нема да ги споменува деталите за обидот за атентат.

Ова ветување не траеше долго, бидејќи пукањето во Батлер стана повторуван мотив во неговите митиншки говори. Насобраните толпи слушаа со големо внимание додека тој зборуваше за враќањето во тој град кој го опиша како „голема туристичка атракција“.

„Ќе се вратиме. Тоа е голема работа. Многу луѓе доаѓаат,“ рече Трамп. „Мислам дека ќе го започнам говорот со зборовите: ‘Како што реков...’“

Во меѓувреме, по двата обида за атентат, мерките за обезбедување на претседателските кандидати се подигнати на екстремно високо ниво, додека пртивкандидатите Трамп и Харис последниот месец од предизборето спремаат митинзи и средби во клучните окрузи и избирачки места во сините држави како Мичиген, Пенсилванија, и црвените Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина. /МИА

Авиокомпанијата „Емирати“ забрани пејџери и воки-токи по нападите во Либан

 Авиокомпанијата „Емирати“ од Дубаи забрани на патниците да носат пејџери и воки-токи на своите летови, откако минатиот месец беа детонирани уреди користени од либанската група Хезболах.

„На сите патници кои патуваат кон, од или преку Дубаи им е забрането да пренесуваат пејџери и воки-токи во пријавениот или рачниот багаж“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата објавено на нејзината веб-страница.

Се додава дека сите забранети предмети ќе бидат запленети од полицијата на Дубаи како дел од засилените безбедносни мерки.

Илјадници пејџери и радио уреди кои ги користеле припадници на Хезболах експлодираа во септември. Се верува дека за нападот е одговарен Израел, иако тој не презеде одговорност.

Најголемата авиокомпанија на Блискиот Исток исто така објави дека летовите за Ирак и Иран остануваат суспендирани до вторник, додека летовите за Јордан ќе бидат обновени утре.

Летовите за Либан ќе останат суспендирани до 15 октомври поради ескалацијата на израелските напади врз Хезболах, вклучувајќи напади во близина на аеродромот во Бејрут.

Неколку други авиокомпании исто така ги суспендираа летовите за Бејрут и други регионални аеродроми поради зголемените тензии. /MИА

Синер ја запроси руската тенисерка Калинскаја

Светскиот рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер ја запроси руската тенисерка Ана Калинскаја, пренесува „Кориере дело спорт“.

Според „Кориере“ 25-годишната спортистка добила предлог за брак на забава во Њујорк. Таа се согласила.

Врската меѓу Синер и Калинскаја стана позната во мај оваа година. Тенисерите присуствуваа на натпревари кога играше едниот партнер неколку пати во текот на сезоната.

Дваесет и тригодишниот Италијанец е победник на два Грен слем турнири (Australian Open 2024 и US Open 2024). Вкупно има 17 АТП титули (од нив 16 во сингл).

Калинскаја освои три ВТА турнири во двојки во текот на нејзината кариера.

Макрон: Приоритет е враќање на политичкото решение за Блискиот Исток

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во интервју емитувано на радио „Франс Интер“ изјави дека „приоритет е враќање на политичкото решение“ за конфликтот на Блискиот Исток.

Францускиот претседател притоа побара прекин на испораките на оружје за Израел, кое се користи во конфликтот во окупираниот Појас Газа, пренесува порталот БФМ ТВ.

- Мислам дека денес приоритет е да се вратиме на политичко решение и да престанеме да испорачуваме оружје за водење борби во Газа, изјави Макрон./МИА

притисни ентер