Средба на претседателката Сиљановска Давкова со комесарот за културни врски на Јапонија

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими делегација од јапонската Влада, предводена од комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, чија работна посета се реализира во годината кога се одбележува 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

На средбата, на која присуствувал и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, соговорниците размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за улогата на културната политика и дипломатија и важноста од унапредувањето на соработката во областа на културата.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, ја поздравила посетата на Шуничи, како прва посета на висок претставник од јапонската влада во областа на културата и го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на културата меѓу двете држави, изразувајќи уверување дека истиот ќе претставува силен поттик во развојот на културните врски меѓу двете земји.

Оценувајќи дека Меморандумот отвора нови можности за продлабочување на културната соработка, претседателката ја изразила својата поддршка на сите активности и иницијативи насочени кон воспоставување на културна размена и дијалог, како и развојни проекти од областа на културниот туризам.

Во таа насока, таа ги истакнала нејзините заложби за меѓународна соработка, промовирање на културна размена како дел од дипломатските односи, за развој на македонските културни центри во странство и соодветна презентација на македонските културни вредности во светските музеи.

Во разговорот со Шуничи, претседателката изразила задоволство што повеќе реномирани македонски уметници наредната година, ќе ја претстават нашата држава на ЕКСПО ОСАКА 2025, токму со изложбена поставка која ги отсликува особеностите на значајниот проект за постземјотресната реконструкција на Скопје, на јапонскиот архитект Кензо Танге.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека Јапонија многупати досега го има потврдено пријателството кон нашата земја и изразилаблагодарност за континуираната јапонска поддршка преку различни донации, грантови и проекти кои имаат за цел да го стимулираат нашиот економски и општествен развој.

Во таа насока, било оценето дека за нас е особено важна јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, како и споделувањето на јапонското искуство и знаење во делот на развојот на човечките ресурси и подобрување на капацитетите.

Германската ЦСУ не е веќе против постизборна коалиција со Зелените

Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените.

Три месеци пред предвремените парламентарни избори во Германија, претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените, но наведе промена на миграциската политика на Зелените како услов за соработка, објавија денеска германските медиуми.

-Одлучувачко прашање е ставот на Зелените. Кога станува збор за миграциската политика, оваа партија е на сосема погрешен пат, вели претседателот на ЦСУ, помала, сестринска партија во Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, во интервју за неделникот „Стерн“.

Досега Содер експлицитно одбиваше да соработува со Зелените, пред се поради миграциската политика и неговото инсистирање за најбрза можна зелена трансформација на општеството.

ЦСУ, која е на власт во Баварија, се залага за максимално ограничување на миграцијата и отфрлање на потенцијалните баратели на азил на самата граница, што Зелените го отфрлаат.

Содер, кој е и баварски премиер, во исто време рече дека Унијата не треба да се врзува за една партија во изборната кампања.

- Силната врска со Зелените би ги оддалечила гласачите од конзервативното граѓанско милје, рече Содер.

Според последните истражувања на јавното мислење, убедливо на прво место е Унијата ЦДУ/ЦСУ, со поддршка од 32 до 37 отсто од гласачите. На второ место е десничарската АфД, со околу 17 до 19 отсто. На трето место е моментално владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) со околу 15 отсто и Зелените со околу 12 отсто поддршка.

Либерално-демократската партија (ФДП) се движи околу изборниот праг од пет проценти. /МИА

Грузија кон средината на декември ќе избира нов претседател

Грузија ќе избира нов претседател со индиректно гласање на 14 декември, објави денеска Парламентот на малата кавкаска држава. Овие избори би можеле дополнително да ја зајакнат партијата на власт.

Оваа поранешна советска република минува низ многу бурен политички период во кој партијата Грузиски сон, на политичката сцена од 2012 година, е обвинета за продлабочување на врските со Русија. Таа конзервативна националистичка партија, предводена од милијардерот Биџина Иванишвили, победи на парламентарните избори на крајот на октомври со 54,09 отсто од гласовите.

За време на првата седница вчера, легитимитетот на новиот парламент беше доведен во прашање од демонстрантите и прозападниот актуелен претседател Саломе Зурабишвили, кој го повика Уставниот суд да ги поништи изборните резултати.

Сепак, новоизбраните грузиски пратеници се состанаа денеска за да го потврдат датумот на следните претседателски избори.

Следниот претседател за прв пат ќе се избира преку избирачки колеџ, наместо со народно гласање, во согласност со уставните промени во 2017 година иницирани од Грузискиот сон.

Парламентот денеска соопшти и дека инаугурацијата на новиот претседател ќе се одржи на 29 декември.

Претставниците на опозицијата не учествуваа на гласањето бидејќи ја бојкотираа седницата на парламентот.

Познавачите на уставното право сметаат дека одлуките на новиот парламентарен состав не се валидни бидејќи претставниците се сретнаа во понеделникот, пред Уставниот суд да ги објави резултатите од изборите.

Новата процедура за избор на претседател на државата предвидува избирачки колегиум од 300 членови, од кои 150 се заменици и претставници на локалните и регионалните власти.

Претседателот, чии овластувања се многу ограничени, се избира за мандат од пет години по јавно гласање, без прелиминарна расправа во парламентот. /МИА

Голема акција против пиратеријата во Хрватска, уапсени се 11 лица

УСКОК во соработка со полицијата изврши акција во дури пет хрватски жупании, при што се уапсени 11 лица.

Во акцијата на УСКОК и полицијата уапсени се 11 лица поради сомнение за сторени кривични дела против интелектуална сопственост и кривични дела против компјутерски системи, програми и податоци како дел од злосторничко здружување.

Како што дознава Дневник Нова ТВ, станува збор за лица кои продавале интернет ТВ пакети со 400 програми за по петнаесет евра.

Во рамките на меѓународната акција, покрај во Хрватска, доказни дејствија се спроведени и во неколку други земји.

УСКОК за акцијата извести на својата веб-страница.

„Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејствија се резултат на кривична истрага спроведена од Службата за сајбер-безбедност на Управата за криминалистичка полиција и полициската управа Сплит-Далмација по налог на УСКОК.

Наведените дејствија се спроведуваат во Хрватска на подрачјето на повеќе полициски управи (Сплит-Далмација, Загреб, Приморје-Горски Котар, Пожега-Славонија и Истра) во врска со повеќе лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против интелектуална сопственост како дел од злосторничко здружување и кривични дела против компјутерски системи, програми и податоци.

По распитот на осомничениот УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување по предметниот случај за што благовремено ќе ја информира јавноста.

Освен во Хрватска, акции за докажување се спроведуваат и во неколку други земји како дел од меѓународна координирана акција“, се наведува во соопштението на УСКОК.

За акцијата се огласи и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ. „Сето ова е направено во соработка со Европол, но кога зборуваме за Хрватска во моментов, проценетата штета е речиси два милиони евра. Сепак, ова е почеток на кривичната истрага и ќе видиме каде сето тоа води“, рече Божиновиќ.

притисни ентер