Сообраќајот по суви коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. 

На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 01.04.2024 е пуштен за сообраќај за сите видови возила со вкупна тежина до 3.5 тони.

РАБОТИ НА ПАТ:

Времена измена на режим на сообраќај на регионален пат Р1101 делница Прилеп - Битола заради интезивирање на градежни активности во врска со проект "Санација на трупот на патот кај мост на река Шемница на Државен пат Р1101 км 85+903, делница Прилеп - Битола", и тоа од 27.03.2024 ќе има целосно затворање на делницата.

На 26.03.2024 година од 14.15 часот извршена е времена измена на режимот на сообраќајот на делницата од автопатот 300м после надвозник „Маџари“ до клучка „Белви“ за време на поправка и рехабилитација на државен пат А1/А2 делница Скопје-Куманово (десна коловозна лента) каде што со ветикална сообраќајна сигнализација во должина од 200м сообраќајот се канализира и успорува од левата (за претекнување) сообраќајна лента во средната (за возење) сообраќајна лента за да потоа во должина од 1500м целиот сообраќај ќе се одвива по сообраќајната лента за претекнување (левата), а средната и сообраќајната лента за принудно запирање ќе бидат затворени за сообраќај.

Од 18.03.2024 г. има измена на режимот на сообраќај на државниот пат Р1101, делница Прилеп – Битола, заради интезивирање на градежните активности во врска со проект Санација на патот, кај мост на река Шемница.

Извештај бр. 0351 10.04.2024

Започнувајќи од 11.12.2023 год. ќе биде изменет режимот на сообраќај на магистралниот пат A3, делница Прилеп - Битола поради изведување на геотехнички истражувања на коловозот. Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно одобрен сообраќаен проект. Времениот режим на сообраќај е со важност од 6 месеци, односно се до завршување на градежните работи.

Започнувајќи од 05.12.2023 год. е изменет режимот на сообраќај на државен пат A2, делница Тетово - Гостивар во двата правци на движење поради изведување на геотехнички истражувања на коловозот. Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно одобрен сообраќаен проект. Времениот режим на сообраќај е со важност од 6 месеци, односно се до завршување на градежните.

Oд 24.11.2023 година од 16:00 часот режимот на сообраќајот на делницата од автопатот А-1, Куманово – ГП „Табановце“поточно кл.Куманово-кл.Кр.Паланка, десната сообраќајна лента за присилно запирање и застанување ќе биде затворена за сообраќај во должина од 500м, додека сообраќајот ќе се одвива по сообраќајната лента за возење и претекнување.

ГД Гранит АД Скопје известува дека согласно ново издаденото одобрение за времен режим на сообраќај поради изведување на градежни работи на Автопат А4, делница ГП "Блаце" - Скопје (клучка "Стенковец") Подделница 1 – од 08.11.2023 г. постоечкиот локален пат до с. Блаце од магистраниот пат А4 пред граничниот премин ќе биде затворен, а пристапот до с.Блаце ќе биде обезбеден по привремен пат пред граничниот премин, согласно поставената сообраќајна сигнализација. Останува и претходно воспоставениот времен режим на сообраќај согласно кој на 2 км пред граничниот премин "Блаце" на местото на изведување на градежните работи сообраќајот се одвива по двонасочен режим на сообраќај (со два нови кружни тека) и поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

На 07.11.2023 година од 13:00 ч. извршена е времена измена на режимот на сообраќајот на делницата од Автопат А1, Пeтровец – Катланово - рехабилитација со проширување на автопатот А1 (лево и десно коловозот во двата правца) во должина од 6000 м, сообраќајот ќе се одвива по новоизградената коловозна лента (Катланово - Петровец) двонасочно, со вертикално поставена сигнализација, додека коловозната лента Петровец - Катланово ќе биде затворена за сообраќај.

Oд 24.10.2023 година ќе се започне со реконструкција на регионалниот пат 1301 (Охрид-Свети Наум). Сообраќајот ќе се одвива непречено и ќе биде регулиран со содветна сообраќајна сигнализација.

ГД Гранит АД Скопје известува дека согласно издаденото одобрение за времен режим на сообраќај на Автопат А4, делница ГП "Блаце" - Скопје (клучка "Стенковец") Подделница 1 - проширување на постоен пат А4 од ГП "Блаце" до с. Блаце до ниво на автопат и изградба на дел од автопат со клучка за поврзување со локален пат до с. Блаце, на 2км пред Граничниот Премин "Блаце" од 06.10.2022 г. на местото на изведување на градежните работи се одвива нов времен двонасочен режим на сообраќај (со два нови кружни тека) со поставена соодветна соорбаќајна сигнализација. Сообраќајот се одвива континуирано без застој. Препорака до возачите за прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Oд 11.9.2023 г. воспоставен е времен режим на сообраќај во тунелот на патниот правец Блаце – Скопје, поради изведување на градежни работи – санација на тунелот. Поставена е светлосна сигнализација со наизменично пропуштање на возилата.

БИОН ДОО Тетово известува дека од 20.05.2023 година на патниот правец "Државен пат А3, делница: Буково - Охрид, подделница Буково - влез во Охрид" ќе има измена на времениот режим на сообраќај поради изведување работи што се предвидени на објектот "Поставување на сообраќајна сигнализација и опрема на државен пат А3, делница Буково - Охрид, подделница Буково - влез во Охрид". Режимот ќе биде според сообраќајниот проект. Работите на објектот се предвидени да завршат на 29.02.2024.

Од 14.06.2023 година почнува проектот „Санација на трупот на патот Р1303, делница Македонски Брод – Прилеп, премин Барбаpос. Сообраќајот на овој патен правец ќе се одвива непречено со ограничување на максимална брзина до 30 км/час.

Поради изведување на градежни работи (реконструкција на коловозот) на патниот правец Подмоље – Охрид на магистралниот пат А3, сообраќајот ке биде пренасочен преку регионалниот пат Р-1208. Работите започнуваат на 09.6.2023 г., а на местото ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Почнувајќи од 06.03.2023 г., на автопатот А1, делница Петровец – Катланово, започнуваат градежни активности поради што има изменет режим на движење на возилата. Сообраќајот се одвива непречено и се препорачува внимателно пристапување.

Поради изведување на работи на експресниот пат од Градско до Дреново на државен пат А1, делница Велес-Неготино, ќе се применува времена измена на режим на сообраќај. Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од V=80km/h во зона на градилиште. Режимот ќе се применува се до целосна изградба на новата клучка Градско.

На патниот правец Градско - Прилеп се изведуваат градежни активности и затоа препорачуваме внимателно возење и прилагодена брзина на движење.

На патниот правец Кичево - Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување на истата и прилагодена брзина на движење.

Се снима шестиот игран филм за Астерикс и Обеликс

Продукциската компанија StudioCanal и издавачката куќа Editions Albert René потпишаа договор за шестиот игран филм од серијата Астерикс, инспириран од истоимениот јунак од стрипот, потврди Variety.

Стриповите на Астерикс, создадени во 1959 година од Рене Гошини и Алберт Удерзо, оваа година ја слават својата 65-годишнина. Стрипот ги следи авантурите на Астерикс и Обеликс и нивните пријатели кои живеат во мало село во Галија каде се обидуваат да се спротивстават на инвазијата на Римската империја.

Стриповите на Астерикс се продадени во повеќе од 300 милиони примероци ширум светот. Досега се снимени пет играни и десет анимирани филмови инспирирани од авантурите на Астерикс.

Последниот филм, Астерикс и Обеликс: Средното Кралство, излезе минатата година и беше огромно промашување. Со негативни критики од познати критичари, филмот заработи само 46,5 милиони долари, не успевајќи да ги покрие трошоците за производство од над 72,4 милиони долари.

„Мило ми е што го потпишавме овој ексклузивен договор со Editions Albert René, кој ќе ни овозможи да го продуцираме шестиот долгометражен авантуристички филм за Астерикс. Но, најмногу од сè, во име на StudioCanal и конгломератот Canal+ Group, можам да кажам дека се чувствувам почестен што покажавме доверба во Editions Albert René“, рече Ана Марш, извршен директор на StudioCanal.

„Свесни сме дека Астерикс е културна икона и ќе се погрижиме да го прикажеме неговиот свет со почит за да им оддадеме почит на прекрасните творци, Рене Гошини и Алберто Удерцо“, додаде таа.

Заедно со претстојниот игран филм, следната година ќе може да ја гледаме и анимираната серија за Астерикс, која ќе биде достапна на Нетфликс. Францускиот режисер и сценарист Ален Шабат работи на серијата.

Претседателот на Светскиот економски форум: Глобалниот долг е највисок од времето на Наполеон

Денеска глобалниот јавен долг е највисок од Наполеонските војни, односно од првата и втората деценија на 19 век, изјави претседателот на Светскиот економски форум, Борге Бренде на конференција во Ријад.

Бренде изјави дека глобалниот јавен долг се приближува до границата од 100 отсто од БДП, како и дека напредните економии се соочуваат со закана од стагфлација, односно раст на цените со истовремен пад на производството, пренесува CNBC.

Неговото предупредување се совпаѓа со неодамнешниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во кој се вели дека глобалниот јавен долг достигнал 93 отсто од БДП минатата година, што е за девет отсто повеќе од нивото пред пандемијата.

ММФ предвиде дека глобалниот јавен долг би можел да биде близу 100 отсто од БДП до крајот на деценијата.

Бренде нагласи дека владите треба да размислат како да ги намалат долговите и да ги преземат вистинските фискални мерки, без истовремено да предизвикаат рецесија.

Претседателот на Светскиот економски форум предупредил и на последиците од забавувањето на светскиот економски раст кој, според прогнозата, во 2024 година ќе изнесува 3,2 отсто.

Светот ќе се соочи со една деценија слаб економски раст доколку не се спроведат вистинските мерки, заклучил Бренде.

Ковачевски од Неготино: Али Ахмети прави грешка со скандирањата УЧК, тоа никому не носи добро

„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“.

„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Неготино.

Ковачевски го повика Ахмети да се воздржи од реторика која не е соодветна за актуелната сегашност, во која Македонија се стреми да стане рамноправна членка на Европската Унија.

„Господине Ахмети, членови и симпатизери на ДУИ, да не дозволиме да се вратиме назад во темните делови од поновата македонска историја. Имаме голема одговорност пред граѓаните, а нашите гласачи кои очекуваат да обезбедиме подобра иднина, да се препукуваме со идеи и концепти за иднината, наместо со закани и плашење. Ние мора да им испорачаме иднина на граѓаните, а не да ги заплашуваме со повици од минатото”, - рече Ковачевски.

Пред жителите на Неготино, Ковачевски говореше од потребата сите граѓани во државата да се обединат околу идејата за европска Македонија без разлика на нивната етничка, религиска, партиска или каква било друга припадност. Порача дека европските вредности ќе ги достигнеме само со инклузија, а не со дневно-политички квази-национализам.

„Да не дозволиме некој да си игра со нашата иднина и иднината на нашите деца. Немаме право да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници низ Европа. Имаме морална обврска да им ги обезбедиме најдобрите можни услови за живот и со реални и издржани политики да ги поттикнеме да си ја бараат среќата дома, во европска Македонија.“

Лидерот на СДСМ порача дека Македонија доволно долго седеше во чекалницата на ЕУ и крајно време е државата одлучно да го продолжи патот кон Брисел. Истакна дека само СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат сила, знаење и капацитет да ги завршат преговорите и да ја внесат државата во ЕУ.

„Ние сме единствениот легитимен наследник на НОБ, партија која е секогаш подготвена да се бори за граѓаните и за иднината на земјата; единствена партија која повикува на мобилизација на демократскиот блок. Па замислете на што ќе личеше ако Илинденците се откажеа од својата заложба за слободна Македонија? Или пак Асномците од своите идеи? Замислете само како ќе изгледаше сите наши претходници во 90-тите да се откажеа од независна Македонија, членка на ОН, слободна и суверена држава?“, ги праша Ковачевски неготинчани.

Ковачевски посочува дека СДСМ во 90-тите, предводена од тогашниот претседател, Киро Глигоров, ја внела Македонија во Обединетите Нации и токму СДСМ е партијата во чие време, во 2005-та година, државата се стекнала со кандидатски статус за Европската Унија.

„Како што тие не се откажале, нема да се откажеме ни ние во нашата цел за Македонија во ЕУ, држава со европска иднина за нашите деца и идните поколенија“, порачува Ковачевски.

Ковачевски ги потсети граѓаните дека СДСМ е заслужен и за тоа што Македонија стана членка на НАТО и додаде дека СДСМ заедно со граѓаните, ќе ја внесе Македонија во ЕУ.

„Знаете, целосно сме свесни за казната во првиот круг од претседателските избори. Пораката е примена со сето достоинство и со цела почит кон сите граѓани кои излегоа да гласаат, но и кон оние кои одлучија да не излезат на гласање“, вели Ковачевски и додава дека со право дел од граѓаните се незадоволни од дел од нивните политики, одлуки или кадровски решенија изминатите години.

„Свесен сум и дека нашата инклузивност, но и концептот на едно општество за сите беше често и злоупотребуван од одредени политички сили и структури во земјата за лична корист. Можеби бевме и премногу попустливи во одредени ситуации, дадовме многу, а добивме многу малку за возврат. Но, тоа не значи дека во било кој момент сме се откажале од остварувањето на нашите политики и активности“, посочува Ковачевски.

Тоа значи дека сме ја научиле лекцијата, вели претседателот Ковачевски и додава дека поуката е извлечена и наредниот пат пристапот ќе биде повнимателен и многу претпазлив, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер