Филипче: Потребен е силен, достоинствен СДСМ да ја одржи идејата за напредна и слободна држава

Доктор Венко Филипче, носителот на листата во ИЕ4 на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, се обрати на вечерашниот митинг во Неготино.

„Нема никаква дилема дека СДСМ е исправен пред најголемиот предизвик од неговото основање. Резултатот на првиот круг на претседателските избори е под сите очекувања и го става на испит секој од нас, секој партиски член.

Ќе имаме време за тоа да анализираме каде сме грешеле, и кој бил виновен за лошиот резултат. Ќе имаме време да ги менуваме работите и да ја градиме одново довербата кај граѓаните. Тоа мора да го започнеме првиот ден после изборите. Но, сега пред вториот круг, и на денот кога ќе се бираат пратеници, мора да се мобилизираме.

Имаме обврска заради генерациите кои доаѓаат да ја чуваме жарта за општествени промени да тлее. После сите жртви што ги направивме како прогресивна и државотворна партија, недозволиво е сега да потклекнеме пред старите режимски политики. Ако сега се откажеме од борба, тоа е уништување на иднината за многу генерации.

Како во животот, во спортот, така и во политиката, нема вечни победници, ниту вечно поразени. Тешко е, но наша должност е повторно да се исправиме и да се избориме. Затоа, повикувам секој од вас да собере сила, заедно да одработиме за подобар изборен резултат.

Почитувани граѓани,

Свесни сме дека кај народот има разочараност, граѓаните се уморни чекајќи го клучот за Европа, дадовме многу, а ни се бара уште. Но, СДСМ секогаш гледа подалеку од дневно политичките интереси. СДСМ е единствена партија која го исправа кормилото на бродот кога тој ќе биде повлечен во погрешен правец. СДСМ е единствена партија која и покрај сите грешки, секогаш за водилка го има интересот и развојот на државата. Затоа, СДСМ им е потребен на граѓаните. Потребен е силен, достоинствен СДСМ кој ќе ја одржи и продолжи да ја промовира идејата за напредна и слободна држава.

Почитувани граѓани,

Многу од гласовите што беа дадени за други претседателски кандидати, можат да бидат вратени за листите на СДСМ и Коалицијата. Ве повикувам да им се спротивставиме на оние кои очигледно сакаат СДСМ да биде поделена. Нека не ве лажат кога ви кажуваат дека глас за ЗНАМ е глас за социјалдемократска партија. Или дека пак тоа не е против СДСМ. Така лажеа пред првиот круг, така веќе не можат да лажат. Последниве два дена паднаа маските и станува јасно дека глас за ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е глас за поделба на македонските социјалдемократи, на прогресивните, глас за слабеење на СДСМ на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин не се казнува СДСМ, само се наградува ВМРО-ДПМНЕ. Да владее без контрола и без разум.

Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам дека никој не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола.

Сите ние знаеме добро што се случува кога ВМРО-ДПМНЕ е без контрола: стануваат насилни, владеат со страв и уцени, ги користат новите партии како ЗНАМ и ги елиминираат кога веќе не им се потребни. Одговорни сме тоа да го спречиме!

Затоа на 8 мај мора да докажеме дека не е сѐ готово, и дека рано им е да слават. Голема изборна битка е пред нас и ќе се обидеме да направиме сѐ за да го подобриме резултатот на 8 мај. На граѓаните им е потребен силен СДСМ на кој тие секогаш се потпирале во најтешките времиња. Во времиња на кризи, во времиња на важни одлуки, тука бил СДСМ.

Ајде да покажеме дека нашата солидарност е жива.

Ајде да покажеме дека можеме да правиме пресврти.

Ајде да покажеме дека нашите кандидати заслужуваат избор и поддршка.

Почитувани граѓани,

Не наседнувајте на приказните дека оние кои седат во Белата палата, која е симбол на криминалот и корупцијата, знаеле подобро од нас да се справуваат со корупцијата и криминалот.

Не наседнувајте на приказните за правда од оние кои пробаа да извршат убиства во Собранието, за да не дојде до промена на власта.

Не наседнувајте на лажните патриотски приказни на оние кои имаат резервна татковина, за кои патриотизмот е единствено чукање во гради додека државата пропаѓа во изолација. Тоа не е патриотизам, тоа е алатка за замајување на граѓаните. Каде се сега истите тие кои ве плашеа со некакви странски, тирански Платформи? Каде се сега кога ДПМНЕ најавува коалиција со партиите кои се построија во Приштина и од таму праќаат политички пораки? Или сега Приштинска платформа не им пречи, туку ја повикуваат во коалиција?

И ова е веќе виденото ВМРО-ДПМНЕ: со години ќе плаши и манипулира со национализам, а потоа ќе си прави дилови и дели територии.

Ве повикувам почитувани граѓани, драги пријатели, другарки и другари, уште еднаш да размислите пред гласањето. И да разговарате со своите соседи и пријатели. СДСМ од своето постоење до денес најискрено ги темели своите политики на зачувување на придобивките од нашето минато. Вие паметите дека понекогаш бевме сами на браникот на одбрана на НОБ и АСНОМ. Знаевме дека тие се темелите на нашата државност: ги почитувавме, ги одбележувавме и ги браневме кога овие другите ги рушеа и понижуваа. Ние, од СДСМ, никој друг. Никогаш со нашите политики не сме го довеле во прашање опстојувањето и напредокот на државата. Да не дозволиме со погрешен избор да се врати национализмот, насилството и примитивизмот во политиката, апсењето новинари, прислушувањата и грабежот.

Јас и другите кандидати за пратеници од СДСМ и коалицијата имаме програма и идеи за стабилност и иднина на Македонија. Јас верувам во вашата поддршка. Верувам дека луѓето размислуваат со своја глава и можат да носат правилни одлуки.

И ве повикувам сите да бидеме оптимисти. И да ја покажеме нашата сила и моќ на изборите на 8-ми мај. СДСМ има шанса. И од сите нас зависи дали ќе ја искористиме за да им испратиме вистинска порака.

Да живее Македонија. Да живеат СДСМ и Коалицијата!“

Општина Ѓорче Петров со обуки за подобрување на услугите на администрацијата

Општина Ѓорче Петров денеска ја спроведува последната фаза од обуките за подобрување на услугите од страна на јавниот сектор, односно на вработените преку користењето на моделот CAF.

Целта на работилниците на која учество зема дел од адимистрацијата водена од експетите за CAF, Александра Шантл и Игор Марковски беше преку пленарни сесии и работа во групи, учесниците да се стекнат со знаења за управување со квалитет во јавната администрација.

Користењето на моделот CAF кој претставува алатка за целосно управување со квалитетот ЦУК заснована на Моделот за извонредност на Европската фондација за управување со квалитет, исто така, беше целна точка која вработените ја усовршија преку обуките.

Ова беше еден од основните чекори за почнување процес на постојано подобрување и појаснување на чекорите кои следат за континуиран развој на Општина Ѓорче Петров во областа „управување со квалитет“.

Услужноста на администрацијата е особено важна за Општина Ѓорче Петров како локална единица која всушност е првата општина во Република Македонија која ги спроведува и практикува искуствата од обуката, а втора во регионот.

Општина Ѓорче Петров

Со бубрежна слабост 10 %од жителите, се уште горлив проблем кадаверичната трансплантација

Околу 10 проценти од жителите во државава имаат некаква бубрежна слабост, но многу помал број завршуваат во терминална фаза на дијализа.

Бројот во Македонија се движи од 1.400 до 1.600 со тенденција на раст. Кај бубрежните болести нема граници за возраста, има и бебиња, аи пациенти над 90 години, информираше денеска во одговор на новинарско прашање Душко Ѓоргиев од Здружение „Нефрон".

При присуство на отворниот ден за дијализа во болницата Д.мед Медикал во општината Ѓорче Петров, Ѓорѓиев оцени дека државава има врвна европска дијализа, но оти се уште горлив проблем е кадаверичната трансплатнација.

-Секогаш кажуваме тоа може да биде и подобро, нијанси се во прашање во организација и подобрување на условите за дијализа. Меѓутоа, Македонија има добра дијализа што не е проблемот со трансплантацијата. Сега болна точка ни е трансплантацијата. Покрај она што кажавме и васкуларните пристапи. Ако дијализата сега во најголем процент е решена се уште имаме горлив проблем со кадаверичната трансплантација, имено, трансплантација од починати лица. Затоа потребна е национална кампања, едукација, подигање на свеста кај луѓето за дарување на органи. Инаку, трансплантацијата од познат дарител, од ливинг дарител, од утврден дарител оди тековно и се чека само додека се направат потребните испитувања, изјави Ѓорѓиев.

Според него, за трансплантација чекаат околу 150 лица, меѓутоа, како што рече, таа бројка не е реална. - Ако немаме кадаверична трансплантација, тогаш пациентите не прават типизација испитувања кои што чинат многу, а за една година треба да ги повторат. Со заживување на кадаверичната трансплантација, бројот на пациентите кои ќе бидат на листата за кадавер ќе се зголеми, појасни Ѓорѓиев.

Медицинската директорка на болницата, Елена Бабаљ Бансколиева, специјалист интернист супспецијалист нефролог, посочи дека овој здравствен капацитет како прва приватна болница и лидер во дијализата, 14 години обезбедува високо квалитетна хемодијализа и хемодијафилтрација со индивидуализиран пристап кон секој пациент. Таа нагласи дека перформанс индикаторите сведочат за германскиот квалитет кој секојдневно го спроведуваат.

Професионално им служиме на пациентите, а лично се грижиме за нивното здравје, подвлече Бабаљ Бансколиева.

Емилија Сомчевски, финансова и оперативна директорка, рече дека оваа специјална болница е дел од германска групација - прва германска инвестиција во областа нефрологија со дијализа, од неодамна во нови модерни простории со современа апаратура. Се заблагодари на Германската амбасада, Македонско - германското стопанско здружение, на вработените и на здружението „Нефрон", како и на пациентите за кои се грижат.

Отворена манифестацијата ,,Денови на културата во општина Илинден 2024”

Со одржување на низа настани во Домот на култура Илинден започна традиционалната 25-та манифестација Денови на културата во општина Илинден”.

За прв пат во Општина Илинден но и како новина во содржините на манифестацијата е кино проекција на македонскиот игран филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ, која беше прикажана 14 мај во кино салата на Домот на Култура „Илинден“.

Во духот на соработката и пријателство меѓу Општина Илинден и ДПМ, се одржаа повеќе настани. Трибината под наслов „Современата македонска литература и нејзината перцепција (читањето, критиката, медиумите) “ на којашто учествуваа еминентни писатели и литературни критичари: проф. д-р Христо Петрески, Претседател на ДПМ, Ефтим Клетников, проф. д-р Гоце Ристовски. Трибината отвори серија важни прашања за кои писателите, интелектуалците како авангарда на општеството изнесоа свои ставови.

Во рамки на манифестацијата се одржа креативна работилница „Гатанките, поговорките, и пословиците во македонската литература за деца” со учество проф. д-р Александар Прокопиев, писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општина Илинден. На големо задоволство на учениците се одржа и традиционалното Литературно матине за деца ,,Пролетно поетско будење на Илинден”, на кое учествуваа истакнатите македонски писатели за деца и млади, како Горјан Петрески, Ели Маказлиева, Мито Спасовски, Перо Миленковски, Васил Мукаетов, Ефтим Клетников како и Мишо Китановски.

По повод Меѓународната Литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема ,,Татковина” за учениците од општинските основни училишта, пришто на Литературното матине за деца беа прочитани и наградените песни, а на учениците градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски им доделени пригодни награди.

Дел од манифестацијата беше и отворањето на ликовна изложба на еминентниот ликовен уметник Владимир Темков, каде љубителите на ликовната уметност имаат можност да погледнат околу 40-тина уметнички дела кои го красат просторот, на Домот на култура Илинден, а се изработени од последната едиција на уметникот за 2023/2024 година – житните полиња и птици.

Изложбата ја отвори градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, а за уметникот и неговото уметничко творештво говореа академскиот уметник Новица Трајковски, проф. д-р Кирил Темков. По завршувањето на изложбата се одржа настам на Ансамблот за народни песни и игри ,,Илинден”, КУД „Гоце Марковски“ како и музички настап на млади музичари од Општина Илинден.

Централниот настан на манифестацијата, поетската вечер ,,Интимно соѕвездие” посветена на современата македонска љубовна поезија ќе се одржи денес 16 мај, со почеток во 19.00 часот, а ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Свој настап ќе има и прекрасното музичко трио „Trinity Strings“.

Општина Илинден

притисни ентер