Повреденото момче е во стабилна состојба, МВР го истражува случајот

19 годишник од скопската населба Чаир е повреден откако во него било пукано од возило. 

Пукањето се случило синоќа на крстосницата на улиците „Џон Кенеди” и „Цветан Димов”. Додека монмчето пеш се движело, од возило пасат излегло лице и пукало кон него неколку пати по што заминал од местото. Со четири прострелни рани бил пренесен во градската општа болница „Наум Охридски“ од каде велат дека велат дека е во стабилна здравствена состојба. Пред полицијата го идентификувал лицето кое пукало кон него, од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот.

-На 05.10.2024 околу 20.20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. „Цветан Димов“ во Скопје имало повредено лице од огнено оружје, кое било пренесено во ГОБ „Св.Наум Охридски“ во Скопје за укажување помош. Утврдено е дека повреденото лице е А.Б. (19) од Скопје, кој во службен разговор со полициските службеници појаснил дека додека се движел пеш по ул. „Цветан Димов“, од возило излегол Б.Б. и пукал кон него со пиштол неколку пати. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. – Гоце Андреевски – Портпарол на МВР

Кои се причините за пукањето истражува и обвинителството. Според неофицијални информации станува збор за нерасчистени должнички односи.

Случајот предизвика и партиски реакции и меѓусебни обвинувања. Од СДСМ тврдат дека безбедноста на улиците е алармантно влошена, бараат оставка од министерот за внатрешни Панче Тошковски бидејќи како што велат, едвај еден од инцидентите и убиствата бил расчистен.

-Ова е втор пат за 1 месец млад човек да биде жртва, во септември исто така од пукање беше повредено уште едно младо момче. Состојбата со безбедноста на улиците е алармантно влошена. Тоа е учинокот на Владата на Мицкоски во изминатите 100 дена. Со Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок се случува хаос. Неказнивоста и неефикасноста на МВР е празник за криминалците кои немаат страв од Тошковски и прават што сакаат. – Богданка Кузеска – Портпарол на СДСМ

Одговори и министерот Тошковски според кој ова е било очаен обид на социјалдемократите да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос.

-Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства, вели Тошковски.

Во израелски напад врз џамија и училиште во Газа загинаа 24 лица, а 93 се ранети

Палестинските здравствени власти соопштија дека уште најмалку 20 лица загинале синоќа во северниот дел на Газа, откако израелската армија за првпат испрати тенкови во област.

Во утринскиот израелски напад врз централниот дел на Појасот Газа, во кој беа погодени џамија и училиште, во кои имало засолнети раселените цивили, загинаа 24 лица, а 93 се ранети, соопшти канцеларијата за медиуми на администрацијата на Хамас во Појасот Газа.

Палестинските здравствени власти соопштија дека уште најмалку 20 лица загинале синоќа во северниот дел на Газа, откако израелската армија за првпат испрати тенкови во областа, повикувајќи ги жителите да се засолнат во таканаречените безбедни зони на југот од енклавата, пренесуваат британските медиуми.

Израелската војска (ИДФ) соопшти дека извршила „прецизни напади против терористите на Хамас“ кои дејствувале во командните и контролните центри лоцирани во училиштето Ибн Рушд и џамијата Шухада ал Акса во областа Деир ал Балах, во централна Газа.

Се наведува дека целта бил команден и контролен центар на Хамас, но палестинската милитантна група ги отфрла израелските обвинувања дека користи цивилни објекти како училишта, болници и џамии за воени цели./MИА

Мицкоски објави мега мерка: Ваучери за таблети за сите студенти во вредност од 250 евра

Тој смета дека на овој начин се создаваат услови за младите да можат да делуваат, да учат, создаваат, и да стекнуваат вештини кои подоцна ќе бидат применети за иднината и за Македонија.

Обзнанувам дека Владата ќе поддржи во наредните месец дена, преку јасни критериуми и јасен систем, ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди, за сите, повторувам за сите студенти во државава, за сите до еден, вели Христијан Мицкоски во текот на своето обраќање по повод 33 Годишна Конференција на Унијата на млади сили што се одржа во Охрид.

Тој смета дека на овој начин се создаваат услови за младите да можат да делуваат, да учат, создаваат, и да стекнуваат вештини кои подоцна ќе бидат применети за иднината и за Македонија.

,,Младите се сила, иднина и нашата надеж, но сето тоа е бесполезно ако ние не им создадеме услови”, дециден е Мицкоски.

Според него со оваа мерка сите студенти ќе имаат пристап до електронски уреди со што ќе можат да го следат светот на дланка и да се градат како личности што не било случај во минатото за најголемиот дел од младите.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер

Попов: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има стратегија, и проекти кои нудат перспективи

После 7 години понижувања, порази и бесперспективност, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има стратегија, и проекти кои нудат перспективи, иднина, промени, реформи и услови за развој и просперитет на секој млад човек во државата

Почитуван претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Премиер на Република Македонија, Проф.Д-р Христијан Мицкоски,

Почитуван генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски,

Почитувани членови на Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани министри, пратеници, градоначалници, добредојдеовте на оваа 33-та годишна конференција на најмоќниот политички подмладок во Македонија, УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Кој би рекол дека само 100 дена можат да значат повеќе од 7 години, дека апатијата може да се замени со проактивност и надеж, дека власта може првенствено да служи на општото добро, пред личните интереси на поединци. Кој би рекол дека е можна трансформација на општеството обземено не само од добро познатите поими криминал и корупција, туку и голема безнадежност. После 7 години понижувања, порази и бесперспективност, го направивме токму тоа. Македонија конечно доби влада која се грижи за секој еден млад, која нуди надеж и перспективи, влада која нуди можности, визија и светла иднина за секој еден од нас.

Ми претставува огромна чест, што оваа 33-та годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа токму во периодот кога одбележуваме 100 дена од новата влада. Момент, кој ни дава можност да се потсетиме на сите премрежја низ кои поминавме во последниве години, за руинираниот систем кој го наследивме, но и позитивните практики кои ја враќаат надежта кај младите луѓе во Македонија.

Свесни сме дека наследивме опустошена држава – држава чии лидери го продаваа сопствениот идентитет, држава без пари, буџет потрошен за личен бенефит, политики кои не понудија стратегија и решенија за најголемите проблеми со кои се соочуваа младите луѓе. Недостасуваа над 600 милиони денари за студентските оброци и стипендии, студентските домови беа во мизерни услови, а се повеќе и повеќе наши пријатели својата иднина ја гледаа надвор од Македонија. Но и покрај сите овие кочници, проблеми и предизвици, ние никогаш не се обесхрабривме и никогаш не дозволивме младите во Македонија да признаат пораз. Наместо очај и дефетизам, понудивме одлучност, визија, јасна цел и конкретни решенија и политики кои повторно ќе ги вреднуваат трудот и желбата на младиот човек за подобро утре.

Токму во таа насока е и слоганот на оваа 33-та годишна конференција – Иднина за сите, иднина СЕГА! Иднина за сите и сега бидејќи ни беше доста од демагогија и празни ветувања за иднината, од охрабрувачки пораки дека нашето време некогаш ќе дојде, скроени од оние кои се плашеа од нашата енергија, решителност и одлучност да создадеме подобро утре. Токму тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ поинакво од сите политички гарнитури во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која ја препозна енергијата и потенцијалите на младите луѓе и од првиот ден кога влеговме во битката за враќање на државата во свои раце, најголемиот товар и клучната улога беше доверена на нас младите. Уште од првиот ден од освојувањето на власта, фокусот на новите политики беше ставен на младите – подобрување на условите во студентските домови и на факултетите, грижа за младите лекари и специјализанти, создавање услови за целосна реализација на потенцијалите на младите претприемачи, професионалци, научници, како и ред други мерки кои се креираат во насока на подобрување на нашето секојдневие.

Велат дека една ластовичка не ја носи пролетта, но ние сме посветени да докажеме дека навидум малите чекори во првите 100 дена, можат да ја донесат посакуваната и подобра иднина. Ако во 100 дена успеавме да покажеме решителност и да направиме многу повеќе од тие за 7 години, замислете што можеме да оствариме доколку останеме обединети, силни и доследни на нашите идеали. Иднина за младите, сега, преку создавање на систем и услови кои ќе го вреднуваат сечиј труд. Загарантирани работни места во државните институции за 500-те најдобри студенти во генерацијата, можности за работа со скратено време за студентите без притоа да го изгубат статусот на редовни студенти, отворање на десетици илјади нови работни места, можности за доквалификација и стекнување нови вештини за подобра позиција на пазарот на труд. Инвестиции во ИТ секторот, вештачката интелигенција и ред други програми за започнување сопствен бизнис. Поддршка за младите земјоделци, лекари, инженери, научници и работници. Поддршка за сите млади кои иднината ја гледаат во Македонија преку проекти за олеснување на процесот за почнување семејство и обезбедување сопствен дом. Работиме на враќање и подобрување на иницијативата „Купи куќа за млади“, со која настојуваме од младите луѓе да направиме силни и независни поединци кои самостојно ќе се борат за подобро утре. Работиме на многу други иницијативи и проекти кои ќе ја запишат оваа нова генерација на политичари во историјата како пример за тоа како се работи и како се сака својата татковина и својот народ.

Ќе продолжиме да докажуваме дека власта и младите не треба да бидат противници, како што се навикнавме до сега, туку дека преку дијалог, отворена дебата и транспарентен пристап, можеме да ја изнајдеме заедничката заемна корист. Ова се работите кои не прават различни од нив, бидејќи ние во политиката не влеговме за да критикуваме и да го повторуваме она што му е познато на секој еден граѓанин, туку за да си ја вратиме Македонија назад, во свои раце.

Дојде времето на нашата генерација на политичари која не прифаќа „не“ и „не може“ за одговор, бидејќи ние не знаеме за препреки, туку за системски решенија кои Македонија ќе ја направат подобро место за живеење за секој млад човек. Ние сме силата која ги испорача и донесе промените, и со целата одговорност тврдам дека ние ќе бидеме силата која ќе ја изгради државата која ја заслужуваме.

Почитувани пријатели,

Претходните годишни конференции, речиси постојано зборував за апатијата, бесперспективноста и бездната во која беше втурната Македонија и македонскиот народ. Овие наши собири претставуваа само потсетник дека Македонија се уште има млади луѓе кои се грижат за својата иднина, но и дека истите тие луѓе беа изолирани од сите државнички процеси, оставени на маргините со цел некој да го распродаде и она малку што ни остана.

Долги години зборувавме дека треба да бидеме упорни и да останеме истрајни на идеалите за подобро утре, а верувајте дека нема поголемо задоволство кога гледаме дека целиот труд се исплатеше и Македонија повторно може да зачекори на вистинскиот пат. Пат кој нуди перспективи, иднина, промени, реформи и услови за развој и просперитет на секој млад човек во државата.

Браќа и сестри,

Поминавме низ многу тешки и мачни моменти и токму затоа дозволете ми да изразам искрена благодарност до секој еден од вас кој низ годините даде свој придонес во борбата да си ја вратиме Македонија во свои раце, иако борбата е далеку од завршена. Пред нас е предизвикот да продолжиме со креирање на успешните политики кои Македонија повторно ќе ја направат земја која ќе асоцира со успеси и национална гордост, земја со која секој граѓанин ќе може да се гордее и земја која на младите ќе им испорача иднина за сите и сега.

Веруваме во она што го правиме и ве повикувам да ни се придружите во овие моменти во кои испишуваме историја. Да се обединиме и да покажеме како решително дејствува ВМРО и како се сака Македонија.

Да живее УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Да живее ВМРО-ДПМНЕ, да живее Македонија!

Ви благодарам.

Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер