НБА легенда купи автомобил, забранет во Европа- веднаш се огласи Маск (ВИДЕО)

Легендарниот НБА кошаркар Шекил О'Нил направи уште едно екстравагантно купување, а овој пат, купи модел на автомобил Tesla наречен „Cyberbeast“, варијанта со помоќен мотор на веќе познатиот „Cybertruck“.

Познато е дека Шек, како и повеќето спортисти, има љубов кон необични автомобили, а иако веќе имал идентичен автомобил, објаснил зошто купил друг:

- Не сакам да бидам груб, но ми недостига мојот „Сајбертрак“ и не сакам да го испратам од Вегас во Атланта. Така, само ќе купам уште еден“, изјави Шек.

Дури и извршниот директор на Tesla, Илон Маск, го забележа новиот „Cyberbeast“ на Шек, споделувајќи ја објавата на О'Нил на Твитер.

Купувањето го чинеше О'Нил над 100.000 евра, а „Cybertruck“ станува сè попопуларен во САД, особено поради неговиот досега невиден дизајн.

Патем, овој автомобил не може да се купи во Европа. Европскиот пазар не е ни приближно погоден за пикап како американскиот пазар, ниту пак патиштата се приспособени за возила со таа големина.

Европските регулативи исто така бараат ниту еден надворешен агол на автомобилот да не смее да биде остар, т.е. мора да има минимална заобленост, со минимална заобленост од 3,2 милиметри. Cybertruck, од друга страна, е составен од правилни челични полигони, а неговите надворешни агли се многу поостри од пропишаните.

Исто така, се поставува прашањето за категоризација. Празниот „Cybertruck“ тежи околу 3,1 тон, а вкупната максимална дозволена тежина, во зависност од моделот, е меѓу 4 и 4,5 тони. Со ова тој од категоријата Б (максимална дозволена тежина од 3,5 тони) преминува во Ц1, што значи дека не би можело да се вози со обична возачка дозвола за лични возила, туку со дозвола за лесни камиони.

Инаку, Шекил О'Нил во НБА играше за Орландо, Лејкерс, Мајами, Феникс, Кливленд и Бостон, а освои четири шампионски прстени - три со Лејкерси и еден со Мајами.

Исто така, тој го освои златниот медал на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, како и на Светското првенство во Канада во 1994 година.

Џенерал Моторс влегува со свој тим во Формула 1

Формула 1 и Џенерал Моторс (ЏМ) постигнаа денеска начелен договор за влез на ЏМ/Кадилак како 11. тим во светскиот шампионат во Формула 1 од 2026 година.

„Посветеноста на Џенерал Моторс и Кадилак на овој проект е важна и позитивна демонстрација на еволуцијата на нашиот спорт. Сигурни сме во целосната соработка и поддршка од сите вклучени страни“, изјави претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали.

Од своја страна, првиот човек на ЏМ, Марк Ројс, рече дека влезот во Формула 1 е чест за Џенерал Моторс.

„Како врв на мотоспортот, Формула 1 бара иновации и извонредност што ги поместува границите. Чест е за Џенерал Моторс и Кадилак да се приклучат на врвната светска тркачка серија, а ние сме посветени да се натпреваруваме со голема страст“, рече Ројс.

Тимот треба да го носи името Кадилак Ф1 и ќе користи мотори на Ферари во првите две години додека GM не добие мотор на Кадилак конструиран за натпреварување, почнувајќи од сезоната 2028 година./МИА

Медиуми: Договорот за прекин на огнот во Либан не предвидува зона на раздвојување

Израелскиот ТВ Канал 12 вечерва ги објави клучните елементи од предложениот договор за прекин на огнот меѓу Израел и либански Хезболах со посредство на САД за запирање на израелската војна во Либан.

Како што е наведено, остануваат да се финализираат само мали детали.

Договорот предвидува меѓусебен прекин на огнот и израелската армија да остане во Либан до 60 дена, а да замине кога ќе биде распоредена либанската армија.

Нема да има зона на раздвојување во јужен Либан и раселените жители од тој дел од земјата ќе можат да се вратат.

Владата во Либан ќе ги провери сите набавки и производство на оружје во нејзината земја, а САД ќе предводат меѓународно тело кое ќе го надгледува спроведувањето на договорот.

Во посебен документ, САД јасно ќе соопштат дека Израел има право да дејствува секогаш кога ќе види непосредна закана од Либан.

Канал 12 објави дека имало речиси едногласна поддршка за договорот од политичари и воени претставници синоќа на безбедносните консултации со кои претседаваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На состанокот, Нетанјаху, наводно, рекол дека договорот ќе го остави Хамас изолиран и ќе ги зголеми шансите за постигнување договор за ослободување на заложниците кои се уште се во Појасот Газа. /МИА

Дипломатите на Г7 претпазливи оптимисти за можниот договор за прекин на огнот во Либан

Самитот во Фиуџи кај Рим е последниот собир на дипломатите на Г7 пред раководството во САД, во сенка на војните во Украина и на Блискиот Исток, да го преземе новата администрација со Доналд Трамп како претседател.

Министрите за надворешни работи на Групата седум (Г7) најразвиени индустријализирани земји во светот денеска изразија внимателен оптимизам за можниот напредок во постигнувањето прекин на огнот во вооружениот конфликт меѓу Израел и либанското милитантно движење Хезболах.

Самитот во Фиуџи кај Рим е последниот собир на дипломатите на Г7 пред раководството во САД, во сенка на војните во Украина и на Блискиот Исток, да го преземе новата администрација со Доналд Трамп како претседател. Прекините на огнот во Газа и Либан се главни на агендата на состанокот.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на отворањето на самитот рече дека „можеби“ е на повидок прекин на огнот во Либан и изрази надеж дека нема да има повлекување „во последен момент“.

На состанокот присуствуваат шефовите на дипломатиите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД, кои последен пат ги претставува администрацијата на претседателот Џозеф Бајден во заминување.

На состанокот за првпат присуствуваат шефовите на дипломатиите на земјите од таканаречениот „арапски квинтет“ – Саудиска Арабија, Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Катар, а учествува и генералниот секретар на Арапската лига.

Тајани рече дека Италија понудила да преземе поголема улога од претходно во мировните сили на Обединетите нации во Либан, со цел да го следи спроведувањето на евентуалниот договор за прекин на огнот.

Пред почетокот на самитот, израелскиот амбасадор во САД, Мајк Херцог, изјави за израелското воено радио дека прекин на огнот може да се постигне „во рок од неколку дена“.

Неколку арапски министри повикаа на прекин на огнот и во Газа и во Либан, каде што се борат израелската армија и Хезболах.

„Арапскиот квинтет“ работи со САД на „ден после“ за Газа и постои чувство на итност да се направи нешто пред администрацијата на Трамп да ја преземе власта во Вашингтон, која се очекува цврсто да ги поддржува израелските интереси на сметка на аспирациите на Палестинците.

Египет на конференцијата повтори дека следниот понеделник ќе организира конференција во Каиро посветена на собирање хуманитарна помош за Газа, каде беснее војната меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас.

Војната избувна затоа што на 7 октомври 2023 година Хамас изврши терорисчки напад на Израел од територијата на Газа, која ја контролира од 2007 година./МИА

притисни ентер