Барозо: Не се потребни фиксни датуми за проширувањето на ЕУ, туку постепена интеграција

Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. 

Коментирајќи ја најавата на актуелниот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дадена минатата година во Блед дека следното проширување на ЕУ ќе се случи во 2030 година, Барозо вели дека тој лично не се залага за поставување дефинитивни датуми за овој процес, бидејќи тоа „би можело да создаде разочарување“.

- Сега времето е особено важно, посебно поради Украина, бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во ЕУ која е во воена состојба, вели Барозо во интервју за „Еурактив“.

Затоа тој вели дека ја поддржува идејата промовирана од актуелната Европска комисија и некои земји членки на ЕУ за постепена интеграција на кандидати за членство, на тој начин што ќе им се дозволи да учествуваат на некои од состаноците на Советите на Унијата, во нејзините програми и во самите институционални структури на блокот.

- Затоа што тоа ќе биде тежок и веројатно долг процес, треба да започнеме што порано да ги интегрираме како што правевме порано, смета Барозо, кој беше претседател на Еврокомисијата од ноември 2004 до октомври 2014 година.

Во врска со аргументот против приемот на нови земји во ЕУ дека со тоа би се зголемиле трошоците на актуелните членки, Барозо вели дека оставањето на аспирантите за членство надвор од блокот „секако ќе чини повеќе отколку да се инвестира во проширувањето“.

- Дали сме подготвени да платиме за идната нестабилност, охрабрени од можниот успех на Русија во Украина? Дали ќе чини помалку? Прашањето на трошоците треба да се гледа стратешки, а не само на краткорочен сметководствен начин, вели Барозо, додавајќи дека при претходните проширувања проценката била дека предностите од примерот на нови членки, не само политички, туку и економски, се поголеми од трошоците.

Затоа, според него, ЕУ треба да инвестира во проширувањето од сите гледни точки.

- Понекогаш не се работи само за пари, туку и за внимание, за присуство и за давање совети, а тоа бара нешто повеќе од она што го гледавме досега. Со сета почит кон нив, но тоа не може да го направат само Генералниот директорат (за соседство и преговори за проширување) и ресорниот комесар, треба да се вклучат европските општества како целина, смета Барозо.

Врз основа на искуствата од приемот на нови членки во Унијата во текот на неговите два мандати на чело на Еврокомисијата, Барозо вели дека процесите на проширување и на зајакнато интегрирање на ЕУ може да се одвиваат паралелно.

- Тогаш беше научена многу важна лекција дека е можно (ЕУ) и да се прошири и повеќе да се интегрира во исто време. Секогаш имаше такви кои велеа - повеќе проширување значи помалку интегрирање. Тоа е целосно неточно, истакнува Барозо.

Неколку месеци пред доаѓањето на Барозо на чело на Еврокомисијата, беше спроведено т.н. големо проширување од 1 мај 2004 година, кога во ЕУ беа примени 10 нови членки - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка со што Унијата се зголеми од 15 на 25 членки, а потоа во текот на неговиот мандат се случија и проширувањата со Бугарија и Романија во 2008 година и со Хрватска во 2013 година.

- Тоа беше историски невиден успех на ЕУ, со што се покажа и трансформативниот капацитет на блокот, оцени Барозо, додавајќи дека Европа „не треба да ја изгуби перспективата на она што се случи тогаш“.

Тој смета дека најавата на Комисијата формирана во 2014 година по истекот на неговиот втор мандат дека „нема да има ново проширување во следните пет години“, претставувало „огромна грешка“.

- Тоа создаде разочарување, фрустрација, па дури и незадоволство и ја игнорираше чувствителноста на тие земји и тие луѓе, истакна Барозо.

Поранешниот претседател на ЕК нагласува дека искуствата научени од претходните проширувања се дека ЕУ треба да избегне опстојување на „сиви зони на нестабилност“ во нејзиното соседство, но и да не дозволи отстапување од своите стандарди.

Барозо признава дека „постојат проблеми со владеењето на правото“ во некои од земјите кои станаа членки на ЕУ во овој век, но според него „сега им е многу подобро отколку пред да влезат во Европската Унија, кога беа под комунистичка власт.

Според Барозо, по овие проширувања со текот на годините за време на неговите мандати ЕУ постигнала поголем напредок во подлабоката интеграција и повисоко ниво на соработка меѓу 27-те земји членки, особено во надворешната политика, отколку во случајот кога Унијата броела 12 членки до средината на 90-те години на минатиот век.

Во однос на дебата за реформи на ЕУ пред следното проширување со цел таа да може да функционира со „потенцијално 36 членки“, Барозо смета дека би претставувало уште една „огромна грешка“ ако сега започне фундаментална ревизија на институциите на Унијата поради проширувањето.

Тој нагласува дека не го велам ова за да го одбранам Лисабонскиот договор, за кој тој преговараше, туку затоа што за негова промен е потребен консензус на сите земји членки, па ако во во процесот на реформи на ЕУ почнат да се воведуваме други прашања, како на пример проширувањето, може само да се зголемат изговорите за различни спротивставувања.

- Ќе има луѓе кои ќе сакаат да го блокираат проширувањето, па ќе користат институционални аргументи. Ќе има луѓе кои ќе сакаат да ги блокираат институционалните реформи, па ќе го користат проширувањето. Не треба да ги мешаме проблемите, смета Барозо.

Затоа, според него, Унијата треба да „избегне премногу амбициозни реформи“ и да се посвети само да ги спроведе оние кои се „строго неопходни за проширувањето“. - Бев претседател на Комисија со 28 членови и сите студии и сите мислења покажаа дека нашата Комисија ги носеше одлуките поефективно и побрзо од претходните помалобројни комисии, изјави Барозо. /МИА

Животот во раскошниот дом го замениле со автобус (видео)

 – Овој пар има 7 деца, сите живеат на тркала

Нивниот живот е динамичен и сакаат да го поминуваат во патување.

Познато е тврдењето дека секому му е потребен безбеден дом и покрив над главата, а тоа обично подразбира стационираност на едно место. Иако многумина посакуваат постојан сопствен дом, други со задоволство го менуваат за поскромни и поедноставни услови. Ова големо семејство докажа дека трошоците за живот не мора да се секогаш големи, туку дека понекогаш времето е пари и она што го доживуваме во животот.

Едно деветчлено американско семејство одлучило својот раскошен дом да го замени со автобус.

@jdandbritney

(null)

♬ original sound - AmericanFamilyRoadTrip

- Порано мислев дека, ако имам големо семејство би требало да имам и поголема куќа. Како просторот да е клучен за детето да израсне во успешна и добро ситуирана личност. На децата им е потребно вашето време. Имавме голема куќа, но таа бараше одржување и ни беше товар, ни го одземаше драгоценото време што го имавме за себе. Се одлучивме за поинаков пристап кој ни дава максимална можност за квалитетен живот - значајни искуства, развој на карактерот, учење и градење на односи – навела мајката на седумте деца во објавата на Инстаграм.

Таа истакнала дека за да го постигнете тоа не ви е потребно да живеете во голема куќа, туку како нив, во автобус.

Нивниот мобилен мини-дом има сè што му е потребно на целото семејство. Тие редовно споделуваат моменти од автобусот со лицата што ги следат на Инстаграм и Тикток.

Автобусот е на два ката и ги има сите неопходни елементи за функционирање на едно семејство. Децата имаат свои кревети, брачниот пар има свој заеднички кревет, како и кујнски елементи. На видеото објавено на Инстаграм може да се види како децата имаат свое катче за учење и одмор, така што буквално ништо не им недостасува.

Имаат када, туш кабина, топла вода и сите придружни елементи во бањата. Како што наведува оваа инфлуенсерка во описот на објавата, на нејзиниот сопруг му биле потребни осум месеци да го направи овој автобус, да го регистрира, да го осигура, но тие уште од почетокот имале свој оригинален дизајн. Засега во тој дом ги посетила само нејзината мајка, која рекла дека одлично спиела и дека ѝ било убаво.

Ова семејство привлекува големо внимание кај луѓето на Инстаграм, но многумина ги напаѓаат родителите поради тоа што ги ограничуваат децата на толку мал простор.

-Што ќе правите кога децата ќе станат тинејџери?

- Планирате да се усидрите некаде?

- Овие деца ќе бидат сè поголеми и поголеми, и автобусот нема да биде доволен.

- Не можам да преживеам во простор за кампување од 40 квадрати со петчлено семејство, хаха

- Ова е лага... нема шанси да се сместите со сите тие деца во овој автобус - беа дел од коментарите.

Многумина ги критикуваат овие родители дека не се грижат соодветно за семејството и дека децата немаат приватност, и дека овој потег е многу себичен од страна на родителите. Мајката на прозивките одговорила дека не мора да ги имаат сите одговори од денес до утре и дека засега совршено уживаат во својот подвижен дом кој им овозможува да посетат многу земји потполно бесплатно и многу поволно, така што засега немаат намера да се сместат на некое место.

Извор: srecna.republika.rs

Пет години ги чекал новите сопственици

Беспомошно куче го наоѓа својот нов дом по пет години чекање.

Потребно му било време да се адаптира на новиот дом.

За едно семејство голема е среќата и радоста кога ќе добие домашно милениче. Иако повеќето вдомуваат миленик од продавница за миленичиња, сепак има и такви кои се одлучуваат да покажат хуманост и да вдомат напуштени кучиња или мачки овозможувајќи им дом каков што посакуваат.

На социјалните мрежи, се појави видео со едно беспомошно 11-годишно куче, кое било вдомено по 5 години чекање.

Иако пронаоѓањето нови сопственици најчесто е гаранција дека кучето ќе добие бескрајна љубов и грижа од нивна страна, како што во видеото и покажуваат новите сопственици, сепак кучето откако се нашло во новата средина, меѓу туѓинци, се однесувало крајно исплашено и несигурно.

-Три недели не сакаше да се појави во нашата дневна соба. Првите чекори навистина му беа несигурни, како на бебе. Го носевме на плажа бидејќи тоа беше единственото место каде што сакаше да биде. Сакавме да го доживее светот, но имаше плускавци на нозете, па му беше тешко да се движи. Сепак, беше љубопитен и само се туркаше напред - изјавила сопственичката.

Флеш, како што го нарекуваат кучето, набргу некако успеал да се прилагоди на својот нов дом. Иако на почетокот кучето било плашливо и резервирано, сега наоѓа друштво во играчките низ куќата кои му привлекуваат внимание, но им се придружува и на другите кучиња што сопствениците ги чуваат.

Овие играчки кучето ги носело со себе во креветот, а подоцна преминало и на обувките. Секогаш кога сопствениците го губат далечинскиот управувач, Флеш е тука да го најде и да го донесе. Флеш, како што открива неговата сопственичка, е посебно куче на многу начини во споредба со другите кучиња, и ја добил сета љубов што ја чекал со години од своите нови сопственици.

Видеото било објавено од страницата „Geo Beats Animals“, а Флеш им привлекол големо внимание на луѓето кои биле пресреќни што конечно го пронашол својот дом. Според коментарите на луѓето, осаменоста за животните е подеднакво тешка како и за луѓето.

- Ви благодарам што му дадовте живот каков што го заслужува.

- Измамивте насмевка на неговото, но и на моето лице.

- Ви благодариме што му дадовте шанса да ужива во доцните години. Луѓето кои вдомуваат постари кучиња се посебни луѓе.

- Гледајќи го него толку среќен ми се насолзуваат очите - беа дел од коментарите.

Сопственичката открила дека помеѓу нив и кучето се создала силна врска, така што и најмала разделба понекогаш им причинува проблем.

-Кога се качуваме горе на катот, макар и за минута, почнува да плаче и штом ќе не види повторно, се радува и скока од радост. Едноставно е среќен што нè има како друштво - додала таа.

Сопственичката преку видеото покажала како ова некогаш осамено куче ги поминува деновите со нив, чекајќи ги пред врата кога се враќаат од работа, потоа додека шетаат со него и се дружат дома во дворот. Таа признава дека Флеш е совршен за нив и дека се среќни што го пронашле. Освен тоа, бидејќи семејството на напуштеното куче му пружило дом каков што заслужува и се врзале за него, таа признава дека Флеш никогаш повеќе нема да биде осамено куче.

Извор: srecna.republika.rs

притисни ентер