СБУ: Украински снајперист го собори светскиот рекорд

Украински снајперист го собори светскиот рекорд убивајќи руски војник од далечина од 3,8 километри, соопшти Службата за безбедност на Украина (СБУ).

„Снајперист на СБУ постави светски рекорд. Погоди руски војник од неверојатна далечина“, соопшти прес-службата на СБУ.

Тие додадоа дека истрелот го надминал претходниот светски рекорд за приближно 260 метри.

„Снајперистите на СБУ ги менуваат правилата на светското снајперско дејствување, демонстрирајќи ја способноста за ефективно работење на фантастични растојанија“, се додава во соопштението.

Инаку, канадски снајперист од специјалните сили го држи рекордот од 2017 година, откако беше потврдено дека извршил убиство со снајпер од далечина од 3.540 метри во Ирак. Пред него, титулата ја имаше британскиот снајперист Крег Харисон, кој уби талибански борец во Авганистан во 2009 година, погодувајќи од далечина од 2.475 метри.

Украина влегува во својот 21-ви месец на војна, откако Русија изврши инвазија во февруари минатата година. Војната претходно беше опишана како артилериска војна, но важна улога одиграа и снајперистите. /МИА

Поранешниот претседател Иванов стана почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене

Поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов ја доби титулата почесен доктор на науки на Универзитетот Тракија во Едрене, Република Турција. 

Церемонијата на доделување на титулата, во рамки на дводневната посета на Иванов на градот Едрене, на покана на универзитетот по повод Одлуката на Сенатот на Универзитетот Тракија за доделување на титулата почесен доктор на науки, се одржала во присуство на голем број високи гости од Република Турција.

Ректорот на Универзитетот Тракија, проф. д-р Ерхан Табакоглу, во присуство на членовите на Сенатот, професори и студенти, соопштија денеска од кабинетот на Иванов, ја предводел свечената церемонија на која присуствувале високи претставници на локалната власт на Едрене, академици, професори од другите универзитети во регионот, како и Гувернерот на Едрене, Јунус Сезер, претставникот на МНР на Турција за Едрене, Амбасадорот Мурат Ахмет Јорук, и почесниот конзул на Република Македонија во Едрене, Есер Џевахир.

По свеченото врачување на почесниот докторат на науки, честитајќи го едновековниот јубилеј на турската република и заблагодарувајќи се до Универзитетот Тракија за високата укажа чест, поранешниот претседател Иванов одржал предавање на темата „Османлискиот модел на соживот меѓу Муслиманите, Христијаните и Евреите“ и предизвикал голем интерес кај присутните гости, професори и студенти на Универзитетот Тракија.

- Инспириран од актуелните настани кои предизвикуваат огромна загриженост и страв за иднината кај сите нас - војните и конфликтите на Блискиот и Централниот Исток, војната меѓу Израел и Хамас во областа Газа, војната во Украина, заканите за мирот во Централна Африка, претседателот Иванов, осврнувајќи се на војните и конфликтите низ историјата, зборуваше дека таквите настани во светот секогаш ја отвораат темата за суштината на секоја војна и можноста од мировни решенија на конфликтите, се наведува во соопштението од кабинетот на Иванов.

За време на посетата на Едрене, покрај средбите со раководството на Универзитетот Тракија и разгледувањето на универзитетскиот кампус, остварил средба со студентите од Република Македонија кои студираат на различни факултети во рамките на овој универзитетот и со проф. д-р Џунеис Нурески од Република Македонија, кој предава на овој универзитет. Исто така, тој остварил и одделни средби и со Валијата, односно Гувернерот на Едрене, Јунус Сезан, а го посетил и Почесниот конзулат на Република Македонија во Едрене, каде имаше прилика за срдечна и пријателска средба со почесниот конзул, Есер Џевахир.

Барселона за првпат по заминувањето на Меси ќе игра во плејофот од Лигата на шампионите

Барселона за првпат по заминувањето на Лионел Меси стигна до нокаут фазата во фудбалската Лига на шампиони.

Избраниците на Чави синоќа го совладаа Порто (2:1) во 5. коло од групната фаза и си го загарантираа учеството во осминафиналето.

Последен пат Каталонците стигна до плејофот во сезоната 2020/21. Потоа во осминафиналето загубија од ПСЖ (1:4, 1:1).

После тоа, таа двапати го зазема третото место во групата и продолжија во Лига Европа.

Лионел Меси ја напушти Барселона летото 2021 година кога замина во Пари Сен-Жермен.

Во Косово запленети 85.000 евра во монети од по две евра, уапсени шест лица, 3 од Македонија

Според соопштението на Обвинителството, осомничените биле дел од група која дистрибуирала и внесувала на пазарот фалсификувани пари за кои, како што се наведува „постои сомневање дека се произведени во земја која е сосед на Косово“.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти денеска дека уапсило шест лица, од кои тројца државјани на Македонија и тројца од Косово, осомничени за фалсификување пари, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на Обвинителството, осомничените биле дел од група која дистрибуирала и внесувала на пазарот фалсификувани пари за кои, како што се наведува „постои сомневање дека се произведени во земја која е сосед на Косово“.

Во акција, спроведена од Обвинителството и Управата за стопански криминал и корупција при косовската полиција, запленети се над 85 илјади евра во монети од по две евра, за кои постои сомнение дека се фалсификувани.

- Во оваа акција запленети се кеси со по две евра во вредност од осумдесет и пет илјади и десет (85.010,00) евра за кои постои сомнение дека се фалсификувани. Запленети се и четири автомобили кои ги користеле уапсените и седум мобилни телефони, се наведува во известувањето на Обвинителството.

Надлежен обвинител им одреди на приведените 48-часовен притвор.

притисни ентер