Садула Дураки поднесе оставка на функцијата министер за животна средина и просторно планирање

Денеска, министерот Садула Дураки поднесе оставка на функцијата министер за животна средина и просторно планирање од причина што е предложен за министер на новотo Министерство за  политички систем и односи меѓу заедниците.

Во оставката упатенa до премиерот Заев, Дураки вели:

„Ви благодарам Вам и на сите членови на Владата како и на претставниците во Собранието за искажаната доверба и за доделената чест да допринесам во подобрување на состојбата во животната средина во Република Северна Македонија.

Морам да истакнам дека изминатиот период додека ја извршував функцијата се соочивме со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина. Според сегашната состојба некои од тие предизвици успешно ги надминавме. Јас и мојот тим во изминатиот период макотрпно работевме и го

вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап.

Не би сакал да звучам нескромно, но многу мали и големи проекти спроведени од страна на Министерството, во време на моето раководење со истото, ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина. Сепак морам да нагласам дека за жал во некои области од животната средина се уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување.

Министерството располага со стручен кадар кој несебично ќе се вложи и ќе му помогне на новиот тим да креира и да ги спроведува политиките во животната средина и просторното планирање.

И за крај да истакнам дека ќе ми биде чест и задоволство да бидам дел од новиот тим, каде што несебично ќе можам да допринесам за успешно чекорење на нашата држава кон Европските интеграции“, напишал Дурака во својата оставка.

Полските земјоделци ја прекинаа повечемесечната блокада на границата со Украина

Полските земјоделци денеска ја прекинаа повеќемесечната блокада на граничниот премин со Украина. 

Британските медиуми ја пренесуваат позитивната оценка на украинскиот министер за земјоделство за напорите на Полска да стави крај на блокадата и најави дека се деблокирани сите гранични премини со Полска.

Блокадите започнаа кон крајот на минатата година, по протестите на полските земјоделци поради изземањето на украинските земјоделци од барањето да аплицираат за влез во Полска.

Варшава и Киев со месеци преговараа за изнаоѓање решение за блокадата, а Украина ја повика Европската унија да интервенира. /МИА

Шкотскиот премиер Хумза Јусаф поднесе оставка

 Шкотскиот премиер Хумза Јусаф поднесе оставка откако неговата одлука да се откаже од коалицискиот договор на СНП со шкотските Зелени доведе до владина криза.

-Иако патот низ барањето недоверба за владата оваа недела беше апсолутно возможен, јас не сум подготвен да ги променам моите вредности и принципи или да склучувам договори со некого само за да ја задржам власта, кажа премиерот.

Затоа, додаде Јусаф, „откако го поминав викендот размислувајќи за тоа што е најдобро за мојата партија, за владата и за земјата што ја водам, заклучив дека поправка на нашите односи преку политичкиот јаз може да се направи само со некој друг на чело“.

-Од тие причини, ја известив националната секретарка на СНП за мојата намера да се повлечам од позицијата лидер на партијата и барам што поскоро да се почне со конкурсот за мој наследник“, рече Јусаф.

Тој истакна дека ќе остане прв министер на Шкотска се додека не биде избран неговиот наследник како лидер на СНП. /МИА

Кина со предупредување до САД поради законот за Тајван и законот за ТикТок

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Јиан денеска изјави САД да не спроведува „негативни делови од законот што се „однесуваат на Кина“.

Доколку САД упорно опстојат на својата одлука, Кина ќе преземе решителни чекори за да ги заштити своите безбедносни и развојни интереси, посочи Лин, без да наведе детали.

Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за зајакнување на одбраната на Тајван, како и законот со кој се бара од кинескиот сопственик „БајтДенс“ (ByteDance) на ТикТок да ја продаде платформата во рок од една година.

Владата на Тајван го поздрави новиот американски закон оценувајќи дека ќе помогне во зачувување на безбедноста во регионот. /МИА

притисни ентер