Разбиена е страшна криминална банда: Носеле луѓе од Балканот во Унгарија за да бидат робови

Во Романија е разбиена криминална група која намамувала луѓе од Балканот со приказната за сигурна работа и врвна заработувачка, ги неселе на принудна работа во Унгарија и од нив правеле робови.

Десетици млади луѓе, меѓу кои и малолетници, биле експлоатирани, изгладнети и принудени со месеци да живеат во нехумани услови во Унгарија, каде што дошле, верувајќи дека ќе си обезбедат подобро утре.

Како што соопштија од полицијата, истрагата утврдила дека уште во 2013 година пет мажи и жени, сите наводно роднини, организирале група со цел да заработат искористувајќи ги социјално загрозените.

На удар на членовите на оваа организирана криминална група биле ранливи лица, во тешка материјална состојба, кои немале нормални семејни односи. Во најголем број случаи жртвите биле од прифатни центри, а осомничените им ветувале редовна месечна заработка од најмалку 250 евра, сместување и оброци, како и фиксно работно време од 8 часа, пет, понекогаш и шест дена во неделата.

Жртвите верувале дека ќе одат да работат во унгарска компанија, а кога конечно стигнале на целта, живееле во пекол. Жртвите ги изгладнувале, биле принудени да работат до исцрпеност, не добивале пари, ниту имале пристап до лекари. Тие биле сместени во дрвени бараки или подруми на куќи. Некои дури биле принудени да работат 24 часа на ден, додека не паднале од исцрпеност.

Според Романиа Инсајдер, жртвите секогаш биле превезувани од Романија во Унгарија од истите двајца членови на криминалната група. Сè изгледало совршено. Откако ќе стигнале на одредиштето, под изговор дека треба да ги завршат сите работни дозволи, им ги земале пасошите и сите други документи, за жртвите да немаат каде да одат.

Веднаш потоа биле однесени во сместување, а потоа на повеќето им станало јасно дека ништо не е како што е договорено. Тие биле донесени во објекти каде што условите биле нехумани и каде веќе престојувале 20 до 25 лица. Тоа биле претежно дрвени бараки, без мебел, или подруми на куќи. Таму ги држеле под клуч. Оттаму би биле носени во објекти каде што се преработувал отпад, каде што би биле принудени да работат континуирано од утро до вечер и уште подолго.

Жртвите трпеле и психичко и физичко насилство, особено на работа каде што работеле 12, 18, а понекогаш и 24 часа на ден, седум дена во неделата.

Во бараките немало основни услови за живот - сите биле неухранети, не можеле да посетат лекар во случај на болест, а многумина биле принудени да ги чистат бараките и подрумите откако ќе ја завршат смената во фабриката.

Според романските власти, за расветлување на целиот случај, под покровителство на Евроџастис, Романија и Унгарија склучиле договор за заеднички истражен тим.

На територијата на двете земји се извршени повеќе претреси при што се пронајдени 49.150.000 форинти (околу 120.000 евра), 5.990 евра, околу 350 грама накит, два автомобили, документи, два пиштоли, како и други докази.

„Исто така, при претресот во Унгарија, идентификувани се повеќе од 20 лица, најверојатно жртви на трговија со луѓе. Унгарските правосудни власти на 12 ноември 2024 година наредија притвор на седум членови на организираната криминална група“, е објавено.

Паника во авион: Луѓето врескаат, предмети паѓаат - пилотот бара принудно слетување (ВИДЕО)

Застрашувачки снимки го покажуваат моментот кога патнички авион налетал на силни турбуленции, поради што патниците „летаат“ кон таванот.

Авионот полн со патници се упатил кон Мајами, кога свртел среде лет и се вратил во Европа.

Деветчасовниот вчерашен лет на Scandinavian Airlines од Стокхолм бил речиси на својата дестинација кога бил принуден да сврти и да се врати назад по алармантната ситуација.

Откако прелетал во турбуленции над Гренланд, полниот авион се вратил во базата во Копенхаген на проверки поради загриженост за технички проблеми. Патник на летот, кој патувал со жена, објавил видео на кое се гледа како патниците врескаат поради турбуленциите.

Една жена која седела во неговиот ред била фрлена нагоре.

„Погледнете како нејзините стапала го допираат таванот! Мислев дека ќе умреме“, напишал тој.

@exportfromus.carsnipers flight between #stockholm and #miami #flight #flightaccident #news #stockholmtomiami #stockholm #miami #carsnipers ♬ original sound - CarSnipers

Според авиокомпанијата, во авионот имало 254 патници и едно бебе. Патник на летот рече дека најмалку едно лице е повредено, но портпаролот на авиокомпанијата рече дека немало повредени.

Како што рекоа, морале да се вратат назад бидејќи немале соодветна опрема во Мајами за да ги извршат проверките. На патниците им се понудени хотелски соби и вечерва полетаа за Мајами.

Дрво падна врз жена додека се шетала по снежна патека, едвај ја извлекоа (ВИДЕО)

Зимата полека пристигнува, а освен снег, санкање и невреме, носи и потенцијално опасни ситуации.

На пример, под тежината на белата прекривка, гранките се кршат и дрвјата паѓаат. Токму тоа ѝ се случило на една жена.

Додека се движела по патеката, немала поим дека дрво ќе падне врз неа. Таа останала да лежи неподвижна, под тешките гранки.

На помош ѝ пришле случајни минувачи кои се нашле на лице место, ја спасиле и ја однеле на првата клупа.

Иако жената се држела за глава, најверојатно не е тешко повредена. Драматичната сцена ја снимила надзорна камера од блиската куќа.

Повторно е отворен ресторан во Швајцарија на височина од 3.000 метри, по пожарот пред 2 години

Две години откако беше изгорен во пожар, спектакуларниот швајцарски панорамски планински ресторан на 3.000 метри повторно е отворен.

Редизајнот по големиот пожар го извршил познатиот архитект Марио Бота, кој веќе ја изградил оригиналната зграда во завеаните швајцарски Алпи.

Ресторанот се наоѓа на надморска височина од 3000 метри во скијачката зона Glacier 3000 во близина на селото Ле Диаблере над Женевското езеро, објави Ројтерс.

Во новата зграда е подобрена противпожарната заштита и енергетската ефикасност, велат од управата на скијачкиот центар. Сега на трите страни на зградата има соларни панели кои можат да произведат околу 100.000 киловат часови електрична енергија годишно.

Од сѐ уште непознати причини, при пожарот една ноќ во септември 2022 година, се запалија два ката, но темелите не биле оштетени.

притисни ентер