Силјановска –Давкова: Заради Пендаровски и Османи имаме 17 непополнети амбасади

Силјановска –Давкова од Свети Николе порача: Заради Пендаровски и Османи имаме 17 непополнети амбасади, а 9 заминале за амбасадори без да се обратат на комисијата во Собрание.

Во својот говор Професорката Горданa Силјановска -Давкова порача:

Денеска одржавме една дебата, дискусија на теми за дипломатијата и улогата на претседателот. Шокантно е да чуете од врвни дипломати, инаку заборавени и неконсултирани, дека во моментов имаме 17 непополнети амбасади! Дека дури деветмина заминале за амбасадори без да го поминат законскиот тест пред Комисијата за надворешна политка.

Знаете ли зошто не се пополнети амбасадите? Заради партиските несогласувања! Значи имате амбасадори од кариера кои може да ги пратите каде сакате. Ама, имате обврска да ги пратите оние со кои претседателот на минатите претседателски избори, а веројатно и на овие, се договарал дека ќе дојдат на позиции. Позиции што иако не се заслужени, во договорите треба да ги добијат коалиционите партнери.

Затоа ако дипломaтијата е наше огледало, оние однадвор не гледаат убава слика! Нашата слика, е за жал нивната слика! Сетете се кој не претставува.

Нам ни треба владеење на право и правна држава! Нам ни требаат слободи и права! Нам ни треба независно судство! Нам ни треба добро образование, а не само многу образовни институции кои произведуваат дипломи, но не и знаење! Нам ни треба социјална држава! Нам ни треба пристојно европско место за живеење!

Бидете убедени дека ние сме тие кои на дело покажуваат дека сме европјани! Тие мислат дека ЕУ е реторика. Но, не е!, рече Силјановска- Давкова, соопштуваат од нејзиниот тим.

Вработените на ФЗО излегоа на предупредувачки протест

Усогласување на платите со минималната плата, задржување на вредноста на бодот за пресметка на платите и разрешување на Управниот одбор на ФЗО, побараа денеска на предупредувачки протест вработените од Фондот. 

Тие порачаа дека доколку до 15 мај надлежните не преземат ништо во врска со нивните барања, ќе започнат со неколкучасовни протести низ целата држава, а доколку барањата целосно не им се исполнат, од 1 јуни ќе стапат во генерален штрајк.

-Со оглед на тоа дека самите најавиле дека до формирање на нова Влада немаат во план да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто постои Управниот одбор, би било поетички да си отидат и да се изберат нов. После 31.05 немаме бод, немаме плата и не знаеме за што ќе работиме, така е нашиот Закон, така се пресметува платата,- Бранко Аџигогов – претседател на синдикална организација на ФЗО.

Аџигогов објаснува дека станува збор за усогласување на платите од 2400 денари за околу 800 вработени во Фондот. Претседателот на УПОЗ Трпе Дејаноски ги повика надлежните институции што поскоро да ги исполнат барањата на вработените, со оглед на тоа што штрајкот на ФЗО би ги ставил во неизвесност услугите на граѓаните како здравствени осигуреници, како и платите на вработените во јавното здравство.

-Да не дозволиме овие вработени позади нас да ги затворат вратите, бидејки ако ги затворат вратите ќе патат само граѓаните на Република Македонија. Знаете какви услуги се даваат од ФЗО, помагаме и работиме за најлошите случаи во државата,- Трпе Деаноски- претседател на УПОЗ.

Претходно, вработените во Фондот штрајкуваа три дена во февруари и работеа само на итни случаи. Штрајкот беше прекинат откако беше постигнат договор платите да се пресметуваат со истиот бод до крајот на мај, па најавата за штрајк доаѓа токму по истекот на овој договор.

Турк вознемирен од третманот на пропалестинските протести на американските универзитети

Тој додаде дека „мора да биде јасно дека легитимното практикување на слободата на изразување не може да се меша со поттикнување насилство и омраза“.

Високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк денеска изјави дека е „вознемирен“ од острите акции преземени од американските безбедносни сили за време на обидите да ги растераат пропалестинските протести во универзитетските кампуси, пренесоа британските медиуми.

-Загрижен сум што некои од акциите на органите за спроведување на законот на голем број универзитети изгледаат непропорционални во нивното влијание, рече Турк во изјавата испратена до новинарите, осврнувајќи се на апсењата и санкциите против студентите.

Тој додаде дека „мора да биде јасно дека легитимното практикување на слободата на изразување не може да се меша со поттикнување насилство и омраза“. /МИА

Нетанјаху најави напад врз Рафа со или без договор за прекин на огнот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денеска дека ќе го нападне Рафа, град во Појасот Газа, каде што побегнаа стотици илјади Палестинци.

Нетанјаху рече дека Израел ќе влезе во Рафа за да ги уништи баталјоните на Хамас таму „со или без договор“.

Израел и Хамас преговараат за договор за прекин на огнот, како и ослободување на последните заложници од Газа.

Нетанјаху вети дека ќе постигне „тотална победа“ во војната што започна на 7 октомври, но се соочува со притисок да не започне офанзива во Рафа.

Израел смета дека тој град е последното големо упориште на Хамас. /МИА

притисни ентер