Рама: Неопходно е да се зголеми бројот на силите на НАТО на Косово

Неопходно е да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и да се гарантира границата помеѓу Косово и Србија.

Граница која е вон контрола и е во служба на илегални активности, шверцување оружје, наркотични средства и активности кои што во понатамошниот тек се вмешуваат во политичката активност, со ултранационалистичка позадина, а кои што предизвикуваат големи пореметувања, порача премиерот на Албанија, Еди Рама на прес-конференција во Скопје по неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот.

Тој изрази жалење што, како што рече, без оглед на повторените обиди значително да се зголеми, не само вниманието, туку и бројот на трупи кои треба да обезбедуваат и неприкосновеност на Косово, се случи трагичен настан кој, според него, треба да служи како наговестување, а не да биде спорадичен настан. Таков настан, порача, не смее никако да се повтори.

Рама на прес-конференцијата појасни дека еден од тие случаи е и настанот во косовското село Бањска, каде што припадник на косовската полиција го загуби животот.

- Со овој настан излезе на виделина големиот потенцијал од дестабилизација и ескалација на одреден конфликт за кој што беше кажано дека местото да се реши и да се третира е само на една точка, да се отвори дијалог и преговори помеѓу Косово и Србија, рече премиерот Рама.

Хрватскиот претседател Зоран Миловановиќ, одговарајќи на новинарско прашање рече дека после инцидентот на северот на Косово останал многу воздржан кон воведување санкции кон Белград.

- Бев многу воздржан во однос на потребната реакција кон Белград и воведување санкции за што се залагаа многумина. Сметам дека санкциите како инструмент на надворешната политика се промашени. И тоа не го направив за да ја аболирам Хрватска од некаква одговорност за некое недозволиво однесување, тоа го направив од убедување, без да очекувам каква било против услуга, рече Милановиќ.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата претходно кажа дека во НАТО постои загриженост за развојот на настаните во одредени држави во Западниот Балкан и затоа мора да се препознае силата и важноста на Алијансата во регионот.

- НАТО е присутен во овој регион со години. Во Косово го зголемивме нашето присуство со околу 1 000 дополнителни војници и со потешко вооружување. Секогаш сме претпазливи, од блиску ја набљудуваме состојбата и секогаш ќе го направиме она што е потребно за да се заштитат и одбранат сите сојузници, рече Столтенберг.

Минесота го исфрли Феникс од НБА плеј-офот

Минесота рано утрово го совлада Феникс со 122:116 на гостински терен во четвртиот натпревар од серијата од првото коло на плејофот во НБА.

Тимбервулвс со максимални 4:0 ги совладаа Санс и обезбедија пласман во четвртфиналето во разигрувањето за шампионскиот трофеј.

Најефикасен играч на средбата беше Девин Букер со 49 поени, но и тоа не беше доволно домаќините да го избегнат поразот.

Следен противник на Минесота ќе биде победникот од мечот Денвер нагетс – Лос Анџелес лејкерс (резултатот во серијата е 3-1 во корист на Нагетс). /МИА

Јанкоски од Народната банка: Работиме на нова регулатива за јакнење на киберотпорноста

Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. 

Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Јанкоски наведува дека дигиталната отпорност се дефинира како способност за заштита, справување и брзо обновување на деловните процеси на финансиската институција од настани коишто може да предизвикаат нивен прекин. „Законот треба да обезбеди поддршка на процесот на дигитална трансформација, правилна примена на новата технологија и поттикнување на иновативноста во новото време на дигитални финансии. Народната банка во моментов подготвува нова Одлука за Методологија за сигурноста на информативниот систем, усогласена со насоките на Европскиот банкарски орган (ЕБА) за управување со ризиците поврзани со сигурноста. Оваа одлука би била вовед во активностите за подготовка и воведување нов закон за унапредување на дигиталната оперативна отпорност во финансискиот сектор, усогласен со ДОРА“, посочува Јанкоски.

Клучните области коишто се опфатени со Законот за дигиталната оперативна отпорност се управувањето со ИТ-ризикот, управувањето со ризикот од пренесување на извршувањето оперативни функции или услуги од надворешни лица и нивен надзор, тестирањето на дигиталната отпорност, управувањето со ИТ-инциденти, споделувањето (размена) информации итн. „Законот создава регулативна рамка и воведува стандардизирани и хармонизирани принципи за заштита од заканите од дигиталниот простор, коишто треба да бидат исполнети од институциите во финансискиот сектор со примена на потребните контроли за заштита, соодветно управување со сигурносните инциденти и нивно пријавување до надлежните тела во земјата и ЕУ. Како новитет се воведува барањето за спроведување тестирање на дигиталната отпорност, во согласност со кое финансиските институции треба да спроведуваат редовни тестирања на своите ИТ-системи и услуги, за што треба да се известат и регулаторните органи. Исто така, со Законот се воспоставува рамка за соработка и комуникација помеѓу институциите во секторот, домашните и меѓународни надлежни тела и други учесници со цел да се унапреди оперативната отпорност“, пишува Јанкоски.

Поради засиленото присуство на банките на современите канали, дигитализацијата на банкарските производи и услуги и постојаниот пораст на ризиците поврзани со заканите во дигиталниот простор почнувајќи од 2003 година, Народната банка активно работеше на дефинирање на потребната регулатива во подрачјето, којашто постојано се надградува во согласност со најдобрите стандарди и практики на ЕУ.

На преговорите во Каиро поканета и израелска делегација

На преговорите во Каиро заедно со делегацијата на Хамас „за да се забрза процесот“ била поканета и израелска делегација, пренесува Тајмс оф Израел. 

Претходно вчера, висок функционер на Хамас потврди дека делегација на Хамас денеска ќе го посети Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа.

Тој, исто така, истакна дека немаат „поголеми проблеми“ со најновиот предлог на Израел и Египет за прекин на огнот во Газа. /МИА

притисни ентер