Со наградената претстава „Мојот маж" Драмски театар ја отвора новата сезона

Новата сезона во Драмски започнува утре со претставата „Мојот маж".

Ансамблот на Драмски неодамна учествуваше на меѓународниот театарскиот фестивал Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора каде за претставата „Мојот маж" ја доби награда за „Актерска бравура".

Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

По премиерата во 2020 година претставата „Мојот маж” е веќе пет сезони на редовниот репертоар на матичната сцена.

На фестивалот Војдан Чернодрински во 2021 година претставата доби четири награди и тоа: „Награда за костимографија“ на Роза Трајчевска–Ристоска за костимите во претставата, „Награда за современа сценска драматизација“ на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска и авторските монолози, „Награда за главна женска улога“ на Наталија Теодосиева за улогите во претставата „Мојот маж“ и „Награда за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите“.

Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием од публиката. Се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ во Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.

Актерот Војин Четковиќ и го фрлил телефонот на новинарка пред Ургентниот центар

Популарниот балкански актер  Војин Четковиќ дошол во Ургентниот центар во Белград каде била донесена неговата сопруга актерката Слобода Миќаловиќ, по нападот од непозната жена на паркинг во Земун.

Четковиќ пристигнал видно загрижен, а новинарска екипа која била на лице место го снимила актерот пред Ургентниот центар. На изненадување на сите присутни, Четковиќ бурно реагирал и пришол на новинарка и и го одзел телефонот од рака.

- Тоа е мој личен телефон, врати ми го телефонот. Немате право да ми го земете телефонот – му рекол новинарката на видно нервозниот актер Војин Четковиќ, пренесува Телеграф.

Истиот портал наведува дека актерот потоа тргнал кон камерманот.

- Од каде си?! Кој си ти?! – го праша актерот снимателот на Телеграф, а потоа и се обратил и на полицијата и побарал помош.

Инаку, Војин веднаш пристигнал во Ургентниот центар во Белград откако дознал за тоа дека неговата сопруга актерката Слобода Миќаловиќ била нападната и повредена од жена во Земун во физичка пресметка.

Според дел од српските медиуми, актерката и жената се степале на плоштадот Караѓорѓев во Земун. Актерката наводно го управувала возилото, кога се движела напред, со предниот дел од автомобилот удрила во С.Д. во пределот на коленото, што довело до вербален, а потоа и физички конфликт.

Расправијата прераснала во физичка пресметка по која двете жени биле повредени.

Како што неофицијално дознава српскиТелеграф, кај С.Д. по пристигнувањето на полицијата било утврдено присуство на алкохол во крвта.

„Мојот антикорупциски дневник“ - младите против корупцијата преку едукација и отпорност

Борбата против корупцијата е приоритет и младите треба да бидат охрабрени да ја препознаваат и да станат отпорни на секојдневната корупција. 

Ова е главната порака од настанот „Мојот антикорупциски дневник“ чија цел е да ги едуцира младите и младите политички лидери за етичко лидерство и отчетно владеење.

Во изјава за медиуми пред почетокот на денешниот настан, говорниците истакнаа дека преку проектот се очекува младите да преземат иницијативи и да дадат предлози за подобрување на состојбите во партиските структури. Проектот разгледува различни механизми за пријавување на корупцијата и ја нагласува важноста на институционалните капацитети за ефикасна борба против корупцијата. Обуките имаат за цел да изградат поздраво општество каде што ќе владее правото, правдата и правичноста.

Вирџинија Елиот, директор на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, во изјава за медиуми истакна дека се радува што преку проектот ќе може да се видат повеќе млади луѓе кои се залагаат за поголема транспарентност и одговорност во секојдневниот живот.

- „Мојот антикорупциски дневник“ е проект да ги охрабри младите да препознаат и да станат отпорни кон секојдневната корупција и да рефлектираат како таа влијае на нив и општеството, рече таа.

Обвинителката за врски со Европравда, Ленче Ристоска, истакна дека целта на проектот е да ја адресираат корупцијата од едно на друго ниво, а тоа е од нивото на оние кај кои што е одлучувачката моќ во иднината.

- Ги избравме младите и младите политички лидери бидејќи веруваме дека со промоција на едно етичко лидерство на еден нов стандард во владеењето навистина ќе може да се соочиме со предизвиците што ни ги поставува корупцијата. Впечатокот ни е дека досега многу се зборува за корупцијата, меѓутоа резултатите изоставуваат и затоа сметаме дека со адресирање на овој проблем токму кај младите и со јакнење на нивните капацитети за препознавање и градење на отпорност кон корупцијата дека ќе можеме како општество да имаме навистина значителни резултати во борбата против корупцијата, рече Ристоска.

Во однос на прашањето како ќе ги охрабрат младите да ги пријавуваат овие случаи кога довербата во правосудството има навистина низок процент, одговори целта на овој проект е да се разгледаат сите механизми што им стојат на располагање на младите.

- Мислам дека не е само правосудството единствениот орган каде што може да се пријави корупција. Целта на овој проект е токму да ги разгледаме сите механизми коишто стојат на располагање на младите. Вчера имавме работилница со средношколци и бевме пријатно изненадени за нивото на кое младите ја чувствуваат корупцијата и колку се свесни за значењето каков импакт има корупцијата врз нивните животи, така што во оваа серија на работилници ќе работиме и на тоа да се зајакнат механизмите на коишто може да се пријави корупцијата и се разбира, отворени сме секогаш за критика, дополни таа.

Ристоска верува дека знаењата и вештините што младите политички лидери ќе ги научат во рамки на овој проект, ќе ги имплементираат и внатре во партиските структури. - Веруваме дека со тоа ќе се зајакне и капацитетот генерално на сите политички партии. Очекуваме самите млади лидери во рамки на политичките партии да преземат иницијативи, дадат некои предлози од она што како идеи ќе го стекнат во рамки на овој проект, очекуваме чекор по чекор еден ден да имаме навистина значителни резултати, посочи Ристоска.

Според судијата Бетим Јахја, овие обуки треба да помогнат во борбата против корупцијата, која има ендемски размери во нашата држава. - Целта е да се изгради поздраво општество каде што ќе владее правото, правдата и правичноста и корупцијата ќе се потисне што е можно повеќе, рече Јахја.

Според републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, борбата против корупцијата е врвен приоритет, но тоа е задача на сите граѓани, а не само на Јавното обвинителство. - Справувањето со корупцијата бара соработка со правосудството, медиумите и невладиниот сектор. Јакнењето на културата против корупција започнува од најрана возраст. Јавното обвинителство ги презема сите потребни чекори за ефикасна борба против корупцијата, рече државниот обвинител.

Проектот „Мојот антикорупциски дневник“ е поддржан од Амбасадата на САД и го спроведува Фондацијата ИДЕА, во соработка со алумните на Амбасадата на САД Ленче Ристоска, Бетим Јахја и Мите Кузевски.

Проектот вклучува три еднодневни работилници, на кои учесниците ќе го мерат почетното и стекнатото знаење за антикорупција и ќе развиваат вештини за препознавање и справување со корупцијата.

Покрај работилници, проектот ќе вклучува и водење онлајн антикорупциски дневник со кој учесниците ќе ги забележуваат антикорупциските активности што им се случуваат во секојдневието, без разлика дали лично ги доживеале или биле сведоци на такви дејства.

Учество на собраниска Делегација во ПС на НАТО на 70. годишна сесија во Монтреал, Канада

На 70. годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржуваше од 22 до 25 ноември 2024 година во Монтреал, Канада, учествуваше Делегација од Собранието на Република Македонија.

На 70. годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО, која се одржуваше од 22 до 25 ноември 2024 година во Монтреал, Канада, учествуваше Делегација од Собранието на Република Македонија во состав Драган Ковачки, шеф на Делегација и пратениците Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата, информира собраниската прес-служба.

На пленарната седница и претходело одржување на постојаните комитети на ова Собрание, на чиј дневен ред се разгледувале повеќе извештаи и предлог-декларации, за усвојување на седницата.

Парламентарците ја потврдиле нивната силна поддршка на Украина и потребата за воена, финансиска и хуманитарна помош, како и правото за легитимна само-одбрана, согласно принципите на Обединетите нации. Истовремено, била поддржана актуелната адаптација на НАТО согласно новите стратешки предизвици, со апел до земјите да ги зголемат трошоците до одбраната над 2% од БДП за подобар придонес кон колективната одбрана.

-Во однос на зголеменото поврзување на автократските сили ширум светот, особено Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и Белорусија и нивните стратегии за поткопување на демократските вредности, единствен беше ставот за засилено делување и унапредувањето на заедничките активности на земјите од Алијансата, со цел подобро справување со овие закани по модерните општества и граѓаните. Во тој контекст, членките беа повикани исто така целосно да ги спроведуваат постојните и секундарните санкции и да вршат поголема контрола во извозот на воена технологија. Регионот на Западен Балкан и Црното Море, како и глобалниот југ, беа детектирани како можни точки за дестабилизација и надворешни влијанија од трети страни и од тие причини, беше постигната согласност за зајакнување на поддршката на НАТО преку заеднички активности со овие земји. Пратениците го поздравија унапредувањето на соработката со партнерите на Алијансата кои споделуваат заеднички вредности и нивната поголема вклученост во активностите на Парламентарното собрание на НАТО, велат од Собранието.

Шефот на Делегацијата Драган Ковачки, на учеството на Постојаниот комитет на ПС на НАТО, ги известил и поканил своите колеги за нашата иницијатива да бидеме домаќини на следниот состанок на Комитетот во април идната година во Скопје, во годината кога ќе ја одбележиме 5-годишнината од влезот на земјата во НАТО како 30-ти сојузник. Настанот, потенцирал Ковачки, ќе биде можност уште еднаш да ја потврдиме нашата посветеност кон исполнување на целите и да понудиме наши искуства и капацитети за одбранбени и воени прашања важни за овој дел на крилото на НАТО

На пленарната седница, свои пригодни обраќања имале Џастин Трудо, премиер на Канада, Руслан Стефанчук, претседавач на Врховната Рада на Украина, Рејмонде Гање, спикер на Сенатот на Канада и Борис Руге, в.д. заменик-генерален секретар на НАТО.

Биле усвоени пет резолуции и препораки за владите на земјите членки на НАТО: Идно докажување на Алијансата и поддршка на Украина со победа, Зајакнување на интегрираната воздушна и ракетна одбрана на НАТО, Борба против сексуални насилства за време на конфликт, Галванизирање на технолошката предност за поддршка на просперитетот и безбедноста на Алијансата и Искористување на можностите за одговорна употреба на вештачка интелигенција во воениот домен.

Парламентарното собрание избрало ново раководство на сесијата, со Маркос Перестрело де Васконселос од Португалија за претстедател и пет потпретседатели: Џули Деровиц од Канада, Сер Алек Шелбрук од Обединетото Кралство, Мико Савола од Финска, Агнес Вадаи од Унгарија и Јохан Вадерфул од Германија. На Аврил Хејнс, првата жена директор на Националното разнузнавање на САД, и беше доделена наградата Жени за мир и безбедност на ПС на НАТО за 2024 година.

Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО) е мултилатерална организација која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поширока транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.

ПС на НАТО брои 281 делегат од 32 земји-членки на НАТО, како и делегати од асоцијативни земји членки, регионални партнери и од Медитеранските асоцијативни земји членки како и парламентарни набљудувачи од други земји и парламентарни собранија (ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ) и делегација од ЕП, кои исто така, земаат учество во неговите активности. Собранието претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарци за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО.

притисни ентер