СЈО останува на речиси истото обвинение за „Монструм“

Нови докази најавува Специјалното јавно обвинителство за време на судскиот процес „Монструм“. Обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи не сакаше да каже дали обвинението ќе претрпи промени и дали ќе има преквалификација на делата. 

Не сакаше да ги коментира.

„Во зависност од она што ќе произнесе од тие нови докази ќе има и соодветни измени од фактичка природа, а евентуално и од персонална, се со цел да биде задоволена правдата за сите коишто се засегнати во и од овој кривично правен настан“ – изјави обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи.

Пет часа траеше распитот во судот на трето и четвртообвинетиот, Агим Исмаиловиќ и Хаќи Азири. И двајцата не чувствуваат вина. Агим, братот на второобвинетиот кој е во бегство Африм Исмаиловиќ, рече дека откако бил пуштен на слобода, зборел со брат му Африм, на Вибер. Откри дека тој е во Приштина на Косово. Но, наводно не знаел на која адреса е сместен. На идентични прашања во судот, Исмаиловиќ, даваше различни одговори, од кога последен пат му бил исклучен телефонот, до прашањето за критичниот де.. Не можеше да ја врати меморијата каде бил на 12 април во 2012 година. Одговори, од 18.00 до 20.00 часот дека најверојатно бил дома, во интернет кафето или во џамија. Со идентична реторика во судската сала и обвинетиот Хаќи Азири. Последно разговарал со првообвинетиот Алил Демири пред десетина дена, тврдеше дека не се сретнале. Во пред и по масакрот кај Смилковски, разговарал и со функционери од ДУИ, како Невзат Бејта преку телефон, најчесто за неговата работа, сточарството, со лидерот на партијата Ахмети, само во четири очи, за партиски случувања.

Пред убиството, Азири, со Нијази Синани, биле во Штип, за неговиот пријател да земе дозвола за оружје. По ова реагираше таткото на починатото момче Александар, Горан Наќески

„Фејзи Азири сокри три броја, пет броја се водеа во претходната постапка, три ги сокри“, реагираше таткото на убеното момче Александар, Горан Наќески.

И адвокатот на оштетените и бранителите на обвинетине, оптимисти што предметот е во рацете на СЈО. Ивановска изјави дека сега е поинаква од претходната, Рауфи увери дека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ќе се вратат од бегство во текот на постапката.

„Со контрадикторните прашања се произлегуваат доста многу заклучоци согласно коишто излегува дека сегашната одбрана е дадена на поинаков начин од онаа претходната. Сметам дека сега судењето ќе оди побрзо, затоа што веќе се определени датуми за судење и сметам дека би требало до крајот на годината да има пресуд“, изјави полномошникот на оштетените во случајот „Монструм“ – изјави Дафина Ивановска, полномошник на оштетените.

Специјалното јавно обвинителство можам да кажам на овој главен претрес практично изведе и обвинителска истрага, ако можам да кажам, беа на распит двајца од обвинетите, како што стасавме во текот на денешниот ден, и тоа темелито и во детали беа прашувани, што на нас како одбрана, апсолутно ни одговара, бидејќи ние за да се расветли овој случај“, изјави адвокатот на одбраната, Насер Рауфи.

Како обвинителите на СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски ги читаа двете обвиненија од Обвинителството за организиран криминал, во судницата се слушаа липтења на родителите на момчињата.

Процесот за петкратното убиство кај Смилковското езеро, во Кривичниот суд продолжува за една недела.

Ирак ги криминализираше хомосексуалните врски; максимална казна до 15 години затвор

Ирачкиот парламент синоќа усвои закон со кој се криминализираат хомосексуалните односи и трансродовите лица, со казни кои можат да изнесуваат и до 15 години затвор.

Законот е донесен по првата верзија, која предвидуваше смртна казна.

Веднаш реагираше меѓународната невладина организација Амнести интернешенел, која го критикуваше „кршењето на основните човекови права“, оценувајќи дека усвоените амандмани „ги загрозуваат Ирачаните кои и онака секојдневно се малтретирани“.

Тие амандмани, со кои се менува законот против проституција од 1988 година, беа усвоени на седница на која присуствуваа 170 пратеници од вкупно 329, соопшти прес-службата на ирачкиот парламент.

Новиот закон предвидува казни од десет до 15 години затвор за хомосексуални односи, како и за размена на сексуални партнери (свинг) во хетеросексуални односи.

Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, со седумгодишна затворска казна за „промовирање на хомосексуални односи“.

Законот, исто така, забранува „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова транзиција.

Слична казна е предвидена за секој маж чие однесување се смета за женствено.

Ирачкото општество ја отфрла хомосексуалноста, а малата ЛГБТ+ заедница често е цел на „киднапирање, силување, тортура и убиства“ од вооружени групи кои остануваат неказнети за нивните злосторства, се вели во извештајот на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч од 2022 година.

Зеленски: На Украина и требаат најмалку седум ПВО системи „Патриот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ги повика украинските партнери да не губат време за да испратат „одлучен сигнал“ до Русија.

Секако, им благодарам на сите партнери кои веќе ни помогнаа со испраќање на системи за противвоздушна одбрана, од кои секој е неопходен за заштита на човечки животи. Важно е сите нови договори со партнерите за зајакнување на нашата противвоздушна одбрана, која веќе постои, да профункционираат што побрзо. На Украина и требаат седум системи за противвоздушна одбрана, тоа е минимумот, рече Зеленски, пренесува „Украинска правда“.

„Не смееме да губиме време, треба да испратиме одлучувачки сигнал“, рече Зеленски и посочи дека за време на вчерашниот масивен руски ракетен напад со 34 проектили, „непријателот таргетирал различни објекти на енергетската инфраструктура - објекти за транзит на гас и објекти од електроенергетскиот систем".

Тој додаде дека, меѓу другото, безбедноста на снабдувањето на Европската Унија зависи од овие транзитни капацитети на гас.

Убавина од природа близу Тиквешко Езеро

Прекрасна природа и студена изворска вода ни посакаа добредојде во кавадаречкото село Драдња, во близина на Тиквешкото Езеро.

МИА деновиве фотографираше прекрасни камени градби изградени во минатото, полни со животни приказни и тајни. Во нив некогаш со многу љубов се делеле семејните тага и радост. Се запрашавме, што е тоа толку мистериозно убаво во нив, та, зрачат од убавина, дури и кога кровот се урива, а прозорците се искршени или едвам се држат. Дрвјата околу нив, само ја збогатуваат таа волшебна селска идила.

За жал, магичните дрвени чардаци како од приказните, беа празни, никој не уживаше во нивната убавина. Немаше кој да ги одмара очите загледувајќи се во пространите зелени килими од тревата збогатена со утринска роса. Да ти е жал да згазнеш, да не ја растуриш магијата создадена од раката на мајката природа.

До многу од куќите едвам се стигнува поради грмушки, оти таму со години не стапнала човечка нога.

Сета оваа убавина е распослана на околу седум километри од Тиквешко Езеро, доколку се движите по земјениот шумски пат. Многу побрзо ќе стигнете до езерската шир, ако одлучите како нас, да пропешачите низ тој дел на Тиквешијата и од ридот се спуштите право кон езерото. Патем, можете да другарувате со дрвјата, птиците, инсектите.

Море од лозја по патот

Прошетката до Драдња, па до Тиквешко Езеро, ја започнавме со пешачење од селото Дреново, заедно со планинарите на планинарското спортско друштво „Орле" од Кавадарци. Нашата камера ги регистрираше лозовите насади по патот, од кои се прават извонредни вина и ракии, маџун и други производи од грозје, по што е препознатлив овој крај.

- Располагаме со волшебна природна убавина, која заслужува да биде видена од светот. Но, за тоа е неопходно да се уреди патот до селото што е одамна иселено и да се создадат услови за развој на селскиот туризам. Држави со развиен туризам ги препознаваат ваквите потенцијали и ги негуваат и заработуваат од нив. Неопходно е и кај нас да се преземат активности за промоција на оваа, би рекол рајска убавина, ни рече 57 годишниот Зоран Михов, единствениот човек што го сретнавме во селото, додека одмаравме крај изворската вода, од која не престанувавме да пиеме.

Тој ни раскажа дека оваа селска средина некогаш броела и до осумдесетина куќи полни со живот. Луѓето се замимавале со земјоделство и сточарство. Најмногу се иселиле во шеесетите години од минатиот век, кога била изградена браната на езерото. Луѓето заминале за да работат, главно во фабрики. Самиот бил роден во Кавадарци, но бидејќи татко му потекнувал одовде, Драдња била отсекогаш дел од неговиот живот, од најмали нозе, до ден денешен.

- Кај и да одам, тука постојано се враќам, крај семејното огниште. До пред некоја година имаше по некој од постарите постојани жители, изумреа и сега никој веќе не живее тука преку целата година. Во пет куќи повремено доаѓаме неколкумина, поради лозарството, морето од лозја што ги имаме во овој крај. Сепак, ми се чини дека најмногу доаѓаме поради чистиот воздух. Низ годините работев во фабрика со прашина и доаѓањето тука ми доаѓа како лек, како мелем на рана, коментираше тој.

Златомани доаѓаат по скриени богатства

Михов, кој одгледува и пчели во Драдња, ни откри дека во селото доаѓаат блиски на оние што некогаш се иселиле, за да видат кај им се корените, но и љубители на природата, авантуристи, да побегнат од градскиот асфалт, за да уживаат и да ги наполнат батериите, што се вели.

- Горе на ридот е околу 800 метри надморска височина, тука долу, околу 500 метри. Искрено да кажам, доаѓаат и златомани, трагачи по злато, по закопано богатство од дамнешни времиња. Ги бркаме, ама не бива, трчаат наоколу со детектори, со најразлични апарати. Најмногу трагачи има во месноста „Забот", таму горе на ритчето. Им викаме, уште еднаш да не ги видиме тука, ама не се разбираат. Бараат и раскажуваат како имале најдено пари на други места, идат со бесни џипови, ни раскажа тој.

Михов ни објасни дека си ја реновирал куќата во селото.

- Можев да изградам куќа во викенд населба крај езерото, поблиску до езерската вода, но тука ми е некако помирно, природата е понедопрена. Ме влече ова место, ова парче земја, повторно и повторно да доаѓам. Струја има, а вода полниме од селската чешма. Природна студена изворска вода, ако наполниш, го поти шишето, толку е ладна, додаде тој.

Драдња е околу 24 километри оддалечено од Кавадарци. До браната на езерото води асфалтиран пат.

- Останатите седум километри се поминуваат по земјен, шумски пат. Се оди со патничко моторно возило, лека кола, што би се рекло, ама подобро е ако се доаѓа со малку потеренски возила. Бараме да се уреди овој пат за развој на селски туризам, рече нашиот соговорник.

Тој сподели со нас дека низ годините, жителите од ова село важеле за добри мајстори, занаетчии. Којзнае, можеби токму поради тоа камените градби му пркосат на времето и ја задржале својата убавина, дури и кога полека, полека се уриваат. /МИА

притисни ентер