САД со визни рестрикции за раководители на бродски компании од Колумбија

САД со визни рестрикции за раководители на бродски компании од Колумбија кои превезуваат нелегални мигранти.

САД воведоа визни рестрикции против раководители на неколку транспортни компании од Колумбија кои превезуваат мигранти по морски пат.

Во соопштението објавено денеска се вели дека овие компании ловат ранливи мигранти со нудење сервиси чиј цел пред сѐ е овозможување незаконска имиграција во САД.

-Неколку компании обезбедуваат морски сообраќај и свесно овозможуваат незаконски транспорт на мигранти и ги изложуваат мигрантите на експлоатација и насилство, се вели во соопштението од американскиот Стејт департментот.

Оттаму наведуваат дека визните рестрикции промовираат одговорност за овие актери и испраќат сигнал дека никој не смее да профитира од ранливи мигранти, ниту криумчарите, ниту пак приватните компании или официјалните лица.

-САД ќе продолжат со мерките за визни рестрикции против безобѕирните сопственици на транспортни компании, раководители и службени лица како дел од пошироката стратегија за елиминација на практиките за експлоатација во рамките на и надвор од Западната хемисфера, и во соработка со партнери во владата и приватниот сектор, се вели во соопштението.

САД се судираат со историски зголемен приток на нелегална имиграција од Јужна Америка на американско-мексиканската граница. Проблемот со нелегалната имиграција е главна тема во предизборните кампањи во пресрет на претседателските избори закажани за во ноември, на кои најверојатно ќе учествуваат кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.

Нетанјаху го обвини Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас"

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини својот коалициски партнер, израелскиот министер и член на воениот кабинет Бени Ганц дека „му дал ултиматум на премиерот, наместо на Хамас".

Ганц на прес-конференција вчера рече дека неговата опозициска Партија на национално единство ќе се повлече од коалициската Влада доколку планот за повоено управување со Газа не биде консолидиран и одобрен до 8 јуни, што фрла сомнеж за иднината на израелската Влада.

„Ако Нетанјаху избере да ја одведе нацијата во пропаст, ние ќе се повлечеме од Владата, ќе се свртиме кон народот и ќе формираме влада која може да донесе вистинска победа“, рече Ганц.

Кабинетот на израелскиот премиер, одговарајќи на Ганц, соопшти дека барањата на Ганц се „празни зборови“ што ќе значат „крај на војната и пораз на Израел, напуштање на повеќето заложници, оставање на (палестинскиот) Хамас на власт и создавање палестинска држава“, пренесува „Тајмс оф Израел“./МИА

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите

Кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз (88) денеска ќе биде подложен на медицински прегледи поради висока температура и болки во зглобовите, објавија државните медиуми.

Кралот на Саудиска Арабија ќе биде подложен на прегледи во Кралската клиника во палатата Ал Салам во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море, објави државната саудиска новинска агенција.

Како што се наведува, лекарскиот тим одлучил да изврши лекарски прегледи за да се утврди здравствената состојба на саудискиот крал, но не се соопштуваат детали. Саудискиот монарх беше примен во болница на лекарски прегледи во април, а подоцна беше отпуштен.

Тој е на власт од 2015 година, но се верува дека неговиот син, престолонаследникот Мохамед бин Салман е задолжен за секојдневните државни работи./МИА

Првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова во Ватикан и Рим

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета во странство ќе ја оствари во Ватикан и во Рим, каде што ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, потврдија за МИА од претседателскиот кабинет.

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Сиљановска Давкова, како што велат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

притисни ентер