Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“

 Со концертот насловен „80 години – Љубов“, денеска, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. 

На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр. 1 – „Титан“ од Густав Малер.

- Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија - маестро Јерухам Шаровски од Израел, информираат од Македонска филхармонија.

Оттаму истакнуваат дека македонскиот пијанист Симон Трпчески во својата богата кариера има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот Филхармонија, Националниот оркестар на Франција, Кралскиот оркестар Концертгебау, Оркестарот Тонхале во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Радио-симфонискиот оркестар Берлин и Елбфилхармонијата.

- Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и Балтимор. Во Јужна Америка има изградено прекрасна релација со Оркестарот „Естабле дел Театро Колон“, а настапувал и со симфониите на Сеул, Хонгконг и со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн и Нов Зеланд, велат од Филхармонија.

Трпчески има работено со голем број истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман.

- Неговата долгорочна соработка со Василиј Петренко резултираше со богата дискографија; меѓу другите и заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар ги снимија сите пијано-концерти на Рахмањинов и пијано-концертите на Чајковски и Прокофјев. Во сезоната 2023-24, како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар, Трпчески го сними својот најнов албум за „Лин Рекордс“, кој ќе ги содржи концертите бр. 2 и бр. 5 на Сен-Санс под диригенство на Томас Сондергард. Во сезоната 2024-25, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови бројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и Оркестра Симфоника де Сао Паоло, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија, соопштуваат од Македонската филхармонија.

Инаку, Трпчески е посветен и на зајакнување на културниот имиџ на неговата родна Македонија. Неговиот проект за камерна музика „Македонисимо“ е посветен на запознавање на светската публика со богатите традиционални македонски фолклорни корени.

- Со посебна поддршка од „КултурОп“ – македонска организација за култура и уметност – Симон Трпчески редовно работи со млади музичари во својата татковина, негувајќи го талентот на идната генерација уметници. Во 2009, доби Орден за заслуги на Македонија, награда за странски и домашни заслужни личности за афирмација на Македонија во странство. Во 2011 година стана првиот што ја понесе титулата „Национален уметник на Македонија“. Роден е во Македонија во 1979 година, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Борис Романов. Беше уметник од новата генерација на „Би-би-си“ во периодот 2001 – 2003 година, а во 2003 година ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво, посочуваат од Филхармонија.

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.

- По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата, известуваат од Филхармонија.

За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.

Настап на хорот „Мирче Ацев“ и изложба во фоајето на Филхармонија

Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19.30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.

МРТ ќе врши директен пренос од свечениот концерт

Свечениот концерт на Македонската филхармонија преку директен пренос ќе го пренесува МРТ со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број на публика, ширум нашата држава.

Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со значајни дејци од музичкиот живот во земјата.

Меган Фокс гордо го покажа трудничкиот стомак

Актерката Меган Фокс која милиони луѓе ја сметаат за една од најубавите жени на светот, на почетокот на месецот откри дека е бремена и дека чека дете со контроверзниот рапер Машин Ган Кели.

Сега се појавија и првите фотографии на кои јасно се гледа нејзиниот труднички стомак.

Шпекулациите за бременоста на една од најатрактивните жени во светот, која на 38 години повторно е во благословена состојба, почнаа на крајот на јули, а сега таа во свој стил покажа дека одлично ја поднесува бременоста, и дека нема намера да се откаже од провокативните изданија.

Иако сакаше да привлече внимание како и обично, нејзините обожаватели не се воодушевени од стајлингот во кој беше уловена додека пазаруваше во Лос Анџелес, иако во последните години е „тренди“ познатите личности да се разголат речиси целосно за да ги покажат своите труднички стомак.

Меган ги следи модните трендови, па прошета во бордо од глава до пети. Таа носеше целосно проѕирен, тесен фустан, под кој се гледа бордо долната облека, а над фустанот е долг кожен капут во иста боја. Облеката ја искомбинирала со црни лакирани сандали, а се зачинила со широка насмевка и очигледно е дека ужива во тоа што повторно ќе стане мајка, пренесува Superwoman.

Актерката има три деца од бракот со колегата Брајан Остин Грин, од кој се разведе во октомври 2021 година.

Деребан: Со новото законско решение за Судскиот совет очекуваме зголемување на независноста

 Со новото законско решение очекуваме придобивки во однос на зголемување на независноста на Судскиот совет и намалување на можностите за политички влијанија, изјави заменик министерот за правда Ален Деребан.

На тркалезна маса организирана во Апелацискиот суд-Битола, Деребан потсети дека јавните расправи се за подготвување на измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет со имплементирање на препораките на Оценската комисија.

-Со новото законско решение очекуваме придобивки во однос на зголемување на независноста на Судскиот совет и намалување на можностите за политички влијанија. Ние сме свесни дека за целосно надминување на состојбата и ситуацијата која се повеќе ескалира во јавноста во Судскиот совет е причинител за негативните извештаи на домашните и меѓународните фактори. За промена на целата состојба во судството не е доволна само квалитетна законска рамка, туку е потребно и доследно применување на законските решенија и почитување на етичките правила од сите чинители особено од страна на претседателот и членовите на Судскиот совет, истакна Деребан.

На тркалезните маси учествуваат судии кои како што посочи заменик министерот за правда Деребан, судиите гласно размислуваат, добиваме конструктивни предлози и мислам дека ќе добиеме одлично законско решение што ќе ја унапреди состојбата и независноста на судскиот совет.

-Овој транспарентен и инклузивен процес ќе ни овозможи да ги слушнеме мислењата, ставовите, забелешките и предлозите од страна на судиите и експертите за да може на крај да дојдеме до едно сепофатно заеднички прифатливо законско решение во кое ќе има унапредување на законската рамка со која се уредува работењето на Судскиот совет, истакна Деребан.

Серијалот тркалезни маси организирани од Министерството за правда продолжува низ сите Апелациони судови и ќе заврши до крајот на годината, а потоа ќе се изработи конечно законско решение што ќе биде предложено до Владата и Собранието.

Општина Ѓорче Петров ги засилува безбедносните мерки во сообраќајот

Поставени нови столбчиња и пешачки премини, следуваат успорувачи на брзина пред училиштата и градинките.

Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозни напори за зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено на критични точки во населените места. Во изминатите денови, општината постави безбедносни столбчиња на најризичните локации во населбата, со цел да се намали опасноста од несреќи, како и да се подобри протокот на возила и пешаци.

Овие столбчиња имаат за цел да го спречат нелегалното паркирање на возила и да создадат безбедна зона за пешаците, посебно на оние места каде што има интензивен сообраќај.

Во исто време, се изврши и бележење на пешачките премини на повеќе локации низ општината, што е од особена важност за безбедноста на пешаците, особено на местата каде што децата, учениците и родителите се најчесто присутни. Одбележувањето на овие премини ја зголемува видливоста и ја намалува можноста за несреќи со возила.

Во наредните денови, општината ќе продолжи со уште една значајна мерка – поставување на т.н. „легнати полицајци“ или успорувачи на брзина на локации со голема фреквенција на луѓе. Овие т.н.„легнати полицајци“ ќе бидат поставени пред училиштата, градинките и на други фреквентни локации во општината.

Оваа мерка има за цел да го намали брзото возење и да обезбеди поголема безбедност за најмладите и сите граѓани кои се движат низ овие делови од населбата.

Општина Ѓорче Петров во континуитет работи на подобрување на инфраструктурата и безбедноста на своите жители, вложувајќи во мерки кои ќе ја зголемат сигурноста на сите учесници во сообраќајот. Овие нови мерки се само дел од пошироките напори за создавање на побезбедни и поудобни услови за живеење.

Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат новите сообраќајни правила и да се грижат за својата безбедност и безбедноста на другите.

Општина Ѓорче Петров

притисни ентер