Светската банка го откажа рекламирањето на Х

Светската банка го откажа рекламирањето на Х откако под нејзиниот назив се појавиле расистички постови.

Светската банка ја прекина сета платена реклама на социјалната мрежа X на Илон Маск, откако некои американски медиуми открија дека промовирани реклами на оваа меѓународна институција се појавиле под расистички пост од профил кој често објавува неонацистичка и националистичка содржина што пропагира супериорност на белата раса.

Телевизијата „Си-Би-Ес њуз“ откри верифициран профил на X со повеќе од 115.000 потписници кој објавил расистичка слика заедно со пост во кој ја фали колонизацијата на Африка од страна на Европа. Промовирана реклама за Светската банка се појавила во делот за коментари под постот.

Такви случаи имало и со други компании како авиопревозникот „Сауди Арабија“ или канадскиот производител на ранци „Нордејс“.

-Светската банка веќе го намали своето платено рекламирање на X додека работеше со платформата за имплементирање на најсилните безбедносни протоколи што ги нуди мрежата за нашата содржина, изјави портпарол на Светската банка. Додаде дека „последниот инцидент е целосно неприфатлив, и ние веднаш го прекинуваме сето платено рекламирање на X“.

Маск неодамна се пожали дека многу од огласувачите се повлекле од неговата мрежа и дека тој планира да ги даде на суд сите фирми што ја бојкотираат Х по неговото откупување на мрежата при крајот на 2022 година за 44 милијарди долари.

Откако ја презеде мрежата, Маск создаде систем во кој алгоритмите на X ги фаворизираат профилите кои плаќаат за синото штиклирање на платформата. Според политиките за рекламирање на X услугата за верификација, X Premium нуди „приоритет во одговорите“ за сите претплатници.

Промените кои Маск ги направи во бизнис моделот на X овозможија инфлуенсери кои купуваат претплата за верификација на мрежата да монетизираат од нивните содржини. Претплатниците можат да добијат дел од приходите од реклами за нивните содржини ако „имаат најмалку пет милиони органски прегледи на кумулативни објави во последните три месеци“ и „имаат најмалку 500 потписници.“

Според условите за користење на платформата, профилите можат да го направат тоа без јавно да го откриваат својот идентитет, под услов носителот на профилот да покаже лична идентификација приватно на платформата./МИА

Ужас во Швајцарија: Ја задавил сопругата и телото ѝ го сомлел во блендер, вели дека се бранел

Судот во Швајцарија оваа недела одби да го ослободи од притвор Томас (41), кој ја убил сопругата Кристина Јоксимовиќ (38), а потоа со миксер ѝ ги исецкал деловите од телото.

Федералниот суд во Лозана вчера ја отфрли неговата жалба, наведувајќи дека има „конкретни индиции за ментална болест“.

Во март, обвинетиот му признал на државниот обвинител дека ја убил сопругата и мајка на неговите две деца - наводно затоа што пред тоа го нападнала со нож. Тој претходно тврдеше дека Кристина ја нашол мртва и во паника ја распарчил. Но судско-медицинскиот извештај укажува дека не се работело за самоодбрана, пишува швајцарски Блик.

Експертите утврдиле дека Кристина, која своевремено влегла во финалето на изборот за Мис на Швајцарија, била задавена на 13 февруари. Според Sky News, остатоците од нејзиното тело биле пронајдени во куќа во Бининген, во близина на Базел.

Обдукцијата покажала дека по убиството жртвата била распарчена во пералната со пила, нож и ножици. Убиецот потоа исецкал некои делови од телото со блендер и потоа ги растворил во хемикалии.

Во наодите на истрагата се наведува дека Томас по убиството на сопругата покажал недостаток на емпатија и социопатско однесување и се обидел да го прикрие злосторството. Забележано е и дека пред убиството ја задавил сопругата, како што стои во пресудата. Инаку, Кристина ја освоила титулата Мис на северозападна Швајцарија и била финалистка на Мис на Швајцарија во 2008 година.

Во февруари, пријателите на двојката рекоа дека немало индикации за лош брак: „Тие изгледаа како совршено семејство“. Но, други рекле дека парот бил во криза со месеци. Наводно, пред убиството, полицијата интервенирала при расправија поради насилство.

Страшна несреќа во Мичиген среде бел ден- возачот заврши на покрив, возилото смачкано (ВИДЕО)

Несреќата се случила во градот Сагинау, во американската сојузна држава Мичиген, откако 28-годишен возач изгубил контрола и со камионетот удрил во куќа на раскрсница.

Возилото се запалило, но тоа не е најбизарниот детал. Неименуваниот возач, очигледно замаен, завршил на покрив од семејна куќа.

На социјалните мрежи кружи видео од инцидентот, а јасно е дека возачот лежи неподвижен на покривот. Недолго потоа се освестил, пренесува ABC 12 News.

На местото на настанот пристигнала и противпожарната единица која го изгаснала пожарот, а донесена е и скала за безбедно да го симне човекот од покривот.

Тој е пренесен во болница во критична, но стабилна состојба. Трите лица кои биле во куќата не се повредени.

Полицијата не соопштува детали, вклучително и како се случила несреќата, бидејќи истрагата е во тек.

На Шведска ќе ѝ требаат најмалку 25 години за го реши проблемот на малолетните криминални банди

Шведска, која до пред десетина години важеше за идилична скандинавска земја, сега е на врвот на листата на членки на ЕУ според стапката на криминал извршен со огнено оружје.

Меѓународните банди сега регрутираат деца, пишува Politico.

На Шведска ќе ѝ требаат најмалку десет години за да го реши проблемот со криминалот на малолетничките банди, изјави министерот за правда.

„Проблемите се секако многу сериозни и ќе биде потребно време за успешно да се смени тој тренд, не само што се однесува до децата“, рече Гунар Стромер, министер за правда.

Шведска е потресена од бран на насилство од банди во последниве години, со стапки на криминал со оружје меѓу највисоките во Европската унија. Според официјалните податоци, во 2022 година во Шведска биле убиени 62 лица, а во 2023 година бројот на жртви бил 54.

„За да се осигураме дека децата што растат во Шведска не запаѓаат во криминал, потребна е најмалку една деценија. Тоа е многу реален поглед на временската перспектива“, рече Стромер.

Криминалот на бандите и миграцијата станаа жешки прашања во Шведска, што ја доведе крајната десница до изборен успех. Најголем дел од злосторствата се извршени од меѓународно поврзани банди кои регрутираат деца во своите редови.

Минатиот септември, откако една 25-годишна жена беше убиена во напад на банди, премиерот Улф Кристерсон во ретко телевизиско обраќање вети дека ќе ги „лови бандите“. Претходно оваа година, шведскиот парламент ја овласти полицијата да воспостави таканаречени безбедносни зони, дозволувајќи им да пребарува одредени области без налог или само со причина.

Стромер рече дека владата исто така ги заострува казните за младите престапници.

„Постои постојан ризик од спирала на ново насилство што клокоти под површината“, предупреди тој.

притисни ентер