Со сослушување на оштетени во Кривичен продолжи судењето за Жан Митрев

Со сослушување на оштетени, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против доктор Жан Митрев.

Лицата во својство на оштетени - брачни партнери, родители и членови на потесните семејства на жртвите, како и лица кои се лекувале во болницата пред Судот се произнесуваа по однос на преднајава на имотно правни барања.

Барање за отштета пред Судот денеска преднајавија вкупно 7 лица, додека едно од лицата во својство на оштетено, се откажа од барањето.

Поголем дел од оштетените не знаеја да кажат точна сума и зборуваа само за тоа кој се лекувал во болницата и колку хемофилтрации биле направени, а некои од оштетените најавува и точни суми како - износи од 609 илјади денари за три хемофилтрации и околу 250 илјади денари за хоспитализација, околу 15 илјади евра минус трошите за престој во болницата...

Едно од лицата во својство на оштетени, кое се откажа од барањето за штета, пред Судот рече "битно е дека сум жив, другото не".

На прашање од јавниот обвинител Искра Хаџи Василева, дали некој му вршел влијанија, бидејќи, како што кажа, имало сведоци кои пред Обвинителството јавувале за такви обиди, еден од оштетените само кратко кажа "не".

Судијката, која го води случајот Лидија Петковска, информираше дека дел од повиканите оштетените, иако уредно повикани не се присутни на денешното рочиште. Дел од нив го информирале Судот, дека не се државата или се времено во болница.

Обвинителството пред Судот, на денешното рочиште прочита вкупно два искази на лица во својство на оштетени со барања за отштета.

Јавната обвинителка, Хаџи Василева, посочи дека ЗКП предвидел дека оштетените кои се повикани, а не дошле пред Судот, тогаш може да се прочита нивното изнесено предбарање за отштета.

Одбраната, на тоа, реагираше дека тоа не може да се прави, бидејќи како што посочија, имало и такви кои се откажувале од барањата за отштета. Судот, како што информираше судијката Петковска, на едно од претходните рочиште веќе донел одлука по ова прашање, за оштетените кои не може да се јават пред судот, да бидат прочитани нивните искази. Судењето продолжува на 16 декември, за кога се повикани останатите лица во својство на оштетени. Пред Обвинителството за случајот преднајава за барања за штета најавиле вкупно 283 оштетени лица. Предметот се однесува на измама, односно, како што соопшти своевремено ЈО, прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, со цел противправно прибавување на имотна корист. Предметот е оформен по допрен глас, откако се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје. Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. Судскиот процес пред Основниот кривичен суд во Скопје започна во февруари лани, но поради истекот од 90 дена од последното одржано рочиште тој лани во ноември беше вратен од почеток. Процесот се наоѓа во фаза на доказна постапка, каде се изведуваат докази и се сослушуваат сведоци предложени од Јавното обвинителство.

Руско МО: Соборени осум балистички ракети лансирани од Украина

Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска биле соборени осум балистички ракети што биле лансирани од Украина, без да прецизира за какви проектили станува збор, како и дека се уништени бомби и дронови од американско производство.

Француските медиуми пренесуваат дека веста на руското Министерство е објавена во време на жестока ескалација на конфликтот во Украина и заканите на Москва дека ќе ги гаѓа западните земји доколку западното оружје се употреби на руска територија.

„Воздушната одбрана собори осум балистички ракети, шест наведувани воздушни бомби JDAM од американско производство, како и 45 беспилотни летала, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Русија минатата недела ја нападна Украина со балистичка ракета со среден дострел без нуклеарна боева глава и вети дека ќе го зголеми бројот на такви напади доколку Киев продолжи да користи западни ракети за цел на руска територија.

ЈП Комунална хигиена-Скопје: Отстранети 60 кубни метри отпад од диви депонии

Во текот на изминатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 60 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Ѓорче Петров, Карпош и Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје започна со отстранување на обемна дивна депонија лоцирана на улицата Лука Геров во општината Ѓорче Петров.

Депонијата е составена од мешан комунален, кабаст и градежен отпад, а екипите на Претпријатието и во текот на денешниот ден ќе ги продолжат активностите за целосно расчистување на непрописно одложениот отпад.

Во општината Карпош се подигнати околу седум кубни метри градежен отпад одложен на јавна површина на улицата Прашка.

ЈП Комунална хигиена-Скопје викендов интервенираше и во скопската општина Чаир, каде што се отстранети повеќе диви депонии лоцирани на улиците Вуковарска и Џон Кенеди, во непосредна близина на детската градинка „Снежана“ и ООУ „Васил Главинов“ .

Гаши – Коњуфца: Потврда на одличните и конструктивни билатерални односи

Претседателот на Собранието на Република Македонија,  Африм Гаши во рамки на официјалната посета на Република Косово денеска остварил средба со претседателот на Собранието на Република Косово, Глаук Коњуфца.

На средбата присуствувале и пратениците Имрлије Салиу-Фетаи, претседател на пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово и Тони Јаревски, член на пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово.

Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот Гаши се заблагодарил за срдечниот прием и подвлекол дека оваа посета е потврда за потврда на одличните и конструктивни билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Косово, како и плодната соработка меѓу двете држави на сите нивоа.

- Гаши оцени дека билатералната парламентарна соработка е со интензивна динамика со тенденција трендот да продолжи и во иднина. Фреквенцијата на возвратните билатералните средби, за која претседателот Гаши се залагал и во текот на неговиот мандат како претседател на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Косово, резултираше со значително унапредување на дијалогот меѓу двете држави и одржување на Втората заедничка седница на владите на 18 ноември годинава. Двата парламенти успешно соработуваат и се поддржуваат и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), Советот на Европа и Франкофонијата и споделуваат заедничка визија за стабилен Западен Балкан, интегриран во евроатлантските структури. Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, стои во соопштението од Собанието на Република Македонија.

Претседателот на Собранието на Република Косово, Коњуфца искажал благодарност за постојаната поддршка од Република Македонија на сите нивоа од независноста до денес. Подвлекол дека постојаната реципрочна поддршка на сите нивоа е рефлексија на одличните, пријателски и неоптеретени односи меѓу двете држави.

- Република Македонија и Република Косово споделуваат исти предизвици: приближување на стандардите на ЕУ, имплементација на реформи, соочување со предизвици и правење компромиси со соседите, рекол Коњуфца, се вели во соопштението.

Соговорниците се согласиле дека нашиот регион треба да е дел од Европската унија што поскоро имајќи го во вид геополитичкиот контекст на континентот и значењето на регионот за мирот и стабилноста во Европа и пошироко.

притисни ентер