Тод бара Ферари да го изгубат правото на вето

Претседателот на ФИА, Жан Тод верува дека Ферари треба да го изгубат правото да наметнуваат вето кога не сакаат некој предлог за промена од страна на раководството на Формула 1.

„Скудерија“ има право да ги сопре иновациите во Правилникот, кои не им се допаѓаат, а последниот таков случај беше во 2015 година кога Италијанците одбија да се согласат со финансиска граница за мотори и менувачи.

Никој од актуелното раководство не крие дека привилегијата на Ферари е прашање на дискусии веќе некое време, како и намерите спортот да го смени лицето од сезоната 2021 - нешто за што во Ферари негодуваат уште отсега. Според Тод, оваа предност на Ферари, која датира од 1980-тите, повеќе не е валидна.

- Ветото дојде во времето на Енцо Ферари, кој се имаше изолирано во Маранело. Тоа беше единствениот тим кој доставуваше мотори и шасии и се спротивставуваше на Форд. Во тоа време мислевме дека откако тие се далеку од т.н. силиконска долина на мото-спортот, потребна им е заштита. Тоа е приказната за ветото. Времињата се менуваат, но сепак и од денешна гледна точка, не би рекол дека го поддржувам тоа, откри Жан Тод во Лондон.

За да се искористи ветото, Ферари мора да докаже дека одредена промена ќе биде против интересите на тимот.

Сепак, претседателот на ФИА е свесен каква атракција за љубителите на Формула 1 е Ферари и нуди замена - со укинувањето на ветото, италијанскиот тим да добива повисоки приходи поради историјата во шампионатот.

- За мене е нормално Леонардо ди Каприо да добива повеќе пари од телевизиски актер. Таков е животот. Колку си подобар, толку повеќе пари добиваш. Јас мислам дека е нормално да добиваат повеќе пари, смета Французинот.

Тод ги прокоментира и гласините дека Ферари може да ја напуштат Формула 1.

- Тоа не би било во нивна полза. Тие можат да си заминат и искрено, тоа е само нивен избор. Слободни се. Се разбира, не сакам тоа да се случи, но видовме големи играчи како си заминуваат и се враќаат. Познавајќи ги овие играчи со паметен бизнис дух, кои се враќаат, би сакале да ги скратиме трошоците кои тимовите ги прават, вели шефот на ФИА./МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер