Сарачини: Ајде да видиме акција од парламентарното мнозинство

 „ Сите повикуваат на национално помирување, а какво ќе биде тоа помирување кога се прогласуваат патриоти и предавници на својот народ, странски платеници“

Кој прогласува патриоти и предавници во земјава? Ние тоа го гледаме и кај Албанскиот политички кампус. Сите оние што гласаа на референдумот за Преспанскиот договор и тие 620 илјади граѓани беа прогласувани за предавници. Сите повикуваат на национално помирување, а какво ќе биде тоа помирување кога се прогласуваат патриоти и предавници на својот народ, странски платеници. Задачата е јасна, компромисот е болен, но е далеку од она што го предлагаше официјална Софија. Ајде да видиме акција од парламентарното мнозинство, ако е ова решение зад кое што стои владејачкото мнозинство, Владата, Претседателката, нека се отпочне процедура во Собранието, рече Петрит Сарачини во Само Вистина.

Нови повисоки цени на такси превозот во Битола

 Советот на Општина Битола го прифати барањето на Здружението на лиценцирани такси превозници со кое се зголемуваат цените на услугите за такси превоз во овој град.

Одлуката ќе стапи во сила со објавување во општинскиот Службен гласник, со што ќе се овозможи сите такси превозници на старт да наплаќаат по 60 денари, а потоа во прва тарифа ќе се наплаќаат по 35 денари од изминат километар. Во втора тарифа 40, а тарифата за трета ноќна смена, како и за такси услуга за време на празник и во недела ќе чини по 45 денари за изминат километар.

Здружението на лиценцирани такси превозници, првата тарифа и тарифата за трета смена, празник и недела ќе ги применува веднаш по стапување на одлуката во сила, додека тарифата за изминат километар по 40 денари времено нема да се користи, но доколку дојде до зголемување на трошоците поврзани со нивната дејност од над 10 насто, тогаш ќе биде ставена во функција. Со одлуката на битолските советници, таксистите за чекање на клиентот во траење од еден час ќе наплаќаат по 400 денари.

Со новите цени за такси превозот во Битола, најевтин за битолчани останува јавниот автобуски превоз, а цената на билетот е 30 денари за сите релации во градот.

Предновогодишен настан „Волшебна елка на желби“ во Скопје

Црвениот крст на град Скопје и годинава за 160 деца без родителска грижа, сместени во згрижувачки семејства, организира предновогодишен настан „Волшебна елка на желба“.

- На почетокот на декември, децата ги запишаа нивните новогодишни желби и ги закачија на големата елка поставена во просториите на Центарот, а потоа ги поттикнувавме сите хумани граѓани, компании, организации и институции да ја посетат нашата Волшебна новогодишна елка, да изберат некој од „лампионите“ на кои се запишани желбите, и да помогнат во остварување на искрените детски желби, соопштија од Црвениот крст на град Скопје.

Подароците, на забавен и весел новогодишен настан, ќе се доделат денеска со почеток во 11:00 часот, во просториите на Трговскиот центар „Рамстор“, кога сите деца ќе го добијат посакуваниот подарок - новогодишна желба.

Активноста „Волшебна елка на желби“ е иницирана пред 17 години. Идејата е дека секој човек, особено дете, треба да се чувствува убаво и среќно за време на новогодишните празници, велат од Црвен крст на град Скопје.

Вкупно 139 случаи на грип пријавени минатата недела

 Во текот на 51. недела од 2024 година, од 16 до 22 декември, во Република Македонија се пријавени 139 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грип.

Во текот на 51. недела од 2024 година, од 16 до 22 декември, во Република Македонија се пријавени 139 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грип, 17,8 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен утрово.

Деведесет и пет лица се на возраст од 15 до 64 години. Дваесет и четири се деца на возраст од пет до 14 години, 12 на возраст до четири години. Осум лица се на возраст над 65 години. Највисока инциденца (12,4/100.000) се регистрира кај децата на возраст до четири години.

- Заболените се пријавени од 16 ЦЈЗ/ПЕ, Дебар - 42, Гостивар - 33, Куманово - 22, Тетово - 15, а во Прилеп, Скопје, Кавадарци, Охрид, Струга, Неготино, Македонски Брод, Струмица, Битола, Свети Николе, Кратово и Штип, бројот на заболени е еднаков или помал на пет. Во 14 извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела, се регистрира многу ниска, во Гостивар - сезонска, а во Дебар - средна активност на вирусот на грип, пишува во извештајот.

Во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип - заболувања слични на грип, изнесува 799, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е намален за 10,2 отсто.

Заклучно со 51. недела, во државава вакцинирани се вкупно 72.125 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

притисни ентер