Како што информира Јавното обвинителство, тројцата браќа од селото Дебреше на 23 јули 2024 година со умисла и од безобзирна одмазда лишиле од живот еден соселанец со кого имале подолготрајни недоразбирања.
На критичниот ден, најпрво настанала физичка пресметка меѓу еден од браќата и жртвата. По тепачката, осомничениот ги повикал и своите браќа, кои револтирани од домовите зеле огнено оружје – калашников и пиштол. Сите тројца со автомобил „Волво“ со швајцарски регистарски таблички се упатиле кон куќата на оштетениот.
Кога го пронашле, пукале кон него и со пиштолот и со автоматската пушка, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои жртвата веднаш починала.
По настанот, како што се наваедува, тројцата осомничени беа задржани во краткотраен 48-часовен притвор со цел да се извршат сите вештачења.
- Со поведувањето на истрагата, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничените, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците кои евентуално би било потребно да се сослушаат, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.