Трагедија во Гостивар, почина шестгодишно момче, му се слошило на тренинг

Дете на шест годишна возраст починало во Гостивар на фудбалски тренинг. 

На детето му се слошило за време на тренингот,и со возило на Брза помош било однесено во општата болница во Гостивар, каде што пристигнало без знаци на живот.

„На 03.10.2024 во 20.22 часот во СВР Тетово, од општа болница Гостивар било пријавено дека со екипа од итна медицинска помош од стадионот во населба Дутлок бил донесен малолетник од Гостивар без знаци на живот“, известија од МВР.

Лекарите се обидувало да го реанимираат, меѓутоа на крајот можеле да констатираат само смрт, се очекуваат резултатите од обдукцијата.

Израел бомбардираше џамија во близина на болница во јужен Либан, има повредени

Израелската војска денеска соопшти дека бомбардирала џамија во непосредна близина на болница во јужен Либан, тврдејќи дека во неа има скриен команден центар на Хезболах, јави ДПА.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на мрежата Х објавија дека нападот бил насочен кон „терористи на Хезболах“ кои ја користеле џамијата во близина на болницата Салах Гандур за да планираат напади против Израел.

Во друг напад синоќа била погодена и болницата во јужниот град Бинт Џбеил, при што биле повредени најмалку девет лица од медицинскиот персонал, пренесува ДПА.

Персоналот на болницата, наводно, бил евакуиран, иако не е јасно што се случило со пациентите поради копнената офанзива на Израел во регионот.

Најмалку четири болници во јужен Либан веќе престанаа со работа поради борбите, додека другите се преполни.

ИДФ соопшти дека до жителите се испратени известувања со предупредување да ја напуштат областа пред последниот напад. /МИА

Суарез: Биелса направи раздор во репрезентацијата

Поранешниот фудбалер на репрезентацијата на Уругвај, Луис Суарез го критикуваше селекторот Марсело Биелса.

- Имаше ситуации во Купот на Америка што ме повредија. Многу играчи на состанокот побараа од тренерот барем да им посака добро утро, но тој не се ни поздравуваше. Би сакал да ги замолам навивачите да не ги навредуваат фудбалерите ако нешто тргне наопаку, бидејќи Биелса направи раздор, го подели тимот дури и по начинот на кој тие тренираат, изјави Суарез за „ESPN“.

Суарез на 3 септември објави крај на репрезентативната кариера. Како дел од репрезентацијата на Уругвај напаѓачот одигра 143 натпревари, на кои постигна 69 гола./МИА

Столтенберг: НАТО премина многу црвени линии што ги постави Путин, но тој не направи ништо

НАТО веќе премина многу црвени линии што ги постави рускиот лидер Владимир Путин, но тој не направи ништо, изјави поранешниот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во интервју за „Фајненшл тајмс“.

-Ако не нешто друго, јас се залагам за преминување на сите овие таканаречени црвени линии што Путин ги постави. И ние преминавме многу од нив, а тој не направи ништо. Реалноста е дека ако претседателот Путин сака да ескалира (конфликтот) со употреба на оружје за масовно уништување, тој може да ги создаде сите изговори што му се потребни. Досега одговоривме на сите обиди да не доведе во заблуда, рече тој.

Столтенберг, исто така, нагласи дека имало денови и недели, особено на почетокот на војната, во кои НАТО морал да разговара и да го разгледа прашањето за руските црвени линии.

-Се разбира, треба да застанете и да размислите, можеби тоа е премногу опасно. Но, тогаш алтернативата, да престанете да ја поддржувате Украина поради некоја реторика, всушност не е опција, рече тој.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, исто така, рече дека од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина, го формулирал пристапот на НАТО - да ја поддржи Украина, но да не учествува во конфликтот.

Во интервјуто за„Фајненшл тајмс“, Столтенберг изрази жалење што Украина не добила повеќе оружје во претходната фаза од конфликтот. Тој рече дека НАТО требало да обезбеди голема воена поддршка на Киев уште пред да започне инвазијата, како и понапредно оружје по инвазијата на руските војници врз Украина.

-Јас го преземам мојот дел од одговорноста, нагласи Столтенберг.

„Повеќето сојузници беа против тоа пред инвазијата... тие многу се плашеа од последиците. Горд сум на она што го направивме, но ќе беше голема предност ако започнеше порано. Можеби дури и ќе ја спречеше инвазијата, или барем ќе направеше да биде многу потешко за (Русија) да го направи тоа што го направи“, додаде тој. /МИА

притисни ентер