Претседателот на Финска сака да го укине правото на вето на постојаните членки на СБ на ОН

Финскиот претседател Александар Стуб повика на проширување на СБ на ОН, ставање крај на правото на вето на поединечните држави и отстранување на секоја земја-членка вклучена во „нелегална војна“ како што е руската инвазија на Украина.

Стуб посочи дека ќе се приклучи на барањата за реформи за време на Генералното собрание на ОН, каде ќе се разговара и за составот на 15-члениот Совет за безбедност. Постојаните земји членки кои имаат право на вето се пет, а останатите 10 се менуваат на ротациска основа.

Финскиот претседател во интервју за Ројтерс рече дека верува оти бројот на постојани членки треба да се зголеми на 10 и предложи да им се придружат по две земји од Африка и Азија и една од Латинска Америка.

САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија, исто така, поддржуваат две африкански земји да се приклучат на телото како постојани членки.

„Ниту една земја не треба да има право на вето во Советот за безбедност на ОН“, рече Стуб. Тој, исто така, посочи дека секој член на Советот за безбедност што учествува во нелегална војна „како што Русија во моментов води во Украина“ треба да биде протеран.

Сите промени во составот на Советот за безбедност мора да бидат одобрени од две третини од Генералното собрание, вклучувајќи ги и петте земји со право на вето./МИА

Во судир меѓу пакистанската војска и талибанците убиени шест војници и пет исламисти

 Во размената на оган меѓу пакистанските талибанци (ТТП) и војската во близина на безбедносен контролен пункт во регионот Јужен Вазиристан, загинаа шест војници и петмина исламисти, соопшти денеска пакистанската армија.

Како што се додава, војниците се обиделе и да го спречат обидот на напаѓачите да упаднат во армиските простории.

„Војниците се бореа храбро, спречувајќи ги обидите за упад“, се наведува во соопштението на военото информативно крило.

Во одделен инцидент во соседниот округ Северен Вазиристан, армијата соопшти дека убила група од седум милитанти кои се обиделе да влезат во Пакистан од Авганистан и пронашла големо складиште со муниција и експлозиви.

Властите во Исламабад тврдат дека ТТП го користи Авганистан како база и дека авганистанските талибанци и обезбедиле на ТТП безбедно засолниште за групата во близина на границата, што тие го негираа.

Пакистанската ТТП е одвоена од авганистанското талибанско движење, но е лојална на исламистичката група која владее со Авганистан по повлекувањето на меѓународните сили предводени од САД од земјата во 2021 година.

Постојаниот претставник на Пакистан во Обединетите нации, Мунир Акрам, оваа недела го предупреди Советот за безбедност дека ТТП, иако моментално се смета за закана само за Пакистан, наскоро би можела да стане „главна глобална терористичка цел“, вклучувајќи ги и групите како Ал Каеда. /МИА

Министерката Јаневска на работна средба со францускиот амбасадор Ле Риголер

Континуираната поддршка на Франција на нашето приближување кон европските образовни стандарди продолжува, а двете Влади ја продлабочуваат и досега одличната соработка. 

Ова беше нагласено на денешната работна средба на министерката за образование и наука Весна Јаневска со амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер, на која се разговараше за актуелните политики на министерството насочени кон подигнување на квалитетот на образованието.

Министерката Јаневска рече дека во тек е создавање на законска рамка за промена на лошите резултати на ПИСА и другите меѓународни тестирања како и постигнување на академски квалитет што ќе се одрази на пласманот на Шангајската листа. Информираше за процесот на оптимизација на училишната мрежа, за воведувањето едносменска настава и подолг престој на учениците во училиште, како и за изработката на нови наставни програми и учебници во основното и во средното образование.

Соговорниците посочија дека заеднички интерес е унапредувањето на квалитетот на билингвалната настава во франкофонски двојазични паралелки во средните училишта во државава, како и зајакнување на наставата по француски јазик во основните и средните училишта.

Министерство за образование и наука

Фон дер Лајен: ЕУ е тука да му помогне на украинскиот народ во справувањето со предизвиците

Таа потсети дека ЕУ вчера заедно со Меѓународната агенција за енергија, промовираше „Зимски план за Украина“.

Денеска сум овде за да му пренесам на народот на Украина дека Европската Унија е тука да му помогне во овие предизвикувачки времиња во пресрет на зимата, за да може да запали светло и да се згрее и да ја одржи својата економија, додека во исто време се бори за својот опстанок, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Киев.

- Зимата се приближува, а Русија продолжува да ја таргетира вашата цивилна енергетска инфраструктура на бесрамен и злобен начин за да се обиде да ја втурне вашата земја во темнина. И можев да видам утрово, кога посетив една од вашите непобедливи позиции, колку Украинците се решени да се погрижат тоа да не се случи, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Таа потсети дека ЕУ вчера заедно со Меѓународната агенција за енергија, промовираше „Зимски план за Украина, со кој меѓу останатото се предвидува поправка на енергетската инфраструктура оштетена при руските напади, поврзување на земјата со европската електрична мрежа и обезбедување услови за постојан проток на струја низ државата.

Фон дер Лајен нагласи дека за реализација на овие приоритетите за поддршка на украинската енергетската инфраструктура се обезбедени финансиска поддршка и донации во натура од земјите членки на Унијата во вредност од две милијарди евра.

- И ќе има уште. Вчера го објавив пакетот за поддршка од 160 милиони евра, за поправки и обезбедување итна зимска опрема. Дел од овие пари доаѓаат од приходите на руските замрзнати средства во Европската Унија. И токму тоа треба да го направиме со нив, треба да ја натераме Русија да плати за штетите што го предизвика, порача претседателката на ЕК.

Таа додаде и дека за задоволување на огромните финансиски потреби на Украина предизвикани од војната, ЕУ од самиот почеток на руската инвазија на земјата и додели помош од над 118 милијарди евра.

- Но, немилосрдните напади на Русија значат дека е неопходна дополнителна поддршка. Затоа, со задоволство можам да објавам дека денеска Комисијата усвои предлози кои ќе и овозможат на ЕУ да позајми 35 милијарди евра. Ова е огромен чекор напред. Сега сме уверени дека можеме многу брзо да и го испорачаме овој заем на Украина, поддржан од неочекуваните приходи од замрзнатите руски средства, рече Фон дер Лајен.

Таа говореше и за потребите на украинската армија и одбранбена индустрија, потсетувајќи дека ЕУ веќе започна со префрлање на средства од приходите од замрзнатите руски средства во Унијата за потребите на вооружените сили на Украина, при што веќе се префрлани првите 1,4 милијарди евра за нарачки за оружје и опрема преку Европскиот мировен фонд.

- Ова ја прави Европа број еден јавен инвеститор во вашиот одбранбен сектор, додаде претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен се осврна и на европската перспектива на Украина, нагласувајќи дека членството на земјата во ЕУ ќе биде еден од приоритетите на новата Европска комисија во следните пет години.

- На крајот на јуни, пред помалку од три месеци, Украина направи огромен чекор напред со првата Меѓувладина конференција. Ова беше доказ за големите чекори што Украина ги направи во однос на нејзините реформи поврзани со ЕУ, додека се бори против руската агресија, рече Фон дер Лајен.

Според неа, следна цел во тој правец е во договор со земјите членки, ЕК што поскоро да ги започне преговорите за членство со Украина по кластерот „Основани вредности“.

- Додека, за жал, се приближуваме до 1.000 дена од руската агресија, ние стравуваме за опстојувањето на храброста на Украина. Можеме само да се обидеме да ја поттикнеме со нашето трајно пријателство и солидарност, како и со изгледите за мирна иднина на Украина во Европската унија. Слава Украини, додаде Фон дер Лајен.

Зеленски од своја страна се заблагодари се сета досегашна поддршка од ЕУ за Украина, додавајќи дека таа е особено важна за одржување на енергетската инфраструктура која е изложена на секојдневни руски напади и бомбардирања.

- За нас Украинците поддршката за Украина е прашање на принцип што треба да обезбеди сигурност и долгорочен мир. Колку поддршката е поголема, толку побрзо ќе биде возобновена безбедноста во Украина, рече Зеленски.

Тој нагласи дека за Украина од клучна важност е да се спречат блокадите при обезбедувањето поддршка за украинските одбранбени сили преку Европскиот мировен фонд и преку Украинскиот механизам, бидејќи тие блокади влијаат врз способноста на земјата да се одбрани себе си и својот народ и врз нејзините позиции на линијата на фронтот.

Според него, одлуката на ЕУ за користење на средствата од приходите од замрзнатите руски средства е праведна и со тоа ќе се помогне во стопирањето на агресијата од страна на Русија.

Фон дер Лајен утрово допатува во посета на Киев. Пред билатералната средба со Зеленски, таа ја посети украинската Државна служба за вонредни состојби и им оддаде почит на жртвите на руската агресија. /МИА

притисни ентер