Стопанственици бараат увоз на работници од странство

Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство.

Toa е едно од главните прашања на стопанствениците кое беше поставено пред претставници на ресорното министерство и Агенцијата за вработување.

Прашањето го постави Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица" од Струмица. Образложи дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем. Тој смета дека компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од Оперативниот план за вработување за 2020, за кој се разговараше на панел дискусијата на Локалниот економско социјален совет што се одржа во Струмица.

-И покрај тоа што нудиме плата од 350-400 евра за општи работници никој не се јавува, а имаме ситуација кога има интерес од работници од трети земји, кои таму имаат плата 100 евра и можат да дојдат тука да работат, додаде Крстевски.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот биле формирани компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

-Градежни работници во моментот доаѓаат од Косово, а од Албанија се присутни насекаде. Измената во законот треба да се направи за признавањето на стажот, бидејќи имаме ситуација со градежни инженери кои работеле по 20 години надвор во познати компании, но нашата Агенција за вработување тоа не го препознава како стаж, рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Дел од присутните стопанственици побараа Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.

-Јас не би давал субвенци и бенефиции на никој, туку да се намалат давачките на сите стопански субјекти и да бидеме сите рамноправни и исти, бидејќи има одредени субјекти кои прават злоупотреби во делот на бенефициите и кои придонесуваат за појава на нелојална кокуренција, а институциите тоа не може да не го знаат и сум фрапиран од инертноста, тромоста и немањето храброст да се спротивставиме на овие аномалии, рече Ванчо Чонев, стопанственик од Делчево.

И градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски забележа дека немањето доволно работна сила и одбивањето работа е голем проблем за сите.

-Јас лично сум сведок како некои луѓе одбиваат работа за 300-400 евра за нивната квалификација или не ја прифаќаат и тоа е за мене феномен. Тоа треба да се земе предвид кога се прават проекции и најверојатно тие луѓе имаат други приходи. Претпоставувам дека се работи за сива економија, која е голем проблем и можеби не е лошо да се размислува за некоја кампања или едукација за надминување на овој проблем, смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Според Миле Милановиќ од „Струмичката бизнис заедница" стопанствениците активно учествуваат во креирањето на Оперативните планови и сите забелешки кои биле искажани од бизнис секторот биле имплементирани во планот за 2019 година.

-Убаво е за оперативниот план за 2020 година да се слушне гласот на „Струмичката бизнис заедница". И оваа година наша забелешка е синхронизирано, односно хронолошки и пред време да ни ги најават мерките за да може да ги внесеме во нашите развојни планови во компаниите и во развојните планови за зголемувањето на бројот на работниците, рече Милановиќ, кој се надева дека ќе бидат прифатени нивните забелешки.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар" смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката „Гаранција за млади" е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем./МИА

Пет екипи од Германија ќе играат во следната сезона од Лигата на шампионите

Пет екипи од германскиот шампионат ќе учествуваат во групната фаза од фудбалската Лига на шампионите за сезоната 2024/25.

Ова стана возможно откако Борусија Дортмунд го победи ПСЖ (1:0) во првиот полуфинален натпревар и и донесе дополнителни бодови на Германија на табелата со коефициенти на УЕФА.

Претходно се дозна дека пет италијански екипи ќе учествуваат во следната сезона од Лигата на шампионите.

Во моментов, првите пет во Бундеслигата се Баер Леверкузен, Баерн Минхен, Штутгарт, Лајпциг и Борусија Дортмунд. /МИА

Барозо: Не се потребни фиксни датуми за проширувањето на ЕУ, туку постепена интеграција

Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. 

Коментирајќи ја најавата на актуелниот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дадена минатата година во Блед дека следното проширување на ЕУ ќе се случи во 2030 година, Барозо вели дека тој лично не се залага за поставување дефинитивни датуми за овој процес, бидејќи тоа „би можело да создаде разочарување“.

- Сега времето е особено важно, посебно поради Украина, бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во ЕУ која е во воена состојба, вели Барозо во интервју за „Еурактив“.

Затоа тој вели дека ја поддржува идејата промовирана од актуелната Европска комисија и некои земји членки на ЕУ за постепена интеграција на кандидати за членство, на тој начин што ќе им се дозволи да учествуваат на некои од состаноците на Советите на Унијата, во нејзините програми и во самите институционални структури на блокот.

- Затоа што тоа ќе биде тежок и веројатно долг процес, треба да започнеме што порано да ги интегрираме како што правевме порано, смета Барозо, кој беше претседател на Еврокомисијата од ноември 2004 до октомври 2014 година.

Во врска со аргументот против приемот на нови земји во ЕУ дека со тоа би се зголемиле трошоците на актуелните членки, Барозо вели дека оставањето на аспирантите за членство надвор од блокот „секако ќе чини повеќе отколку да се инвестира во проширувањето“.

- Дали сме подготвени да платиме за идната нестабилност, охрабрени од можниот успех на Русија во Украина? Дали ќе чини помалку? Прашањето на трошоците треба да се гледа стратешки, а не само на краткорочен сметководствен начин, вели Барозо, додавајќи дека при претходните проширувања проценката била дека предностите од примерот на нови членки, не само политички, туку и економски, се поголеми од трошоците.

Затоа, според него, ЕУ треба да инвестира во проширувањето од сите гледни точки.

- Понекогаш не се работи само за пари, туку и за внимание, за присуство и за давање совети, а тоа бара нешто повеќе од она што го гледавме досега. Со сета почит кон нив, но тоа не може да го направат само Генералниот директорат (за соседство и преговори за проширување) и ресорниот комесар, треба да се вклучат европските општества како целина, смета Барозо.

Врз основа на искуствата од приемот на нови членки во Унијата во текот на неговите два мандати на чело на Еврокомисијата, Барозо вели дека процесите на проширување и на зајакнато интегрирање на ЕУ може да се одвиваат паралелно.

- Тогаш беше научена многу важна лекција дека е можно (ЕУ) и да се прошири и повеќе да се интегрира во исто време. Секогаш имаше такви кои велеа - повеќе проширување значи помалку интегрирање. Тоа е целосно неточно, истакнува Барозо.

Неколку месеци пред доаѓањето на Барозо на чело на Еврокомисијата, беше спроведено т.н. големо проширување од 1 мај 2004 година, кога во ЕУ беа примени 10 нови членки - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка со што Унијата се зголеми од 15 на 25 членки, а потоа во текот на неговиот мандат се случија и проширувањата со Бугарија и Романија во 2008 година и со Хрватска во 2013 година.

- Тоа беше историски невиден успех на ЕУ, со што се покажа и трансформативниот капацитет на блокот, оцени Барозо, додавајќи дека Европа „не треба да ја изгуби перспективата на она што се случи тогаш“.

Тој смета дека најавата на Комисијата формирана во 2014 година по истекот на неговиот втор мандат дека „нема да има ново проширување во следните пет години“, претставувало „огромна грешка“.

- Тоа создаде разочарување, фрустрација, па дури и незадоволство и ја игнорираше чувствителноста на тие земји и тие луѓе, истакна Барозо.

Поранешниот претседател на ЕК нагласува дека искуствата научени од претходните проширувања се дека ЕУ треба да избегне опстојување на „сиви зони на нестабилност“ во нејзиното соседство, но и да не дозволи отстапување од своите стандарди.

Барозо признава дека „постојат проблеми со владеењето на правото“ во некои од земјите кои станаа членки на ЕУ во овој век, но според него „сега им е многу подобро отколку пред да влезат во Европската Унија, кога беа под комунистичка власт.

Според Барозо, по овие проширувања со текот на годините за време на неговите мандати ЕУ постигнала поголем напредок во подлабоката интеграција и повисоко ниво на соработка меѓу 27-те земји членки, особено во надворешната политика, отколку во случајот кога Унијата броела 12 членки до средината на 90-те години на минатиот век.

Во однос на дебата за реформи на ЕУ пред следното проширување со цел таа да може да функционира со „потенцијално 36 членки“, Барозо смета дека би претставувало уште една „огромна грешка“ ако сега започне фундаментална ревизија на институциите на Унијата поради проширувањето.

Тој нагласува дека не го велам ова за да го одбранам Лисабонскиот договор, за кој тој преговараше, туку затоа што за негова промен е потребен консензус на сите земји членки, па ако во во процесот на реформи на ЕУ почнат да се воведуваме други прашања, како на пример проширувањето, може само да се зголемат изговорите за различни спротивставувања.

- Ќе има луѓе кои ќе сакаат да го блокираат проширувањето, па ќе користат институционални аргументи. Ќе има луѓе кои ќе сакаат да ги блокираат институционалните реформи, па ќе го користат проширувањето. Не треба да ги мешаме проблемите, смета Барозо.

Затоа, според него, Унијата треба да „избегне премногу амбициозни реформи“ и да се посвети само да ги спроведе оние кои се „строго неопходни за проширувањето“. - Бев претседател на Комисија со 28 членови и сите студии и сите мислења покажаа дека нашата Комисија ги носеше одлуките поефективно и побрзо од претходните помалобројни комисии, изјави Барозо. /МИА

Пуштен во употреба новиот парк на булеварот „Февруарски поход“ во Аеродром

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, со интонирање на македонската химна и подигнување на македонското знаме, денеска официјално беше пуштен во употреба новиот парк лоциран на булеварот „Февруарски поход“ во Општина Аеродром.

На денешниот настан присуствуваше градоначалникот на Општина Аеродром, кој заедно со претседателот на советот Дејан Митески, извидниците и дечињата од детската градинка „Буба Мара“, го означија крајот на изведбата на еден важен проект реализиран од страна на општинското јавно претпријатие за комунални дејности.

Работните активности опфатија целосно хортикултурно и партерно уредување, поставување на нова урбана опрема, како и јарбол со македонското знаме.

притисни ентер