САД го предупредија Вучиќ: Невидено е толкаво трупање војска на границата со Косово

„Детектираме големо воено присуство на Србија долж границата со Косово“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Ова вклучува „невидено распоредување на напредна српска артилерија, тенкови и механизирани пешадиски единици“. „Сметаме дека ова е многу дестабилизирачки развој. САД ја повикаа Србија да ги повлече овие сили од границата. Целта на српското вооружување сè уште не е јасна, но е загрижувачка“, рече Кирби, пренесува Дојче веле.

Новите тензии меѓу Србија и Косово го достигнаа својот врв минатата недела: група од 30, тешко вооружени српски командоси се бореше со косовската полиција во Бањска во близина на Митровица во северно Косово. Убиени се тројца српски напаѓачи и еден косовски полицаец. Кирби рече дека нападот бил „многу софистициран“ и вклучувал околу 20 возила, „воено оружје“, опрема и обука. „Не изгледаше како куп луѓе спонтано да се собраа.“

Американскиот државен секретар Антони Блинкен телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ, соопшти американскиот Стејт департмент во Вашингтон. По тој повод Блинкен повика на „итна деескалација и враќање на дијалогот“. Тој го поздрави фактот што НАТО одобри распоредување дополнителни сили на Косово.

Како што јави српската новинска агенција Танјуг, Вучиќ во телефонски разговор со Блинкен ги опишал наводите од Вашингтон како „невистини“ и негирал дека собрале големи воени единици на границата со Косово. Претседателот на Србија се согласи со Блинкен дека е неопходна деескалација и „значително поголема улога на КФОР“, се вели во соопштението за печатот.

Од друга страна, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан разговарал со косовскиот премиер Албин Курти и „изразил загриженост за движењето на српската војска“. Двајцата, исто така, „разговараа за дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, за кој Саливан посочи дека е единственото долгорочно решение за обезбедување стабилност на цело Косово“.

На платформата Х, порано Твитер, Курти побара помош од САД против „воените планови“ на Белград.

Џон Кирби рече и дека НАТО ќе го зголеми присуството на своите мировни сили КФОР на Косово, што во Брисел го потврди и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Тој рече дека западната воена алијанса е подготвена да ги зајакне своите мировни сили во Косово за да одговори на ситуацијата. „Секогаш ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да обезбедиме безбедна средина и слобода на движење за сите луѓе кои живеат во Косово“, рече Столтенберг.

Северноатлантскиот совет, најважното тело за одлучување на НАТО, одобри распоредување на дополнителни воени сили на Косово, соопштено е во Брисел. На почетокот не беше јасно колку војници дополнително ќе бидат стационирани таму. Британското Министерство за одбрана подоцна објави дека Британија ставила на располагање баталјон од 500 до 650 војници на КФОР. Тие војници неодамна пристигнаа во регионот на долго планирани вежби, пренесува француската агенција АФП.

КФОР е одговорен за безбедноста на Косово од 1999 година. Според последните информации, во моментов има околу 4.500 војници од 27 земји на НАТО и земји партнери, од кои 80 се од Германија.

Во меѓувреме, Милан Радоичиќ, политичар и бизнисмен од косовските Срби, ја презеде одговорноста за нападот минатиот викенд. Тој тврди дека акцијата ја извршил самоиницијативно и дека за тоа не ги известил официјалните власти во Србија. Но, Владата во Приштина смета дека е невозможно Радоичиќ да дејствувал самостојно.

Косово, сега речиси исклучиво населено со Албанци, се отцепи од Србија во 1999 година со помош на НАТО и прогласи независност во 2008 година. Повеќе од 100 земји, вклучително и Германија, ја признаваат независноста, но не и Србија. Договорот за нормализација предложен од ЕУ бара Србија да го признае Косово де факто, но не де јуре. За возврат, Косово треба да дозволи формирање на Заедница на српски општини на северот на Косово. Сепак, Приштина оваа точка ја гледа како вовед во отцепување.

Турција очекува да го ратификува приемот на Шведска во НАТО до крајот на годинава

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром изјави дека неговиот турски колега Хакан Фидан му рекол дека ратификацијата на приемот на Шведска во НАТО може да се случи „во рок од неколку недели“.

-Го чекаме спроведувањето на ратификацијата. Вчера имав билатерална средба со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, на која тој изјави дека очекува ратификацијата да се случи во наредните недели, рече Билстром.

Изјавата на шведскиот министер ги потврдува зборовите на висок функционер на Стејт департментот, според кои турскиот министер за надворешни работи вчера на своите колеги од НАТО им рекол дека напорно работи на ратификацијата на приемот на Шведска во алијансата и посочил како веројатен период до крајот на годината.

Независните пратеници кои ја напуштија СИРИЗА формираат пратеничка група

Единаесетмина пратениците, меѓу кои и поранешни министри, кои во изминатиот период ја напуштија грчката опозициска партија СИРИЗА формираат пратеничка група во Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

Пратениците доцна синоќа одржаа состанок и како што беше очекувано и се најавуваше, се договорија да формираат нова пратеничка група за која го имаат доволниот број, со оглед на тоа дека за формирање потребни се најмалку десет пратеници.

Новата пратеничката група, официјално ќе биде промовирана в понеделник кога ќе биде соопштено и името, додека пак претседател ќе биде поранешниот министер Алексис Харицис.

Станува збор за пратеници од две фракции, кои си заминаа од СИРИЗА поради несогласувањата со новиот партиски лидер Стефанос Каселакис.

Приведен жител од М. Речица, осомничен дека поставил знаме на Албанија на манастирот на П.Шапка

Приведено е едно лице од Мала Речица, кое се сомничи дека вчеравечер поставил знаме на Албанија на манастирот на Попова Шапка.

-Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер, околу 23:30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија, информираат од МВР.

По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок, велат од МВР.

Стојанче Ангелов на неговиот фејсбук профил меѓу другото напиша дека брзата реакција на институциите, но и јавниот притисок можат да ги намалат провокациите кои ја потпалуваат меѓуетничката нетрпеливост.

- Провокациите никако не треба да се премолчуваат туку на нив треба жестоко да се реагира. Само така ќе се обесхрабрат идните потенцијални провокатори. Реакцијата на општеството на вакви провокации треба да биде обединета и единствена без разлика на етничка, верска, политичка или било каква друга припадност. Верувам дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме. Единствено не видов претставник на албанските политички фактори во Македонија да излезе со јавна осуда на овој чин. А треба, напиша Ангелов.

Тој преку фејсбук го повика лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно да го осуди овој провокативен вандалски чин

МИА вчера објави дека две маскирани лица го симнале знамето на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија од јарбол пред храмот Свети Наум Охридски, по што е поставено знаме на Албанија. Претседателот на црковниот одбор го пријавил случајот во СВР Тетово. Настанот е евидентиран преку камери за видео надзор.

-Во 18.05 часот во СВР Тетово, свештеникот од црквата „Св.Наум Охридски Чудотворец“ лоцирана на Попова Шапка, пријавил дека од страна на НН лице од јарболот на црквата е симнато црковното знаме и е поставено знаме на Албанија, информира вчера Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

притисни ентер