Неговите адвокати тврдат дека продуцентот, кој се наоѓа во затворот на островот Рикерс, добива супстандардна медицинска нега и се лекува во нехигиенски услови, пренесува АП.
Адвокатите на Вајнштајн тврдат дека затворот не обезбедува соодветна грижа за неговото влошено здравје. Продуцентот боледува од дијабетес и хронична миелоидна леукемија, а според неговиот тим живее во исклучително тешки услови. Особено го истакнаа студот и немањето чиста облека.
„За време на мојата последна посета, го најдов во крвава затворска облека, веројатно од инфузијата, која не беше испрана со недели. Не му обезбедија ни чиста долна облека - таквите услови тешко може да се наречат санитарни за лице со сериозни здравствени проблеми“, рече неговиот адвокат Имран Х. Ансари, кој условите во затворот ги спореди со гулаг.
Ансари ја обвини затворската управа за „медицинска небрежност“ и ја опиша ситуацијата како „сурова и невообичаена казна“. Тој додаде: „Занемарувањето на медицинските потреби на г-дин Вајнштајн илустрира зошто островот Рикерс е под лупа од јавноста и официјалните лица и е предмет на федерална истрага. Ние не живееме во општество каде што затворениците како г. Вајнштајн треба да бидат подложени на такви груб третман и непочитување на нивните медицински потреби“. Адвокатскиот тим на Вајнштајн бара отштета од 5 милиони долари.
Продуцентот годинава неколку пати завршуваше во болница, во април и јули. Според неговиот тим, тој се лекувал од дијабетес, висок крвен притисок, спинална стеноза, ефекти од коронавирусот и акумулација на течности во срцето и белите дробови.
Вајнштајн, кој негираше дека имал неконсензуален секс со некого, беше прогласен за виновен за силување во февруари 2020 година во случај што го поттикна движењето #MeToo.
Апелациониот суд во Њујорк ја отфрли пресудата во април, откривајќи дека Вајнштајн не добил фер судење, бидејќи судијата неправилно дозволил сведочење на луѓе за кои продуцентот не бил обвинет за напад. Тој е во затвор и чека повторно судење.