Фон дер Лајен: ЕУ е тука да му помогне на украинскиот народ во справувањето со предизвиците

Таа потсети дека ЕУ вчера заедно со Меѓународната агенција за енергија, промовираше „Зимски план за Украина“.

Денеска сум овде за да му пренесам на народот на Украина дека Европската Унија е тука да му помогне во овие предизвикувачки времиња во пресрет на зимата, за да може да запали светло и да се згрее и да ја одржи својата економија, додека во исто време се бори за својот опстанок, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Киев.

- Зимата се приближува, а Русија продолжува да ја таргетира вашата цивилна енергетска инфраструктура на бесрамен и злобен начин за да се обиде да ја втурне вашата земја во темнина. И можев да видам утрово, кога посетив една од вашите непобедливи позиции, колку Украинците се решени да се погрижат тоа да не се случи, изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Таа потсети дека ЕУ вчера заедно со Меѓународната агенција за енергија, промовираше „Зимски план за Украина, со кој меѓу останатото се предвидува поправка на енергетската инфраструктура оштетена при руските напади, поврзување на земјата со европската електрична мрежа и обезбедување услови за постојан проток на струја низ државата.

Фон дер Лајен нагласи дека за реализација на овие приоритетите за поддршка на украинската енергетската инфраструктура се обезбедени финансиска поддршка и донации во натура од земјите членки на Унијата во вредност од две милијарди евра.

- И ќе има уште. Вчера го објавив пакетот за поддршка од 160 милиони евра, за поправки и обезбедување итна зимска опрема. Дел од овие пари доаѓаат од приходите на руските замрзнати средства во Европската Унија. И токму тоа треба да го направиме со нив, треба да ја натераме Русија да плати за штетите што го предизвика, порача претседателката на ЕК.

Таа додаде и дека за задоволување на огромните финансиски потреби на Украина предизвикани од војната, ЕУ од самиот почеток на руската инвазија на земјата и додели помош од над 118 милијарди евра.

- Но, немилосрдните напади на Русија значат дека е неопходна дополнителна поддршка. Затоа, со задоволство можам да објавам дека денеска Комисијата усвои предлози кои ќе и овозможат на ЕУ да позајми 35 милијарди евра. Ова е огромен чекор напред. Сега сме уверени дека можеме многу брзо да и го испорачаме овој заем на Украина, поддржан од неочекуваните приходи од замрзнатите руски средства, рече Фон дер Лајен.

Таа говореше и за потребите на украинската армија и одбранбена индустрија, потсетувајќи дека ЕУ веќе започна со префрлање на средства од приходите од замрзнатите руски средства во Унијата за потребите на вооружените сили на Украина, при што веќе се префрлани првите 1,4 милијарди евра за нарачки за оружје и опрема преку Европскиот мировен фонд.

- Ова ја прави Европа број еден јавен инвеститор во вашиот одбранбен сектор, додаде претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен се осврна и на европската перспектива на Украина, нагласувајќи дека членството на земјата во ЕУ ќе биде еден од приоритетите на новата Европска комисија во следните пет години.

- На крајот на јуни, пред помалку од три месеци, Украина направи огромен чекор напред со првата Меѓувладина конференција. Ова беше доказ за големите чекори што Украина ги направи во однос на нејзините реформи поврзани со ЕУ, додека се бори против руската агресија, рече Фон дер Лајен.

Според неа, следна цел во тој правец е во договор со земјите членки, ЕК што поскоро да ги започне преговорите за членство со Украина по кластерот „Основани вредности“.

- Додека, за жал, се приближуваме до 1.000 дена од руската агресија, ние стравуваме за опстојувањето на храброста на Украина. Можеме само да се обидеме да ја поттикнеме со нашето трајно пријателство и солидарност, како и со изгледите за мирна иднина на Украина во Европската унија. Слава Украини, додаде Фон дер Лајен.

Зеленски од своја страна се заблагодари се сета досегашна поддршка од ЕУ за Украина, додавајќи дека таа е особено важна за одржување на енергетската инфраструктура која е изложена на секојдневни руски напади и бомбардирања.

- За нас Украинците поддршката за Украина е прашање на принцип што треба да обезбеди сигурност и долгорочен мир. Колку поддршката е поголема, толку побрзо ќе биде возобновена безбедноста во Украина, рече Зеленски.

Тој нагласи дека за Украина од клучна важност е да се спречат блокадите при обезбедувањето поддршка за украинските одбранбени сили преку Европскиот мировен фонд и преку Украинскиот механизам, бидејќи тие блокади влијаат врз способноста на земјата да се одбрани себе си и својот народ и врз нејзините позиции на линијата на фронтот.

Според него, одлуката на ЕУ за користење на средствата од приходите од замрзнатите руски средства е праведна и со тоа ќе се помогне во стопирањето на агресијата од страна на Русија.

Фон дер Лајен утрово допатува во посета на Киев. Пред билатералната средба со Зеленски, таа ја посети украинската Државна служба за вонредни состојби и им оддаде почит на жртвите на руската агресија. /МИА

Николоски на бројни средби со министри за транспорт на ЕУ

Македонија ја внесуваме во силен инвестициски циклус во изградба и модернизација на инфраструктурата – министерот Николоски на бројни средби со министри за транспорт на ЕУ ја презентираше инвестициската програма на Владата.

Влегуваме во силен инвестициски циклус во изградба и модернизација на патната и железничката мрежа во Македонија преку која ќе изградиме квалитетни транспортни мрежи во регионот и ќе допринесеме за побрза интеграција со Европската Унија, е ставот на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска го пренесе на средби со министри за транспорт од земји на Европската Унија, средби со колегите министри од земјите на Западен Балкан како и со претставници од различни институции на Унијата во рамки на дводневниот состанок на министри за транспорт на ЕУ што се оддржува во Унгарија.

Министерот Николоски ја потенцира важноста на поддршка на земјите од Европската Унија за спроведување на овие проекти и како што нагласи, нивната реализација ќе значи економски развој и подобра комуникација за сите земји од регионот.

Во одвоени средби со министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија Јанош Лазар, со заменик претседателката на Владата и министерка за инфраструктура на Албанија, Белинда Балоку како и претседателот на Заедницата на европски железници Алберто Мацола, информираше дека Македонија ги засилува инвестициите во изградба и модернизација на европските транспортни коридори 8 и 10, поврзувајќи ја оската Исток-Запад, како и брзо поврзување со југ со Атина и на север со земјите од Централна Европа.

Тој ги потенцираше силните заложби на македонската влада за изградба на модерни автопати на западниот дел на коридор 8 кои треба да обезбедат квалитетно регионално поврзување, притоа нагласувајќи дека до крај на оваа година источниот дел од овој коридор ќе биде завршен.

Во однос на железничкото поврзување приоритет е изградба на двоколосечна брза пруга на Коридор 10, проект кој ќе даде дополнителна вредност на целокупната економија во регионот. Во однос на пругата на коридор 8, тој нагласи дека Македонија не се откажува од идејата за квалитетно железничко поврзување со Бугарија.

Изградбата на брза пруга на Коридор 10 како и квалитетно патно и железничко поврзување со Албанија и Бугарија се проекти кои ќе донесат големи придобивки за сите земји од регионот и ќе овозможат сигурен и брз транспорт на производи и патници. Затоа мора заеднички да настапиме со добри развојни програми и планови и да побараме силна поддршка од нашите партнери од Европа, истакна министерот за транспорт Александар Николоски.

Тој исто така информираше дека Македонија започна и со модернизација на неколку гранични премини како дел од проектот за олеснување на трговијата и транспортот меѓу земјите од Западен Блакан.

Состанокот на министри на земјите од Европската унија е одлична можност да ги презентираме нашите планови и активности за развој и модернизација на инфраструктурата во Македонија и да дадеме сериозен придонес за регионалниот развој и интеграцијата на цел регион, посочи министерот Николоски по средбите.

На средбите тој ја истакна цврстата заложба на Владата за остварување на зацртаните цели на земјата кои се однесуваат на пристапниот процес за членство во Европската Унија.

Со почит

Министерство за транспорт

Поројните дождови предизвикаа катастофални поплави во Нигерија, Нигер, Чад и Мали

Поројните дождови во централна и западна Африка ги предизвикаа најкатастрофалните поплави во последните децении. 

Поплавите, во кои оваа година загинаа повеќе од 1.000 луѓе, а стотици илјади беа принудени да ги напуштат своите домови ширум регионот, ги влошија веќе постоечките хуманитарни кризи во најтешко погодените земји: Чад, Нигерија, Мали и Нигер.

Според ОН, повеќе од четири милиони луѓе се погодени од поплавите во Западна Африка, што е три пати повеќе од минатата година.

Како што продолжуваат спасувачките операции, точниот биланс на загинати се уште е нејасен. Според последните податоци, најмалку 230 луѓе загинале во Нигерија, 265 во Нигер, 487 во Чад и 55 во Мали, каде што се забележани најкатастрофалните поплави од 1960-тите.

Локалните власти во нигериската држава Борно се презафатени од размерите на катастрофата - според ОН, повеќе од 600.000 луѓе во државата се раселени, најмалку 100 загинале, а 58 се повредени.

Минатата недела во поплавите настрадаа околу 80 отсто од животните во зоолошкиот парк во државата Борно. Главниот затвор во престолнината Мајдугури бил толку оштетен од надојдените води што стотици затвореници успеале да побегнат. Водата ги урнала ѕидовите на локалната полициска станица и некои владини канцеларии.

Спасувачките операции траат веќе десетина дена, а состојбата во некои делови од градот веќе е нормализирана со повлекување на водата./МИА

Тошковски: Се надевам дека ќе нема настани кои ќе подгреваат тензии

МВР ќе ги преземе сите потребни мерки  со цел  граѓаните да бидат безбедни, а службите ги имаат потребните капацитети да делуват во насока соодветна согласно надлежности.

Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во одговор на новинарско прашање дали има уште информации за можни немири.

- Она кое што беше во изминатиот период информација а се слеваше преку безбедносните служби, до мене лично и до премиерот., говореше во насока на тоа дека ќе постојат обиди каков што беше примерот со оној не сакан настан којшто го имавме во рамки на општина Гостивар. Тоа како настан е да речеме дека се случи, се надевам дека во иднина нема повеќе да имаме настани кои што ќе подгреваат било како меѓуетнички или меѓу верски, или било какви други тензии. Но доколку ги има соодветно ќе одговориме, рече Тошковски.

Прашан зошто бил разрешен полицискиот началник Наим Рамука од Регионален центар Север, Тошковски одговори дека е поради поведена дисциплинска постапка поврзана со настанот со претседателот на Собранието.

-Секој еден во рамки на министерството кој што презема одредени дејствија треба да ги преземе, особено дејствијата кои ги презема во рамки на службата, односно во рамки на постапувањето согласно закон и подзаконски акти за интерес за граѓаните да ги преземат овие согласности согласно закон и согласно подзаконскиот акти.

Онаму каде што ќе биде утврдена повреда, особено за време на вршење на работа ќе биде соодветно постепено. Никако не е постапено поинаку барем за изминатиот период додека јас не одам со Министерството, потенцираше Тошковски.

На новинарско барање за коментар за наводите на СДСМ преку прес-конференција за ослободување на телохранител на премиерот Христијан Мицкоски од одговорност и негово унапредување, Тошковски рече дека лицето било суспендирано од работа и била поведена постапка, а надлежниот јавен обвинител во конкретниот предмет утврдил дека полициски службеник треба да се ослободи од одговорност. - Актот е доставен во рамки на дисциплинската постапка која што е водена во Министерството за внатрешни работи и од страна на дисциплинската комисија е утврдено дека за предметното службено лице не постојат услови за да биде санкциониран во рамки на дисциплинската постапка која што е спроведена во министерството. Тоа значи дека откако е завршена постапката во рамки на јавното обвинителство, на начин кој што е завршена е завршена и постапката во рамки на Министерството за внатрешни работи, рече Тошковски.

Апеираше до опозицијата и сите останати, како што рече, да не ја манипулираат јавноста за случаите поврзани со МВР.

притисни ентер