Путин потврди дека Русија истрелала балистичка ракета со среден дострел кон Украина

Русија изврши ракетен напад со пеорктил со среден дострел врз украинска воена локација како одговор на украинските напади во изминатите денови со западно оружје со голем дострел.

Тоа го изјави претседателот Владимир Путин во телевизиско обраќање до нацијата.

Путин додаде дека по нападот врз Русија со западни ракети, конфликтот во Украина доби глобален карактер.

Путин изјави дека неговата земја тестирала нова ракета со среден дострел во денешниот напад против Украина и предупреди дека Москва може да ја искористи против земјите кои му дозволиле на Киев да истрела нивни проектили на руска територија.

- Неговото кодно име е Орешник, нагласи тој.

Путин во телевизиско обраќање до нацијата рече дека денешниот руски напад врз Украина е одговор на украинските напади на почетокот на оваа недела на руска територија со британски и американски ракети.

Рускиот лидер најави дека Русија ќе издаде однапред предупредувања пред нападите врз други земји за да се овозможи безбедно евакуација на граѓаните. Тој предупреди дека американските ПВО системи нема да бидат способни да пресретнуваат руски ракети.

Русите сменија генерал- лажел за напредувањето на трупите во Доњецк

Русија смени висок командант од функцијата поради лажни тврдења за напредокот на војната во делови од источна Украина, објавија руските медиуми.

Генерал-полковник Генадиј Анашкин, командантот на групата Јужни сили, е разрешен откако дал погрешни информации за рускиот напредок во близина на населбата Сиверск во источниот регион Доњецк, пренесе Си-Ен-Ен.

Руските медиуми ја објавија смената на Анашкин, повикувајќи се на неименувани извори во руското Министерство за одбрана кои рекоа дека тој бил отстранет како дел од планираната ротација. Нема официјална потврда од руските власти.

Некои воени блогери тврдат дека лажните извештаи на неколку команданти за ситуацијата на теренот довеле до големи загуби меѓу руските единици.

Руското Министерство за одбрана не ги коментира извештаите.

Во Уругвај се одржуваат неизвесни претседателски избори

По предизборната кампања во Уругвај која помина без жестоки конфликти, се предвидува тесна трка пред изборите меѓу левичарскиот кандидат Јаманду Орси и конзервативецот Алваро Делгадо од владејачката партија.

Иако Орси беше малку понапред според последните анкети, преовладува мислењето дека кандидатите имаат изедначени шанси.

Одлучувачки фактор ќе биде привлекувањето на гласовите на поддржувачите на кандидатите елиминирани во првиот круг. Околу 2,7 милиони луѓе излегуваат на гласање во јужноамериканската земја каде гласањето е задолжително.

Популарниот актуелен претседател Луис Лакал Поу, според Уставот, не можеше повторно да се кандидира.

Иако политичкиот живот во Латинска Америка се карактеризира со силна поларизација, политичко насилство и авторитарни тенденции, Уругвај се смета за модел на демократска земја.

Левичарот Орси, доколку победи, има намера да се бори против сиромаштијата и да преземе решителни мерки против корупцијата. Конзервативецот Делгадо најави планови за продолжување на политиките на актуелната влада и намалување на бирократскиот апарат.

Според анкетите, Уругвајците најмногу се загрижени за безбедноста, економската ситуација и работните места. Од враќањето на демократијата пред 40 години, владите на десниот и левиот центар наизменично се менуваа на власт.

Без разлика на исходот од изборите, радикални промени не се очекуваат.

„Граѓаните не сакаат длабоки промени, туку само мали прилагодувања“, вели Маријана Помиес, директор на агенцијата за истражување на јавното мислење Цифра, во интервју за весникот „Ел Обсервадор“.

Австриската крајна десница победи на покраинските избори во Штаерска, прв пат во историјата

Австриската крајнодесничарска Партија на слободата (ФПО) за првпат победи на покраинските избори во Штаерска според проекциите, додека коалициските разговори продолжуваат без неа по националните избори во септември.

Изборите во Штаерска, чиј главен град е Грац, немаат моментално влијание на национално ниво, но го зголемуваат притисокот врз партиските лидери кои се обидуваат да ја формираат првата трипартиска влада во земјата од 1949 година, објави Ројтерс.

Тоа е втората сојузна држава што ја освои евроскептичната и пријателска на Русија ФПО. Првата беше Корушка, упориштето на поранешниот партиски лидер Јоерг Хајдер на неговиот политички врв во доцните деведесетти и раните 2000-ти.

„Не очекував толку добар резултат во Штаерска“, изјави Стефан Херман, заменик-шеф на ФПО во Штаерска, за телевизијата ОРФ.

Проекциите на истражувањето на компанијата Форсајт за ОРФ и новинската агенција АПА покажаа дека ФПО е прва со 35,3 отсто од гласовите, а втора е конзервативната Народна партија (ОВП) со 26,6 отсто.

За прв пат по Втората светска војна, ниту ОВП, ниту Социјалдемократите (СЈО) не победија во таа држава, која граничи со Словенија.

ФПО ќе има потреба од коалициски партнер за да го контролира мнозинството места во собранието на провинцијата Штаерска и да формира влада.

притисни ентер