Убавина од природа близу Тиквешко Езеро

Прекрасна природа и студена изворска вода ни посакаа добредојде во кавадаречкото село Драдња, во близина на Тиквешкото Езеро.

МИА деновиве фотографираше прекрасни камени градби изградени во минатото, полни со животни приказни и тајни. Во нив некогаш со многу љубов се делеле семејните тага и радост. Се запрашавме, што е тоа толку мистериозно убаво во нив, та, зрачат од убавина, дури и кога кровот се урива, а прозорците се искршени или едвам се држат. Дрвјата околу нив, само ја збогатуваат таа волшебна селска идила.

За жал, магичните дрвени чардаци како од приказните, беа празни, никој не уживаше во нивната убавина. Немаше кој да ги одмара очите загледувајќи се во пространите зелени килими од тревата збогатена со утринска роса. Да ти е жал да згазнеш, да не ја растуриш магијата создадена од раката на мајката природа.

До многу од куќите едвам се стигнува поради грмушки, оти таму со години не стапнала човечка нога.

Сета оваа убавина е распослана на околу седум километри од Тиквешко Езеро, доколку се движите по земјениот шумски пат. Многу побрзо ќе стигнете до езерската шир, ако одлучите како нас, да пропешачите низ тој дел на Тиквешијата и од ридот се спуштите право кон езерото. Патем, можете да другарувате со дрвјата, птиците, инсектите.

Море од лозја по патот

Прошетката до Драдња, па до Тиквешко Езеро, ја започнавме со пешачење од селото Дреново, заедно со планинарите на планинарското спортско друштво „Орле" од Кавадарци. Нашата камера ги регистрираше лозовите насади по патот, од кои се прават извонредни вина и ракии, маџун и други производи од грозје, по што е препознатлив овој крај.

- Располагаме со волшебна природна убавина, која заслужува да биде видена од светот. Но, за тоа е неопходно да се уреди патот до селото што е одамна иселено и да се создадат услови за развој на селскиот туризам. Држави со развиен туризам ги препознаваат ваквите потенцијали и ги негуваат и заработуваат од нив. Неопходно е и кај нас да се преземат активности за промоција на оваа, би рекол рајска убавина, ни рече 57 годишниот Зоран Михов, единствениот човек што го сретнавме во селото, додека одмаравме крај изворската вода, од која не престанувавме да пиеме.

Тој ни раскажа дека оваа селска средина некогаш броела и до осумдесетина куќи полни со живот. Луѓето се замимавале со земјоделство и сточарство. Најмногу се иселиле во шеесетите години од минатиот век, кога била изградена браната на езерото. Луѓето заминале за да работат, главно во фабрики. Самиот бил роден во Кавадарци, но бидејќи татко му потекнувал одовде, Драдња била отсекогаш дел од неговиот живот, од најмали нозе, до ден денешен.

- Кај и да одам, тука постојано се враќам, крај семејното огниште. До пред некоја година имаше по некој од постарите постојани жители, изумреа и сега никој веќе не живее тука преку целата година. Во пет куќи повремено доаѓаме неколкумина, поради лозарството, морето од лозја што ги имаме во овој крај. Сепак, ми се чини дека најмногу доаѓаме поради чистиот воздух. Низ годините работев во фабрика со прашина и доаѓањето тука ми доаѓа како лек, како мелем на рана, коментираше тој.

Златомани доаѓаат по скриени богатства

Михов, кој одгледува и пчели во Драдња, ни откри дека во селото доаѓаат блиски на оние што некогаш се иселиле, за да видат кај им се корените, но и љубители на природата, авантуристи, да побегнат од градскиот асфалт, за да уживаат и да ги наполнат батериите, што се вели.

- Горе на ридот е околу 800 метри надморска височина, тука долу, околу 500 метри. Искрено да кажам, доаѓаат и златомани, трагачи по злато, по закопано богатство од дамнешни времиња. Ги бркаме, ама не бива, трчаат наоколу со детектори, со најразлични апарати. Најмногу трагачи има во месноста „Забот", таму горе на ритчето. Им викаме, уште еднаш да не ги видиме тука, ама не се разбираат. Бараат и раскажуваат како имале најдено пари на други места, идат со бесни џипови, ни раскажа тој.

Михов ни објасни дека си ја реновирал куќата во селото.

- Можев да изградам куќа во викенд населба крај езерото, поблиску до езерската вода, но тука ми е некако помирно, природата е понедопрена. Ме влече ова место, ова парче земја, повторно и повторно да доаѓам. Струја има, а вода полниме од селската чешма. Природна студена изворска вода, ако наполниш, го поти шишето, толку е ладна, додаде тој.

Драдња е околу 24 километри оддалечено од Кавадарци. До браната на езерото води асфалтиран пат.

- Останатите седум километри се поминуваат по земјен, шумски пат. Се оди со патничко моторно возило, лека кола, што би се рекло, ама подобро е ако се доаѓа со малку потеренски возила. Бараме да се уреди овој пат за развој на селски туризам, рече нашиот соговорник.

Тој сподели со нас дека низ годините, жителите од ова село важеле за добри мајстори, занаетчии. Којзнае, можеби токму поради тоа камените градби му пркосат на времето и ја задржале својата убавина, дури и кога полека, полека се уриваат. /МИА

Стивен Спилберг откри за кој филм жали

Иако денес важи за еден од најуспешните режисери кои некогаш живееле, Стивен Спилберг зад себе има филмови за кои и денес жали.

И покрај тоа што работел на хорор филмовите „Jaws“ и „Poltergeist“, Спилберг смета дека вториот филм од серијата Индијана Џонс, „Indiana Jones and the Temple of Doom“, е премногу мрачен и не се гордее со тоа.

- Не бев задоволен од „Temple of Doom“. Беше премногу темно, премногу таинствено, премногу застрашувачко. Мислам дека беше пострашно од „Poltergeist“ – изјави Спилберг, пренесе „LADbible“ и додава „Нема ни зрнце мои чувства во „ Temple of Doom “. Проблемот со правењето продолженија е што не можеш да им угодиш на сите“.

Извор: Аваз

САД ќе инвестираат милиони долари да се спречи ширењето на птичјиот грип кај стоката и луѓето

Американската сојузна влада планира да потроши милиони долари за спречување на ширењето на птичји грип во стадата и фармите за млеко за да се спречи вирусот да мутира и се прошири меѓу луѓето, изјави денеска службено лице.

Според експертите, вирусот моментално циркулира низ пилешките фарми и говедата меѓутоа неодамнешното префрлање на вирусот и кај млечните крави е причина за узбуна бидејќи постои загриженост дека колку подолго се шири меѓу животните може да ги инфицира и луѓето.

-Нашата мисија е да го запреме ова како настан исклучиво поврзан со животните. Конечно, сакаме да го елминираме вирусот во индустријата и со текот на времето да развиеме вакцина за да спречиме уште една појава на N5H1 во стоката, изјави денеска министерот за земјоделие Том Вилсак.

Инвестицијата доаѓа по критиките од страна на јавните здравствени експерти до владата дека не се тестира доволно стока или работници изложени на инфицираните стада, со што се загрозува способноста на САД брзо да одговори на мутациите на вирусот. Според новиот план, владата ќе ги компензира оштетените фармери за трошоците поврзани со вирусот и ќе ги финансира напорите за негово лоцирање и следење.

Досега е забележан само еден случај на човек заразен од птичји груп, и тоа во Тексас, каде првпат беше регистрирана епидемија меѓу млечни крави.

Сега, со новите напори за лоцирање на вирусот Министерството за земјоделие (УСДА) објави дека четири дополнителни стада во Мичиген и едно во Колораде се тестирани позитивни за птичји грип со што сега се инфицирани се вкупно 42 стада во девет држави. /МИА

Белгија: Помош од 9 мил. евра за санирање на оштетената енергетска инфраструктура на Украина

Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да помогне во санирањето на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, објави денеска белгиската министерка за развојна соработка Каролин Женез.

„Со помош на ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воената поддршка, и овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина", рече министерката.

Според нејзините зборови, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, што е специјализирана за економски развој. /МИА

притисни ентер