Прва „блокада“ од Грција за почеток на преговорите на Албанија со ЕУ

Грција ја постави првата блокада на патот на Албанија кон ЕУ, јавија албанските повикувајќи се на грчките медиуми.

- Грција не се согласи со писмото на 27 земји членки на ЕУ за отворање на првите поглавја со Албанија. Можна причина за ова е апсењето на градоначалникот на Химара, Фреди Белери, кој е етнички Грк по што Атина обвини дека неговите права се кршат, додаваат медиумите.

Според Катимерини, ваквиот развој на настаните претставува разделба на Македонија и Албанија на заедничкиот европски пат.

Атина ќе го преиспита својот став, само доколку Тирана преземе чекори со кои ќе покаже дека има простор за дискусија, се потенцира во текстот на Катимерини. Грција инсистира Белери да добие шанса за заклетва за градоначалник, барање кое албанските судови досега го одбиваа.

На 22 овој месец е следното рочиште на кое ќе му се суди за купување на гласови. Случајот е нотиран и во извештајот на европската комисија како сериозен проблем кој ги комплицира грчко-албанските односи.

Белери беше уапсен два дена пред локалните избори, што во Албанија се одржаа на 14 мај, по сомнение за „изборна корупција".

Иако во затворски притвор, тој беше реизбран за градоначалник на приморското гратче Химара, главно населено со припадници на грчкото малцинство.

Барањата да биде ослободен за да даде заклетва и да ја обавува градоначалничката функција му беа одбиени од сите судски инстанци.

Официјална Атина во континуитет бара негово ослободување, оценувајќи дека неправедно е уапсен и се закани со блокирање на Албанија на евроинтегративниот пат.

Албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати изјави дека „не се меша во работите на независното судство".

Прва средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ

По одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) за приговорите за изборните резултати, дел од коалициите најавија жалби до Управниот суд. 

Од 27 приговори што беа поднесени од партиите и коалиците, ДИК прифати седум, шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени се приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени, а во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Против одлуката на ДИК, како што информираа оттаму вчера, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ вчера најави дека до Управниот суд ќе ги обжали донесените одлуки за приговорите што се однесуваат за Петтата и Шестата изборна единица.

- Веќе ги алармиравме сите надлежни институции и меѓународниот фактор бидејќи имаме точни информации дека во петокот преку политички притисок им биле дадени партиски инструкции на членовите на Државната изборна комисија од нивното седиште. Нагласуваме дека овие дејствија претставуваат кривични дела и „Европскиот фронт“ ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги искористи сите демократски форми за заштита на слободниот глас на граѓаните. Во таа насока, веднаш по донесувањето на одлуката истото ќе го обжалиме и до Управниот суд, рече на прес-конференција Елми Азири од „Европски фронт“.

Азири оцени дека „донесената одлука за прегласување на некои избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица е неправедно и со надгласување како во времето на едноумието“.

Од коалицијата „Храбро за Македонија“, пак, тврдат дека „од три избирачки места им се украдени повеќе од 600 гласови во изборните единици 1, 2 и 5 и тие им се префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“. Најавија тужба до Управниот суд, како и кривична пријава против претседателот на ДИК Александар Даштевски, а не е исклучена, како што нагласија, и кривична пријава против ДИК.

Претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски изјави дека во овој изборен инженеринг е вклучена и ДИК и оти не поднеле приговори..

- Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор, рече Јакимовски.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“ ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада и се очекува денеска да ја одржат првата средба.

Од „Влен“ за МИА потврдија дека работните групи од двете партии денеска ќе ја одржат првата средба и најавија дека имињата на претставниците во работните групи ќе ги споделат преку соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во саботата ги договорија општите начела за соработка и таа ќе се базира на три постулати - евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата „Влен“ - Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата „Влен“ 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

Почнува 13. Самит „Македонија 2025“

Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

Стратешко лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигитална трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии, се темите во фокусот на годинешното дводневно издание на Самитот Македонија 2025, кој ќе се одржува од денеска во Скопје, во организација на меѓународната невладина организација „Македонија 2025“.

Најавени се над 450 учесници и над 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави.

Покрај промените што ги носи дигиталната трансформација во општествата и во водењето на бизнисите, на Самитот ќе се дискутира и за моќта и потенцијалите на вештачката интелигенција и искористување на дигиталните здравствени иновации за унапредување на медицинските услуги во Југоисточна Европа. Демократијата, слободата на говорот во ера на дигитализација исто така ќе бидат дел од темите на Самитот Македонија 2025, како и многу други теми поврзани со бизнис моделите и стратегиите за брз и успешна трансформација.

Организаторот најави дека на отворањето на Самитот Македонија 2025 ќе се обратат и претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025 и Мајкл Чкламовски претседател на Одборот на директори на организацијата. На затворањето на Самитот Македонија 2025, соопштија организаторите, ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, кој се очекува да биде и иден мандатар за составување на новата Влада.

Главна цел на Самитот Македонија 2025 е поврзување и споделување на знаења и искуства помеѓу професионалците од различни земји и области, во функција на раст. Ќе има можност за вмрежување и остварување на нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори.

-Ќе порачаме дека ние како организација сме спремни и отворени за поддршка на новата влада за постигнување на повисоки стапки на раст од 5 или 6 проценти и за начинот како да дојдеме до тоа, изјави извршната директорка Мојсовска Блажевски.

Во пресрет на Самитот, „Македонија 2025“ организираше предавања на високообразовни институции, работилници во коморите и во компаниите со совети како да растат бизнисите, како и средби со државни институции во областа на дигтализацијата, економијата и привлекување на инвестиции, како и со политичките партии.

Променливо облачно со повремен дожд и ретки грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне 18 степени.

-И во четврток времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за појава на град, краткотрајно во форма на невреме. Долж Повардарието ќе дува засилен ветер од југоисточен правец, над 60 километри на час, најави УХМР.

Според прогнозата на Управата, во петок и сабота ќе настапи преодно стабилизирање на времето со пораст на температурата.

Од недела повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и појава на невреме.

притисни ентер