Српскиот премиер ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво Горан Весиќ

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ .

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека ќе ја прифати оставката на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ и додаде дека не се сомнева оти министерот не е субјективно виновен за тоа што се случи во Нови Сад.

Вучевиќ за Радио телевизија на Србија изјави дека одлуката на Горан Весиќ е чин на сериозен човек, кој е свесен дека кога извршува важна функција го има и товарот на одговорност.

-Не се сомневам дека Горан Весиќ субјективно не е виновен за ништо што се случи на 1 ноември во Нови Сад, рече Вучевиќ и додаде дека Весиќ е објективно одговорен бидејќи тој раководи со тој оддел.

„Јас ќе, а имавме и неколку телефонски разговори претходните денови, ќе ја прифатам неговата оставка со благодарност за се што направи за време на мандатот на оваа и на претходната влада. Не можам да кажам дека не си ја завршил добро работата, но во политиката има одговорност за работи за кои вие лично не сте виновни. Јас ја разбрав неговата порака и оставка“, рече Вучевиќ.

Премиерот додаде дека би било нелогично се да заврши со оставка на министерот Горан Весиќ.

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ синоќа најави дека ќе поднесе оставка, по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.

Уапсено 21 лице во Атина за насилни кражби на ланчиња од граѓани во јавниот превоз

​Од уапсените, 14 се малолетници, а во обвинението вклучени се и 48 други лица од кои 11 се во затвор.

Грчката полиција разби група која со физичко насилство крадела ланчиња што луѓето ги носеле на врат, уапсено е 21 лице и расчистени се 129 случаи на кражби во Атина, меѓу кои, според медиумите во Грција и онаа на атинска плажа, кога непланирано беше пренесена во живо за време на линк на телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од уапсените, 14 се малолетници, а во обвинението вклучени се и 48 други лица од кои 11 се во затвор.

Групата, кражбите најчесто ги вршела во јавниот превоз во Атина, пред сè во метрото и трамвајот, но и на централни плоштади.

Како што соопштија од грчката полиција, сторителите им приоѓале на жртвите и насилно со влечење или со физичко насилство им ги одземале ланчињата што го носеле на врат.

На почетокот на јуни, како што тогаш објави МИА, повозрасна жена остана без нејзиното ланче на атинска плажа откако во моментите кога се подготвуваше да влезе во море, непознато лице насилно и го извади од вратот и побегна, а сето тоа го сними грчката телевизија Скај за време на вклучувањето во живо за сосема друга тема.

Медиумите во Грција, денеска пишуваат дека меѓу уапсените е и лицето што ја ограби жената, но и дека уапсените на социјалните мрежи објавувале фотографии од нивниот плен. /МИА

Општина Центар започна со есенска дератизација

Општина Центар ја започна есенсктаа дератизација на сите јавни површини и јавни објекти на територијата на цела локална самоуправа. 

Дератизацијата која ја спроведуваат општински служби има за цел да ги уништи штетните глодари, инсекти и да превенира од можна појава на заразни болести. Ова е една од општите мерки кои општината ги презема за заштита на населението од заразни болести во согласност со Програмата за активностите на Општина Центар во областа на здравствената заштита за 2024 година.

Со дератизацијата ќе бидат опфатени сите шахти на територија на целата општина и акцијата ќе се спроведува во текот на целиот месец. Денеска дератизација се прави во населбите Буњаковец и Маџир Маало.

Дератизација во Општина Центар се врши два пати годишно во пролетниот и есенскиот период. Општина Центар ги известува граѓаните дека при процесот на дератизација се користи препарат од сертифициран производител и кој ја третира популацијата на глодарите. Истиот е издаден со одобрение од Министерство за здравство на Република Македонија, се користи за употреба во јавната хигиена и не претставува опасност за останатиот животински свет.

Општина Центар

ЕК: Македонија е помеѓу умерено и добро ниво на подготвеност во областа на статистиката

Македонија е помеѓу умерено и добро ниво на подготвеност во областа на статистиката, оценува Европската комисија во Извештајот за напредокот на поглавјето 18 Статистика за 2024 година.

Годинава, како што соопшти Државниот завод за статистика, е констатиран дополнителен напредок во Извештајот на Европската комисија за поглавјето 18 Статистика, каде што високо ниво на усогласеност е забележано во статистичката инфраструктура, додека во секторските статистики се бележи одреден напредок.

-Оценката во Извештајот е уште една потврда дека Државниот завод за статистика, како главен носител и координатор на Националниот статистички систем, е високопрофесионална институција во рамките на органите на државната управа, која со право го заслужува епитетот на рамноправен член на европското статистичко семејство применувајќи ги европските принципи и стандарди во работењето како и сите други статистички институции на земјите членки на ЕУ, се наведува во соопштението.

Сите овие резултати и високи постигнувања, како што посочуваат од Државниот завод за статистика, се плод на максималната ангажираност и посветеност на сите вработени во институцијата кои постојано целосно се вложуваат за постигнување на поставените цели и покрај сите пречки со кои институцијата се соочува веќе подолг период.

притисни ентер