Сè за новиот вирус марбург за кој не постои вакцина – Дали постои причина за страв?

Симптомите на оваа инфекција која неодамна е регистрирана во Руанда, се болки во грлото, главоболка, малаксаност, покачена телесна температура, дијареја, промени на кожата...

На крајот на септември Министерството за здравство на Руанда соопшти дека во таа земја се појавил вирусот марбург, а од 26 потврдени случаи, осум пациенти починале, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Тој е еден од најсмртоносните вируси на планетата за кој нема вакцина или лек.

Затоа, не е чудно што пред неколку дена во Хамбург избувна паника откако двајца студенти од Руанда пристигнаа во таа земја и се пријавија за тестирање бидејќи потекнуваат од заразеното подрачје. За среќа, се покажа дека е лажна тревога, но тоа не ја намалува опасноста што ја носи овој вирус.

Симптоми на инфекцијата

Како што објаснува, српскиот епидемиолог, професор д-р Зоран Радовановиќ овој вирус е исклучително опасен, но добрата вест е што не се пренесува преку капки и аеросоли.

- Штом вирусот не се пренесува преку воздухот, значително е намалена можноста за негова експлозија. Добро е и што студентите дошле во Хамбург, каде што се наоѓа најголемиот институт за проучување на тропски болести во континентална Европа, па можеле веднаш да се тестираат – изјави тој за еден портал.

Според д-р Радовановиќ, инфекцијата се пренесува на следниве начини:

преку директен контакт со заразено животно

контакт со секрети како што се слуз, крв, урина, столица

постои можност за инфекција ако пациентот лежи во креветот на заразеното лице

преку сперма

Симптоми на инфекција со овој вирус:

болки во грлото

главоболка

малаксаност

повишена температура

дијареја

промени на кожата

Во случај на компликации, се јавува откажување на бубрезите и црниот дроб.

Марбург вирусот за прв пат беше изолиран во Германија на крајот од ‘60-тите, во градот Марбург, по што го доби името. Во тоа време и во Белград имало двајца заразени, поточно ветеринарот кој ја направил обдукцијата на зелените мајмуни и неговата сопруга.

- Го познавав тој ветеринар кој работеше на Торлак, тој целосно закрепна. Ја заразил и сопругата која немала никакви симптоми и дури кога ја тестирале откриле дека е заразена - изјави проф. Радовановиќ.

Не постои вакцина

Заразените со овој вирус мора да бидат изолирани во карантин три недели. Вакцина за марбург вирусот нема, а според овој епидемиолог, веќе се работи на неа. Засега се применува само симптоматско лекување.

- Ако пациентот има симптом, вие го лекувате тој симптом. Неопходно е пациентот да ја надомести изгубената течност, минералите... Нема специфична терапија која би го уништила вирусот, туку се лекуваат симптомите – изјавил овој епидемиолог.

Болеста се третира симптоматски

Како што објаснува угледниот професор, оваа вирусна инфекција повремено се појавува насекаде низ светот, најмногу во африканските земји, како што е случајот со Руанда. Во таквите земји, стапката на смртност од вирусот е околу 88 проценти.

- Смртноста е висока затоа што повеќето заразени пациенти се оставени сами на себе и не добиваат соодветна нега, практично се оставени да умрат. Кога на пациентот му го давате она што му е потребно, шансите за преживување се многу поголеми - објасни проф. Радовановиќ.

Кипар за првпат стана член на Советот за човекови права на ОН

Кипар, исто како и  Македонија за првпат станаа членки на конкретниот совет, заедно со уште 16 земји по гласањето во Обединетите нации.

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис, како и шефот на кипарската дипломатија Константинос Комбос изразија задоволство од изборот на Република Кипар за членка на Советот за човекови права на ОН за периодот 2025-2027 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипар, исто како и Македонија за првпат станаа членки на конкретниот совет, заедно со уште 16 земји по гласањето во Обединетите нации.

-Изборот на Кипар, за прв пат, во Советот за човекови права на ОН за 2025-2027 е одличен резултат за нашата земја! Тоа ја покажува почитта и довербата што постои за нашиот Кипар да учествува во важните организации на системот на ОН, напиша Христодулидис на платформата „Х“ и им се заблагодари на земјите членки кои ја поддржаа кипарската кандидатура.

Од Министерството за надворешни работи на Кипар соопштија дека добиле 167 гласа „за“ од 189 земји-членки кои учествувале во гласањето.

Шефот на дипломатијата Константинос Комбос за кипарската новинска агенција ЦНА рече дека е важен успех за земјата.

-Уште поважен е фактот што успеавме да бидеме избрани втори во географската група во која учествуваме со голем број гласови, што е особено важно. Собравме 167 гласови од 189 земји-членки кои учествуваа во гласањето. Ова е уште еден доказ дека се проширува нашиот дипломатски хоризонт и нашата цел е државата да биде активна како членка на меѓународната заедница, рече Комбос.

За нови членки на Советот, освен Кипар и Северна Македонија беа избрани и Бенин, Боливија, Колумбија, Чешка, Демократска Република Конго, Етиопија, Гамбија, Исланд, Кенија, Маршалските Острови, Мексико, Катар, Република Кореја, Шпанија, Швајцарија и Тајланд.

Стојановиќ од Макпетрол ќе се бори за бронза на Светското карате првенство во Венеција

Членот на карате клубот Макпетрол, Стефан Стојановиќ, ќе се бори за освојување на третото место на Светското карате првенство за кадети, јуниори и У-21 во Венеција. 

На шампионат во италијанскиот град, македонскиот каратист учествува во категоријата над 84 килограми во У-21.

Стојановиќ не беше поразен во полуфиналето од Италијанецот Матео Аванзини. Борбата заврши 3-3, но поради правилото „прв освоен поен“, понатаму оди каратистот од земјата-домаќин.

До полуфиналето, Македонецот нанижа три победи. За бронзениот медал ќе ги одмери силите со Николаи Секот од Германија.

Настап на турнирот имаше и Данило Божовиќ (-84 кг). Со две победи во групата и една во репасажот тој беше на чекор на борба за бронза. Во клучното соочување загуби минимално во возбудлив меч со Јапонецот Јосуке Абе и го освои седмото место.

Македонската карате репрезентација во Венеција настапува со 35 каратисти со 37 натпреварувачки влезови. На Светското првенство во италијанскиот град учествуваат 1.990 спортисти од 113 држави.

Иван Иван прв играч во историјата на НХЛ со исто име и презиме

 Чешкиот хокеар на Колорадо, Иван Иван стана првиот играч во историјата на НХЛ чие име и презиме се сосема исти.

Дваесет и двегодишниот хокеар дебитираше за Колорадо ноќеска во натпреварот од регуларниот дел од сезоната 2024/25 против Вегас.

Иван Иван помина 9 минути и 44 секунди на мразот.

Чешкиот хокеар не беше драфтуван во НХЛ. Во пролетта 2024 година, Иван потпиша двегодишен договор со Колорадо.

притисни ентер