Руди први кошаркар учесник на шест Олимписки игри

Легендарниот Шпанец Руди Фернандес стана првиот кошаркар во светот учесник на шест Олимписки игри.

39 годишниот Руди Фернандес претпладнево на отворањето на кошаркарскиот олимписки турнир влезе во игра на половина од првата четвртина на натпреварот против Австралија кој подоцна Шпанија го загиуби со 92-80.

Ѕвездата на Реал во кариерата има освоени две олимписки сребра , во Пекинг во 2008 година и во Лондон во 2012 година и бронза на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година.

На Олимписките игри по пет учествуваа имаат Шпанецот Хуан Карлос Наваро, Теофило Круз од Порторико, Австралиецот Ендру Газе, Бразилецот Оскар Шмит и Аргентинецот Луис Скола.

Голема акција против пиратеријата во Хрватска, уапсени се 11 лица

УСКОК во соработка со полицијата изврши акција во дури пет хрватски жупании, при што се уапсени 11 лица.

Во акцијата на УСКОК и полицијата уапсени се 11 лица поради сомнение за сторени кривични дела против интелектуална сопственост и кривични дела против компјутерски системи, програми и податоци како дел од злосторничко здружување.

Како што дознава Дневник Нова ТВ, станува збор за лица кои продавале интернет ТВ пакети со 400 програми за по петнаесет евра.

Во рамките на меѓународната акција, покрај во Хрватска, доказни дејствија се спроведени и во неколку други земји.

УСКОК за акцијата извести на својата веб-страница.

„Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејствија се резултат на кривична истрага спроведена од Службата за сајбер-безбедност на Управата за криминалистичка полиција и полициската управа Сплит-Далмација по налог на УСКОК.

Наведените дејствија се спроведуваат во Хрватска на подрачјето на повеќе полициски управи (Сплит-Далмација, Загреб, Приморје-Горски Котар, Пожега-Славонија и Истра) во врска со повеќе лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против интелектуална сопственост како дел од злосторничко здружување и кривични дела против компјутерски системи, програми и податоци.

По распитот на осомничениот УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување по предметниот случај за што благовремено ќе ја информира јавноста.

Освен во Хрватска, акции за докажување се спроведуваат и во неколку други земји како дел од меѓународна координирана акција“, се наведува во соопштението на УСКОК.

За акцијата се огласи и министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ. „Сето ова е направено во соработка со Европол, но кога зборуваме за Хрватска во моментов, проценетата штета е речиси два милиони евра. Сепак, ова е почеток на кривичната истрага и ќе видиме каде сето тоа води“, рече Божиновиќ.

Нема индиции за саботажа во авионската несреќа на ДХЛ во Литванија, се тврди од истрагата

Литванија досега не најде докази за тероризам или саботажа во истрагата за падот на товарниот авион на ДХЛ (DHL), соопштија властите.

Министерството за правда на својата веб-страница објави дека црните кутии се пронајдени во текот на утрото.

Авионот се урна вчера рано утрината во близина на аеродромот во Вилнус, каде што требаше да слета, при што загина еден член на екипажот.

Летот го оперирала авиокомпанијата SWIFT, а леталото полетало од германскиот град Лајпциг.

-Товарниот авион удрил во куќа во близина на аеродромот околу 5:30 часот, изјави портпаролот на Националниот центар за управување со кризи.

Германскиот министер за надворешни работи подоцна рече дека тоа би можело да биде несреќа или хибриден напад во „нестабилни времиња“.

Канцеларијата на главниот обвинител на Литванија води една од двете официјални истраги за несреќата.

„Нашите првични информации не укажуваат дека треба да истражиме (било какви) посериозни дејствија“, се наведува во соопштението на обвинителот Артурас Урбелис, додавајќи дека истрагата се уште е во тек.

„Можеби во текот на истрагата ќе најдеме индиции за други видови активности“, рече тој./MИА

Запрен судски процес против Трамп во кој е обвинет за обид да го поништи резултатот од изборите

Запрен судскиот процес против Трамп во кој е обвинет за обид да го поништи резултатот од изборите во 2020 година.

Кривичниот прогон против Доналд Трамп, кој беше обвинет за обид за поништување на резултатот од изборите во 2020 година, денеска беше прекинат откако обвинителството побара отфрлање на овој и друг случај против избраниот претседател, повикувајќи се на политиката на Министерството за правда која забранува кривично гонење на актуелен претседател.

Одлуката на окружната судијка Тања Чуткан стави крај на обидите на Министерството за правда да го обвини Трамп по неговите напори да остане на власт по поразот на изборите во 2020 година, што резултираше со упад во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од толпа негови поддржувачи.

Случајот го објави специјалниот обвинител Џек Смит, кој одлучи да ги прекине процесите поврзани со обидите за обвинение против Трамп за поништување на резултатите од изборите и за незаконско чување доверливи материјали по завршувањето на неговиот прв претседателски мандат во 2021 година.

Обвинителите се повикуваат на политика на министерството кој датира од 1970-тите години. Според неа, кривичното гонење на актуелен претседател го нарушува Уставот на САД, поткопувајќи ја способноста на шефот на државата да ги извршува своите должности.

Сепак, судот сè уште треба формално да ги одобри двете барања на обвинителството. Во судскиот документ поднесен за случајот за обид за поништување на изборните резултати, обвинителите истакнаа дека политиката на Министерството бара прекин на случајот додека Трамп не ја напушти Белата куќа.

-Овој резултат не се базира на суштината на случајот или на јачината на доказите против обвинетиот, напишаа обвинителите во својата изјава.

Во случајот со доверливите документи, обвинителите наведоа дека тие имаат намера да се обратат до федералниот апелациски суд со барање да се продолжи случајот против двајца соработници на Трамп обвинети за попречување на истрагата.

-Американскиот народ го реизбра претседателот Трамп со убедлив мандат за реализација на идејата „Да ја направиме Америка повторно голема“. Денешната одлука на Министерството за правда ги запира неуставните федерални случаи против претседателот Трамп и претставува голема победа за владеењето на правото. Американскиот народ и претседателот Трамп бараат итен крај на политизацијата на нашиот правосуден систем и со нетрпение очекуваат обединување на нацијата, изјави Стивен Џенг, директор за комуникации на Трамп.

Во своја објава на социјалните мрежи, Трамп вчера ги критикуваше кривичните случаи поднесени против него, нарекувајќи ги „најниска точка во историјата на нашата земја“. Чуткан остави отворена можност обвинителите повторно да покренат обвиненија против Трамп по неговото заминување од функцијата, но тие веројатно ќе се соочат со тешкотии во врска со гонење долго време по наводните постапки. /МИА

притисни ентер