Препораки од Агенцијата за пошти за безбедно онлајн купување и сигурна достава

Настанатата ситуација со кризата со коронавирусот придонесува со забрзан чекор да се поттикне електронската трговија и во нашата држава, па во таа насока и да се зголеми бројот на онлајн нарачките и тоа со достава до врата.

Доколку се најдете во улога на купувач преку телефони, компјутер, таблети,… пред да започнете со процесот на е-купување, Агенцијата за пошти (АП) препорачува задолжително да се направи проверка на онлајн продавницата од која сакате да пазарите. Ова, како што истакнува АП, е неопходно да се направи бидејќи на електронскиот пазар постојат и лажни електронски продавници.

Како што укажува Агенцијата за пошти, не секој поединец или фирма, што се претставуваат дека се онлајн продавници се веродостојни продавници. Ова, посочува регулаторното тело во поштенскиот сообраќај, можеме да го забележиме најчесто на социјалните мрежи. Знаеме дека секој поединец може брзо и едноставно да креира лажен профил на некои од социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм итн.) и да нуди продажба на производи и со помош на курирска достава да ги доставува до вратата на купувачот. Според сознанијата на Агенцијата за пошти, на ваквите е-продавници најчесто се нудат текстил, обувки, електронски апарати, козметички и хигиенски производи, како и детски играчки.

АП советува и дека веб-продавниците кои се рекламираат дека вршат продажба на различни производи и услуги, исто така, треба да се проверат дали навистина постојат како официјално регистрирани трговци (во Централниот регистар на Република Македонија или Управата за јавни приходи). За да се поедностави процесот доволно е да се побараат информации за компанијата која стои зад електронската продавница, односно адреса на компанијата и евентуална локација, контактни податоци – како телефонски број, активна е-адреса и сл.

Друг начин за проверка за сигурноста на е-продавниците е поседувањето дигитален сертификат, односно дали во пребарувачот на почетокот од лентата за линкот постои зелен катанец, кој означува дека конекцијата е безбедна. Со кликањето на катанчето може да се провери кој го издал сертификатот и кој одговара за неговата валидност.

Исто така, советува Агенцијата за пошти, при проверка на валидноста на е-продавниците треба да се внимава и на сомнителни „скокачки прозорци", односно дали се наоѓате на истата веб-страница од каде што излегол прозорецот и да се обрне внимание на рекламните банери, кои пренасочуваат на друга веб-страница или, пак, на страници кои имитираат други со цел да соберат лични податоци и приватни информации. Ваквите страници може да се препознаат според доменот (=domain) на веб-страницата во лентата за линк, односно при секое пренасочување да се внимава дали се сменил доменот или истиот е сомнителен.

– Електронските продавници кои имаат визуелно добро организирани веб-страници нудат информации за своите потрошувачи од типот на информации за производите што ги нудат, услови за користење, политика на приватност, помош при купување, начин на плаќање, услови за испорака, рекламации и сл. Начинот на плаќање за одбраниот производ или услуга најчесто се врши со помош на платежни картички или со готовина, што е избор на купувачот. Плаќањето преку платежни картички се врши со внесување на податоците од картичката и тие не се зачувуваат ниту, пак, се пренесуваат преку серверот на е-продавницата. Најчесто секоја направена трансакција подлежи на авторизација – период во кој износот на трансакцијата е резервиран, но не и повлечен од картичката, заради дополнителна потврда на достапноста на нарачаниот производ. Трансакциите се процесираат преку платежниот процесинг-систем на банката која е сертифицирана за процесирање трансакции. Во моментот кога се врши плаќањето и се внесуваат податоците, тие се процесираат преку безбедносниот протокол на банката и тие податоци не се видливи за е-продавницата, објаснува Агенцијата за пошти.

Следен чекор, дополнува, е доставувањето на производот до адресата на купувачот. Оваа активност им е доделена на лиценцираните поштенски оператори. Тие го преземаат производот од испраќачот (од е-продавницата) којшто е соодветно обликуван во пратка и издаваат адресница со единствен бар-код, т. е. број на пратката и на неа се впишуваат податоците за испраќачот и за примачот (име, презиме, адреса, телефонски број, количина, вид на пратката, датум на прием и датум на доставување на пратката итн.). Откако во однапред определено време пратката ќе биде доставена, односно врачена на примачот, тој го потврдува својот идентитет и во адресницата своерачно потпишува за приемот на пратката. На овој начин доставата на пратката е уредно извршена и од тој момент пратката е во сопственост на примачот (купувачот).

Како што објансува АП, плаќањето во готовина претставува активност која е составена од поштенска и финансиска услуга. Поштенската услуга го опфаќа делот во кој поштенскиот оператор го презема одбраниот производ од испраќачот (е-продавницата) и како пратка со откупнина ја доставува на адресата на примачот (купувачот). Откако примачот ќе се легитимира, доставувачот му ја врачува пратката и за неа од примачот добива готовина – паричен износ кој е впишан во адресницата од страна на испраќачот. Наведениот износ претходно е договорен помеѓу испраќачот и примачот и треба да биде вратен назад на испраќачот.

– Без разлика кој начин на плаќање ќе го одбере купувачот, по приемот, во случај содржината на пратката да не соодветствува со производот/производите што се нарачани, одговорноста паѓа на страната на продавачот, т. е. на е-продавницата, нагласува Агенцијата за пошти.

Ова регулаторно тело во повеќе наврати им укажува на купувачите – примачи на пратки, дека купување од непроверени профили на социјалните мрежи претставува голем ризик и дека поштенските оператори не одговараат за содржината на пратката. Поштенските оператори можат да преземат одговорност само за губење или целосно оштетување на пратката, за делумно оштетување или нејзино ограбување или, пак, за пречекорување на рокот за достава.

Агенцијата за пошти истакнува дека ги поддржува е-трговијата и онлајн нарачките и ги охрабрува потрошувачите да имаат доверба во македонските е-продавниции да купуваат од нив бидејќи домашната понуда е зголемена и успева да ги задоволи потребите на купувачите кои се одлучуваат за електронско пазарење. Со ваквиот чекор, како што потенцира, ќе придонесеме и за развој на домашната економија. /МИА

ОЕЦД ја зголеми прогнозата за светскиот раст за 2024 година

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) денеска ги зголеми прогнозите за светскиот економски раст во 2024 година, особено благодарение на динамиката на закрепнување во САД.

Денеска ОЕЦД ја зголеми прогнозата за глобалниот раст во 2024 година на 3,1 отсто, додека според последната економска прогноза на организацијата од февруари таа изнесува 2,9 отсто.

„Внимателниот оптимизам почна да ја освојува глобалната економија“, се вели во кварталниот извештај на ОЕЦД, кој сепак укажува на големи разлики меѓу земјите.

За САД има зголемување на прогнозата за раст на 2,6 отсто во 2024 година, во споредба со претходно прогнозираните 2,1 отсто.

Прогнозата за еврозоната е благо зголемена, на 0,7 отсто, наспроти претходно очекуваните 0,6 отсто. /МИА

Пет екипи од Германија ќе играат во следната сезона од Лигата на шампионите

Пет екипи од германскиот шампионат ќе учествуваат во групната фаза од фудбалската Лига на шампионите за сезоната 2024/25.

Ова стана возможно откако Борусија Дортмунд го победи ПСЖ (1:0) во првиот полуфинален натпревар и и донесе дополнителни бодови на Германија на табелата со коефициенти на УЕФА.

Претходно се дозна дека пет италијански екипи ќе учествуваат во следната сезона од Лигата на шампионите.

Во моментов, првите пет во Бундеслигата се Баер Леверкузен, Баерн Минхен, Штутгарт, Лајпциг и Борусија Дортмунд. /МИА

Барозо: Не се потребни фиксни датуми за проширувањето на ЕУ, туку постепена интеграција

Одредувањето на фиксни датуми за следното проширување на ЕУ не е најдобра идеја, но Унијата треба да работи на постепена интеграција на земјите кандидати за членство, смета поранешниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. 

Коментирајќи ја најавата на актуелниот претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дадена минатата година во Блед дека следното проширување на ЕУ ќе се случи во 2030 година, Барозо вели дека тој лично не се залага за поставување дефинитивни датуми за овој процес, бидејќи тоа „би можело да создаде разочарување“.

- Сега времето е особено важно, посебно поради Украина, бидејќи реалноста е дека не е реално да се има земја во ЕУ која е во воена состојба, вели Барозо во интервју за „Еурактив“.

Затоа тој вели дека ја поддржува идејата промовирана од актуелната Европска комисија и некои земји членки на ЕУ за постепена интеграција на кандидати за членство, на тој начин што ќе им се дозволи да учествуваат на некои од состаноците на Советите на Унијата, во нејзините програми и во самите институционални структури на блокот.

- Затоа што тоа ќе биде тежок и веројатно долг процес, треба да започнеме што порано да ги интегрираме како што правевме порано, смета Барозо, кој беше претседател на Еврокомисијата од ноември 2004 до октомври 2014 година.

Во врска со аргументот против приемот на нови земји во ЕУ дека со тоа би се зголемиле трошоците на актуелните членки, Барозо вели дека оставањето на аспирантите за членство надвор од блокот „секако ќе чини повеќе отколку да се инвестира во проширувањето“.

- Дали сме подготвени да платиме за идната нестабилност, охрабрени од можниот успех на Русија во Украина? Дали ќе чини помалку? Прашањето на трошоците треба да се гледа стратешки, а не само на краткорочен сметководствен начин, вели Барозо, додавајќи дека при претходните проширувања проценката била дека предностите од примерот на нови членки, не само политички, туку и економски, се поголеми од трошоците.

Затоа, според него, ЕУ треба да инвестира во проширувањето од сите гледни точки.

- Понекогаш не се работи само за пари, туку и за внимание, за присуство и за давање совети, а тоа бара нешто повеќе од она што го гледавме досега. Со сета почит кон нив, но тоа не може да го направат само Генералниот директорат (за соседство и преговори за проширување) и ресорниот комесар, треба да се вклучат европските општества како целина, смета Барозо.

Врз основа на искуствата од приемот на нови членки во Унијата во текот на неговите два мандати на чело на Еврокомисијата, Барозо вели дека процесите на проширување и на зајакнато интегрирање на ЕУ може да се одвиваат паралелно.

- Тогаш беше научена многу важна лекција дека е можно (ЕУ) и да се прошири и повеќе да се интегрира во исто време. Секогаш имаше такви кои велеа - повеќе проширување значи помалку интегрирање. Тоа е целосно неточно, истакнува Барозо.

Неколку месеци пред доаѓањето на Барозо на чело на Еврокомисијата, беше спроведено т.н. големо проширување од 1 мај 2004 година, кога во ЕУ беа примени 10 нови членки - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка со што Унијата се зголеми од 15 на 25 членки, а потоа во текот на неговиот мандат се случија и проширувањата со Бугарија и Романија во 2008 година и со Хрватска во 2013 година.

- Тоа беше историски невиден успех на ЕУ, со што се покажа и трансформативниот капацитет на блокот, оцени Барозо, додавајќи дека Европа „не треба да ја изгуби перспективата на она што се случи тогаш“.

Тој смета дека најавата на Комисијата формирана во 2014 година по истекот на неговиот втор мандат дека „нема да има ново проширување во следните пет години“, претставувало „огромна грешка“.

- Тоа создаде разочарување, фрустрација, па дури и незадоволство и ја игнорираше чувствителноста на тие земји и тие луѓе, истакна Барозо.

Поранешниот претседател на ЕК нагласува дека искуствата научени од претходните проширувања се дека ЕУ треба да избегне опстојување на „сиви зони на нестабилност“ во нејзиното соседство, но и да не дозволи отстапување од своите стандарди.

Барозо признава дека „постојат проблеми со владеењето на правото“ во некои од земјите кои станаа членки на ЕУ во овој век, но според него „сега им е многу подобро отколку пред да влезат во Европската Унија, кога беа под комунистичка власт.

Според Барозо, по овие проширувања со текот на годините за време на неговите мандати ЕУ постигнала поголем напредок во подлабоката интеграција и повисоко ниво на соработка меѓу 27-те земји членки, особено во надворешната политика, отколку во случајот кога Унијата броела 12 членки до средината на 90-те години на минатиот век.

Во однос на дебата за реформи на ЕУ пред следното проширување со цел таа да може да функционира со „потенцијално 36 членки“, Барозо смета дека би претставувало уште една „огромна грешка“ ако сега започне фундаментална ревизија на институциите на Унијата поради проширувањето.

Тој нагласува дека не го велам ова за да го одбранам Лисабонскиот договор, за кој тој преговараше, туку затоа што за негова промен е потребен консензус на сите земји членки, па ако во во процесот на реформи на ЕУ почнат да се воведуваме други прашања, како на пример проширувањето, може само да се зголемат изговорите за различни спротивставувања.

- Ќе има луѓе кои ќе сакаат да го блокираат проширувањето, па ќе користат институционални аргументи. Ќе има луѓе кои ќе сакаат да ги блокираат институционалните реформи, па ќе го користат проширувањето. Не треба да ги мешаме проблемите, смета Барозо.

Затоа, според него, Унијата треба да „избегне премногу амбициозни реформи“ и да се посвети само да ги спроведе оние кои се „строго неопходни за проширувањето“. - Бев претседател на Комисија со 28 членови и сите студии и сите мислења покажаа дека нашата Комисија ги носеше одлуките поефективно и побрзо од претходните помалобројни комисии, изјави Барозо. /МИА

притисни ентер