Математиката се очекува да ја направи Министерството за финансии до кое сите ресори и државни органи во рок од три дена треба да пријават колку средства ќе можат да издвојат за владината кампања.
До финансии засега не пристигнале информации од останатите министерства.
Пресметки за пренаменување на средства за потребите на референдумот, допрва ќе се прават и во самото министерство.
Сумата ќе се знае до петок, велат од финансии за Канал 5, бројката ќе биде доставена и разгледана на Владина седница, по што официјално ќе се знае како, каде и со колку средства ќе се води кампањата.
Засега се знае само дека кампањата ќе биде информативна, а од Владата уверуваат на целосна транспарентност околу потрошените пари. Според познавачите потребна е сеопфатна кампања преку која граѓаните детално ќе се информираат околу договорот со Грција.
Слична кампања во која акцентот ќе биде ставен „против договорот со Грција“, Лазаров очекува и од опозицијата, доколку се одлучи да учествува на референдумот.
Во меѓувреме референдумската кампања тече на социјалните мрежи, каде од Владата повикуваат на излезност на референдумот,а противниците на преспанскиот договор на бојкот.
За промовирање на договорот со Грција на социјалните мрежи, досега, како што тврди владиниот портпарол, потрошиле само стотина евра.